Да, Парадата е неопходна зашто видливоста е неопходна, зашто револтот е преголем, зашто неправдата е историска, достоинството прегазено, институциите незаинтересирани и неспособни, заради сонот за една слобода која удобно ја уживаат оние кои прашуваат: „Што ви е одземено за да го барате?“, без да разберат дека на оваа заедница ништо не ѝ е ни дадено за да ѝ биде одземено.
Поради сите одвратни навреди, поради безобразното наметнување во туѓата интимност до степен на перверзија, поради дехуманизирањето на цела маса граѓани, нарекувајќи ги маскоти, грешки и изроди, поради неказнетиот говор на омраза што некој го нарекува слобода на говор.
Понатаму, поради небезбедноста и останувањето без пријатели, ближни, родители. Поради изгубените животи. Поради секое „Бидете си тоа што сте, ама дома кај вас“, кажано без да се стави прст на глава и да се помисли колку е нечовечно и грозно да се изјави такво нешто и од која надмена позиција се изјавува такво нешто. Поради секој ден поминат во страв, срам и омаловажување.
Зашто не ни знаете кого можете да навредите кога пишувате и кажувате клетви, зашто оној за кој најмалку претпоставувате, а го имате во вашиот живот, може да биде еден од тие педери или лезбејки на кои им посакувате одвратности.
Поради секое дете кое мисли дека е невредно и незаслужно љубов, грижа, прифаќање, права и еднаквост. Поради скршеноста, но и заради вербата во и борбата за подобро утре.