Пуштени во продажба билетите за ПичПрич - гала настан за раскажување женски приказни на тема „Цепки“ - ALL STARS

04.05.2022 13:20
Пуштени во продажба билетите за ПичПрич - гала настан за раскажување женски приказни на тема „Цепки“ - ALL STARS

Иницијативата за раскажување на женски приказни ПичПрич во авторство на Ана Василева и Румена Бужаровска заедно со Тиииит! Инк. со задоволство ве известуваат дека билетите за овогодинешниот ALL STARS гала настан на тема „Цепки“ се пуштени во продажба! Билетите се продаваат по цена од 200 денари и можете да си ги набавите онлајн на mktickets.mk или да си ги купите и/или резервирате на билетарница на Филхармонија. Гала настанот „Цепки“ ќе се одржи на 13.05.2022 со почеток од 20 часот, во Филхармонија на Република Северна Македонија.

Темата на гала настанот е во чест на овогодинешниот десетгодишен јубилеј на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО. Во фокус на настаните на десеттата едиција на фестивалот оваа година е субверзивната моќ на хуморот, посебно имајќи го предвид традиционалното исклучување на женските гласови од полето на смешното и честото исмевање со „типично женските“ искуства. Темата „Цепки“ има за цел да понуди повеќе интерпретации на тоа што е смешно, а истовремено и да ја насмее публиката.

Свои интерпретации на темата ќе раскажат петмина локални раскажувачи кои со своите настапи веќе оставиле голем впечаток на публиката на ПичПрич - уметницата Јана Јакимовска, планинарката и уметница Илина Арсова, писателот Петар Андоновски, радио водителката Маја Казакова, како и режисерката Софија Ристевска. Како и на сите други гала настани на ПичПрич, настапува и една регионална раскажувачка, а тоа е хрватската книжевничка и активистка Мима Симиќ.

Поради пандемијата, влезниците оваа година се во строго ограничен број - 75% од просторните капацитети на Филхармонија. Настанот ќе се реализира согласно актуелните мерки/протоколи за организирање настани во затворен простор.

Би ни било исклучително драго доколку го посетите настанот и заедно го одбележиме отворањето на овогодинешната програма на десеттото издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО. Побрзајте и со време набавете си карти за вечерите на раскажување женски приказни за коишто секогаш се бара влезница плус.

Настанот е поддржан од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.

 

ОкоБоли главаВицФото