1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Никој не посакува абортус, дури и кога е безбеден и легален. Тоа не е нешто што која било жена би го избрала за добар помин во сабота навечер. Но, никој не посакува ни жени што крварат до смрт на подот во бањата изведувајќи нелегални абортуси. Што да се прави?
Можеби поинаков начин на пристапување кон проблемот би бил да се праша: Во каква земја сакате да живеете? Таква во која секој поединец е слободен да донесува одлуки за своето здравје и тело, или таква во која половина од населението е слободно, а другата половина – поробено?
Жените кои не можат сами да одлучуваат дали да раѓаат бебиња се поробени бидејќи државата тврди дека ги поседува нивните тела и дека има право да диктира на кој начин нивните тела мора да се користат. Единствената слична околност за мажите е регрутирањето во војска. Во двата случаи постои ризик по животот на поединецот, но на воениот регрут барем му се обезбедува храна, облека и сместување. Дури и криминалците во затворите имаат право на тие нешта. Ако државата наложува присилно породување, зошто да не плаќа за пренатална грижа, за самото пораѓање, за постнатална грижа и – за бебињата кои нема да бидат предадени на побогати семејства – за трошоците за одгледување на детето?
И ако државата многу ги сака бебињата, зошто да не ги удостои жените кои имаат најмногу бебиња со тоа што ќе ги почитува и ќе ги извлече од сиромаштија? Ако жените ѝ пружаат потребна услуга на државата – макар против своја волја – тие сигурно треба да бидат платени за својот труд. Ако целта се повеќе бебиња, сигурна сум дека многу жени би се согласиле за соодветен надоместок. Во спротивно, тие се склони да го следат природниот закон: цицачите со плацента ќе абортираат соочени со недостаток на ресурси.
Но, се сомневам дека државата е подготвена да оди дотаму да ги обезбеди потребните ресурси. Наместо тоа, само сака да го повтори вообичаениот евтин трик: да ги принуди жените да раѓаат бебиња, а потоа да ги натера да платат. И да платат. И да платат. Како што реков – ропство.
Ако некој избере да има бебе, тоа е, секако, друга работа. Бебето е подарок, даруван од самиот живот. Но, за да биде подарок, нештото мора да биде слободно дадено и слободно примено. Подарок може и да се одбие. Подарокот што не може да се одбие не е подарок, туку симптом на тиранија.
Велиме дека жените „раѓаат“. И мајките кои избрале да бидат мајки навистина раѓаат и тоа го чувствуваат како подарок. Но, ако не избрале, раѓањето не е подарок што го даваат; тоа е изнуда од нив против нивна волја.
Никој не ги принудува жените да абортираат. Никој не треба ниту да ги принудува да раѓаат. Ако веќе така сакате, наметнете го раѓањето деца, но барем наречете го со вистинскиот назив. Тоа е ропство: тврдењето дека се поседува туѓото тело, контролата над туѓото тело и профитирањето од тоа тврдење.
Извадок од збирката есеи „Горливи прашања“ од Маргарет Атвуд.
Извор: Гардијан
Превод: Ф.К.