Музеј на неолиберализмот

30.04.2022 00:29
Музеј на неолиберализмот

Лондон доби Музеј на неолиберализмот чии експонати даваат сатиричен преглед на неговите ефекти: од друштвени игри и квизови во кои натпреварувачите настојуваат да го уништат јавното здравство или железницата до донирано шише со урина од работник од складиште на Амазон. Музејот е отворен непосредно пред избивањето на пандемијата заради која заживеа дури во последно време. Музејот го основаше уметникот Дарен Кулен, а идејата за музејот ја добил кога слушнал дека Дејвид Камерон има намера да финансира основање музеј во чест на Маргарет Тачер. Во 2015 година Кулен започна да работи на проектот со кустосот Гавин Гриндон, со кого соработуваше на проектот на Бенкси за дистопискиот тематски парк „Дисмаленд“. На почетокот имале намера да направат музеј на тачеризмот, но според неодамнешната изјава на Кулен за The Quietus, најпосле одлучиле да ја прошират идејата зашто сфатиле дека не можат да зборуваат за Тачер а да не ги споменат „момците од Чикаго“, Пиноче и поимот неолиберализам: „Не сакавме да направиме музеј на Маргарет Тачер за да покажеме, еве ова е чанта што ја носела. Не се работи за тоа дека една историска фигура дошла на лоша идеја, туку дека поддржувала идеологија која сè уште ја застапуваат многумина во политичкиот естаблишмент ширум светот“.

Кулен добил средства за изградба една верзија од музејот во Брајтон, а во 2019 година одлучил да го пресели во Лондон. Преку донации собрал пари да го пресели и постави музејот пред своето студио во Луишам во шопинг центарот Лигејт. „Нешто слично никогаш не би добило институционална поддршка, така што моравме сами да го направиме. А реакциите се неверојатни“. Меѓу експонатите се наоѓа вистинско шише со урина која ја донираше анонимен работник од Амазон, како референца за скандалот кој изби во 2018 година кога анонимен новинар откри дека работниците во складиштето на Амазон уринираат во шишиња плашејќи се од отказ доколку отидат на пауза; илустрации за приватизацијата на здравството, друштвена игра за приватизација на железницата „UK Rail Monopoly“; огромни листи од некогашни јавни, а денес приватизирани институции, како и екран на кој може да се гледа квизот „The PFI Game“ кој се подбива со партнерствата на јавните и приватните компании кои доведуваат до монопол на приватните компании во одредувањето на цените.

„Една од пораките кои сакаме да ги пренесеме преку музејот е дека неолиберализмот во основа е класна солидарност и организираност - но на богатите. Помеѓу 1950 и 1980 година нееднаквоста беше релативно мала зашто работниците стекнаа поголема моќ преку синдикатите и организирањето. Како одговор на тоа, владејачките класи се соединија во промовирањето на неолибералните идеи преку кои ќе ја зацврстат својата позиција со трупање богатство и моќ“, рече Кулен. „Нееднаквоста во приходите сега е поголема од 1920 година, и колку помалку моќ имаме да му се спротивставиме на тоа, толку ситуацијата е полоша“. Сестрински проект е и „Hell Bus“ кој Кулен ќе го вози следната година на фестивалот Гластонбери. Во автобусот ќе има серија инсталации кои ќе го свртуваат вниманието на посетителите на активностите на нафтената компанија Шел: „Автобусот е обид да се истакне апсурдноста на гринвошинг пропагандата така што ќе биде невозможно да се види вистинската реклама за овие срања а да не пукнеш од смеење. Секогаш кога нафтена компанија ќе се обиде тоа да го претстави како решение, би требало да ја замолчиме со смеење“, изјави Кулен. „Зашто тие сè уште бараат нови наоѓалишта за нафта и гас, и сè уште отвораат нови бушотини, лобираат за фракување, нафта од шкрилци и нови нафтоводи и постојано го прошируваат своето работење“.

Кулен, попознат под називот Spelling Mistakes Cost Lives, смета дека ангажираната уметност може да биде само поддршка за активизмот: „Може да ги заинтересира луѓето во однос на активизмот, може да помогне во пренесувањето идеи и подигнување на моралот на луѓето кои лично се изложуваат преку активизмот. Уметноста е дел од борбата, но има споредна улога.“ Кулен, роден во 1983, како тинејџер работел како доставувач на весници како што се Дејли Мејл, Експрес и Сан и, како што вели, под нивно влијание дури размислувал да се вклучи во екстремно десната партија УКИП. Во меѓувреме, како што вели, созреал и се променил под влијание на литературата со која дошол во контакт за време на студиите во Глазгов. Во своето работење настојува да ги поттикне и другите да ја променат перспективата, а најчесто презема формати од комерцијалното и политичкото огласување за да ја бомбардира публиката со сатиризиран приказ на општеството.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност / Настан
Општество / Активизам / Екологија / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото