„Атласот на тајните“ и „Денот на црвот“ (извадоци од романите)

07.05.2022 14:12
„Атласот на тајните“ и „Денот на црвот“ (извадоци од романите)

„Денот на црвот“, Симона Јованоска, (Или - Или)

Луис ја запозна Патриција на тезга. Не беше сигурен што најпрво го привлече; нејзината вродена љубезност зад широката насмевка или рачно навезените перничиња од лен.„Зошто токму Вашите, а не оние од тезгата подолу, мадам?“ ќе прашаше Луис, а таа секогаш му даваше поинаков одговор: „Зашто во ова перниче имам долго врескано“, или „Врз ова имам сонувано“, или „Со ова го имам мавнато Хитлер по главата“, или „Ова е полно со љубовен шепот“. Ништо од тоа не беше реално, секако, освен чувството за бизнис на Патриција што низ животот ја водеше во необични правци.

Патриција, на некој начин, беше зависна од работа. Не толку од обврските, ефикасно планирани и делегирани на луѓето што соработуваа со неа, туку од крајниот чин - моментот на конечно надмудрување.Сметаше дека во бизнисот успеваат само оние што ќе го откријат најдобриот начин за да ги надмудрат конкурентите, клиентите, па дури и деловните партнери, без да ги прелажат и без да ги остават оштетени.Постојано слушаше како луѓето се жалат дека нема пари, но пари имаше, да, само што тие не беа праведно распределени. А праведноста, сама по себе, немаше никаква вредност, што воопшто значеше таа? Еднакво за сите по човек или по учинок? Или по семејство? И, што ако семејството имаше куче или златна рипка, дали во тој случај беше во предност пред другите во еднаквоста?

„Наша задача е да најдеме легален начин како да ги присвоиме туѓите пари, притоа оставајќи ги луѓето среќни, па дури и благодарни што добро ги вложиле своите пари“, зборуваше Патриција додека внимателно ги лакираше ноктите со црвена боја.

Луис не го делеше истото чувство за бизнис, но, од друга страна, беше вреден и трудољубив работник, кој никогаш не отстапуваше пред многубројните обврски.Претпочиташе јасно дефинирани задачи, педантно ги извршуваше и беше задоволен како уличен пес погален од случајни минувачи. Партнерството со Патриција дојде подоцна. Најпрво настапи фантазијата за неа, ах толку вивидна и заводлива, чиниш отров.Беше вљубен уште пред да се свести што се случува, во совршената верзија на Патриција што постоеше само во неговата глава. Интересот што таа го пројавуваше кон него неизмерно му ласкаше и поради тоа се чувствуваше замелушен како најсреќниот човек на светот. Патриција беше силен противник, тоа отпосле го дозна.Нејзината борбеност ја доведуваше во рамнотежа врската што изгледаше како вечна борба на рака без победник. Тоа, и тоа како му беше потребно од жена.Затоа беше лесно да се плови низ брачните брзаци без да се удават брачните кајакари. Додека се обидуваа во најразлични бизниси,љубовта спонтано се трансформираше во бизнис партнерство каде што секој ги извршуваше своите обврски.Бидејќи бракот не беше ништо друго освен интензивно заедништво, Луис и Патриција, усогласени како рака и ракавица, секојдневно откриваа нови начини за негова консумација.

Најпрво почнаа со мал ресторан во едно од неатрактивните предградија. Бидејќи сметките за кирија беа пониски, можеа да си дозволат мени со пристапни цени, кое, пак, влечеше неугледни гости.Патриција изборот го сведе на десетина оброци, водејќи се од убедувањето - што потесна понуда, тоа повисок квалитет. Гостите ги третираше со почит, без разлика што тие понекогаш не знаеја за што служи малата лажичка и преферираа да јадат со прсти.

„Атласот на тајните“, Дејан Крстески

Петар несигурно влезе во канцеларијатa на докторот.Соба опремена со стар канцелариски мебел.Загушливиот и топол воздух кај него веднаш предизвика чувство на гадење.Откако докторот го понуди да седне со грижлив и вознемирен глас, Петар сфати дека нешто сериозно е во прашање. Седна спроти него, а меѓу нив имаше стара катедра на која се наоѓаа неколку расфрлани книги и стручни списанија од областа на медицината и психијатријата, чаша со вода, еден мал часовник свртен кон докторот и две рамки со слики кои не беа видливи за Петар. Петар удобно се смести во фотелјата. Почнаа да разговараат.

„Утрово имавме непријатност со вашата сопруга. Токму кога терапијата што ѝ ја дадовме престанала да дејствува, вашата сопруга се обидела да избега“, обвинувачки му се обрати докторот.

Петар вџашено занеме. Како да не знаеше што треба да каже. Само немо го гледаше докторот.

„Вашата сопруга се разбудила рано наутро и бесно истрчала од својата соба. Стигнала до влезната врата на психијатриското одделение, но кога видела дека е заклучена се вознемирила уште повеќе. Кога дежурната медицинска сестра се обидела да ја врати во соба, вашата сопруга ја нападнала.Сакала да си оди дома...“, смирено објаснуваше докторот.

„Како мислите ја нападнала?“, вознемирено го прекина тој. Изразот на лицето му беше збунувачки.

„Вашата сопруга била видно вознемирена и сакала да си замине веднаш за да не ја стигнат 'тие'...“, објаснуваше докторот.

„Кој се тоа 'тие'?“, повторно дрско и нервозно го прекина, но докторот продолжи да зборува како да не му обрнуваше внимание на тонот на неговиот глас.

„Вашата сопруга бегала од човекот со наметка и неговите луѓе кои сакале да ѝ наштетат. Во својот обид дури и ја нападнала дежурната медицинска сестра туркајќи ја и удирајќи ја со главата во ѕидот“, детално објасни докторот, а потоа подзастана.„Дали сте запознаен со човекот со наметка? Таа вели дека тој бил чест гостин во вашиот дом.Дали некогаш ви има раскажувано за него?“, загрижено го праша докторот.

Петар се замисли. Му текна на раскажувањата на Марија за човекот со наметка кој ја прогонува. Го плашеше и самата помисла на него и фактот дека тој навистина може да постои. Само за момент се загрижи поради недовербата кон својата сопруга. Си помисли, можеби таа сепак му ја кажувала вистината. Веднаш почувствува грижа на совест.

„Кој може да е тој човек докторе?“, загрижено го потпраша. „Како можел да ја пронајде тука, во болница?Дали и вие го видовте?“, заинтересирано и наивно праша Петар, не насетувајќи што докторот се обидува да му каже.

Докторот кисело се насмевна. Кога забележа дека насмевката не му е возвратена, се обиде уште неколку секунди да ја задржи пластичната насмевка на своето лице. „Во тоа е суштината Петар, човекот не постои. Никаков човек со наметка не ја прогонува вашата сопруга.“

„Како е возможно тоа? Ако мојата сопруга тврди дека тој човек постои, тогаш јас ѝ верувам“, нервозно и луто се противстави Петар, но овојпат со сомнеж во очите.Почна да го насетува она, што докторот се обидуваше да му го соопшти.

„Подобро би било да не ѝ верувате“, му рече докторот додека стануваше од својата удобна столица и се упати кон прозорецот. Се загледа надвор, како да се случува нешто интересно.