Најконтроверзните фотографии во историјата (1)

02.05.2022 16:56
Најконтроверзните фотографии во историјата

Појавата на фотографиите ни овозможила да ја доловиме суштината на реалноста на парче хартија. Многу фотографски документарни проекти и слики може да се означат како контроверзни: или зашто темата е тешка за гледање, или зашто раскажува приказна што не се совпаѓа со нашите сфаќања за општеството.

Подолу можете да погледнете некои од најконтроверзните фотографии во историјата на фотографијата.



Чарлс Мур - Движење за граѓански права (1963)

Извор на фотографија: Галерија Стивен Кашер

Чарлс Мур, фотограф за „Монтгомери Едвајзор“ и за „Лајф“, се нашол сред судирите во движењето за граѓански права во САД помеѓу 1954 и 1968 година. Движењето било особено немилосрдно во Алабама и во Бирмингем поради раширениот расизам во овие области.

Фотографијата на Мур прикажува полициско куче како ја загризува ногата на еден Афроамериканец. На сликата јасно може да се види дека полицаецот наместо да го спречи, го наговара кучето.

Иако направил многу фотографии со фокус на ова движење, на оваа најефективно ја прикажал сегрегацијата како реалност. Насилството било брутално, но рутинско и лежерно.

Фотографијата објавена во магазинот „Лајф“ му овозможи на остатокот од светот да види што се случува. Една година подоцна бил донесен Законот за граѓански права, кој конечно ја укина сегрегацијата.


Дона Ферато - Семејно насилство (1982)


Извор за фотографијата: „Тајм магазин“

Ферато како фотографка особено се трудела да поминува време со субјектите на нејзините фотографии. Таа станувала дел од нивното семејство и круг на пријатели за да може да сними искрени фотографии.

Работела на проектот „Свингерс“, а субјекти ѝ биле Бенгт и Елизабет, кои ги запознала на свингерска забава. Двојката организирала екстравагантни забави во нивниот дом, каде се консумирало кокаин и алкохол.

Еден ден Елизабет го скрила кокаинот на Бенгт и парот се скарал. Во мигот кога Бенгт ја кревал раката за да ја удри Елизабет, Ферато успеала да направи фотографија. Таа била сигурна дека Бенгт нема да ја удри својата сопруга. Меѓутоа, тој ја удрил со таква жестокост, што Ферато била потресена.

Од тој момент, нејзина мисија станало да го разоткрие семејното насилство ширум Америка. Направила многу фотографии кои помогнале да се расветли проблемот и кои на крајот довеле до донесувањето на Законот за насилство врз жените во САД.


Метју Брејди - Граѓанска војна (1862)



Метју Брејди бил еден од најпознатите фотографи на своето време. Тој ја направил сликата Абрахам Линколн која се наоѓа на банкнотата од 5 долари. Во 1862 година Брејди организирал изложба во своето студио во Њујорк, во која го прикажал насилството на бојното поле.

Додека граѓанската војна била во тек, на фотографиите била прикажана дотогаш невидена бруталност: војници без нозе и раце, мртви војници на бојното поле, нивните трупови оштетени до непрепознатливост. Според „Њујорк Тајмс“, „Брејди направи нешто за да ни ја претстави ужасната реалност и сериозноста на војната. Тој не ги донесе телата и не ги положи во нашите дворови и на улиците, но направи нешто многу слично“.


Рон Галела - „Кумот на папараци културата“


Извор за фотографијата: Телеграф

Рон Галела беше еден од фотографите кои го започнаа трендот папараци. Како што фотографијата стануваше вообичаена, се зголеми побарувачката за слики од познати личности и, се разбира, за невообичаени фотографии; фотографии кои би ја пренеле суштината на славните на нов начин.

Тоа сериозно ги загрози личните животи на познатите личности и доведе до тренд на „прогонување“ на познатите за да се добие одлична фотографија. Најпозната е фотографијата на Жаклин Кенеди Оназис, снимена од Рон Галела. Галела бил малку претерано занесен во својата улога; тој дури еднаш останал без заби поради своите лудории.


Стен Форман – „Жена што паѓа“ (1975)



Форман бил фотогарф за „Бостон Хералд“ и известувал од локацијата на пожарот. Фотографирал додека пожарникарот се обидувал да ги спаси жената и нејзиното дете. Меѓутоа, несреќата се случила во дел од секундата кога пожарникарските скали пукнале и жената и детето паднале.

Стен го овековечил тој момент во фотографија која му донела Пулицерова награда.


Кевин Картер – „Изгладнето дете“ (1993)


Извор за фотографијата: Business Line

Во 1993 година Кевин Картер ги фотографирал последиците од гладта во Судан. Таму направил фотографија на која е прикажано изгладнето дете пред смрт.

Детето боледувало од Квашиоркор, болест која е резултат на недостаток на исхрана. Рацете и нозете на детето се со големина на стапчиња, а стомакот му е отечен и испакнат. Највознемирувачкиот дел од оваа слика е мршојадецот што чека во позадина.

Ужасот прикажан на сликата предизвикал бес низ целиот свет и го привлекол вниманието кон гладот во Судан. Сликата и приказите што ги видел во Судан го прогонувале Картер до тој степен што извршил самоубиство во 1994 година.

 

Извор: Зона-занимливости

ОкоБоли главаВицФото