Во саксија на нечиј балкон осамен виси жолт лимон (десет хаику)

29.04.2022 15:05
Во саксија на нечиј балкон осамен виси жолт лимон (десет хаику)

 

 


Стебла стативи.
Се враќам во детството
да постигнам гол.

***

Ноќно небо. Ко
стаклена масичка со
трошки послана.

***

Летна ноќ. Како
мумии сме пикнати
во бели чаршафи.

***

Ставете им
стапче на облаците.
Шеќерна волна.

***

Се роди тивко
но си замина со тресок.
Мразулецот.

Во саксија на
нечиј балкон осамен
виси жолт лимон.

***

Два песа од две
страни на оградата.
Врз неа гавран.

***

Посакав да скршам
расцветано гранче. Ме
спречија пчели.

***

Убив штурец.
Ноќта стана уште
погласна.

***

Еј комарецу!
Дај прво да заспијам
потоа касај.



Деновиве од печат излезе малата хаику збирка „Ноќно небо“ на Александар Маџаровски. Издавач е ПНВ публикации. За збирката Владимир Мартиновски вели: „Топла и човечна, искрена и непосредна, едноставна и слоевита – хаику поезијата на Александар Маџаровски нè соочува со низа (привидни) противречности. Стиховите се длабоко лични, а истовремено – општочовечки. Кога ги читаме песните од оваа книга, за сите нешта околу нас имаме чувство дека се суштински дел од нас, па затоа сè повеќе (ни) значат. Песните на Маџаровски зрачат со будноста за убавото. Маџаровски моќно нè потсетува на моќта на хаикуто – „да изненадува со познатото“, како што би рекол Конески. Во една од најносталгичните песни, поетот се навраќа во детството: Стебла – стативи. / Се враќам во детството / да постигнам гол. Се чини дека секоја песна од оваа книга е своевиден гол. Пред нас е книга за која без двоумење може да кажеме: Полн погодок!“

Слики: Estée Preda

ОкоБоли главаВицФото