Кандидатурата во мирување, Европа на почек

09.05.2022 15:26
Кандидатурата во мирување, Европа на почек

Човекот се раѓа со инстинкт за верување и со разум да го употреби тоа во што верува. Разумното мислење и преиспитувањето на она што човек го впил заедно со мајчиното млеко е дисциплина што се учи и се развива со тежок труд и многу години вежбање. Токму затоа луѓето способни за критичко мислење и преиспитување на веродостојноста на фактите од животот се исклучително ретки. Тоа е и причината за толку лесните и честите масовни провали на глупоста во светот.

Дефиницијата на слепата верба е дека е тоа верување без разум и разбирање, без вистинска перцепција на работите. Но, се работи за „тенка“ дефиниција, бидејќи секое верување е слепо: човек не верува во тоа што го гледа, туку го гледа тоа во што верува. Зашто, и науката се темели во вербата во сопствените доказни методи, чесноста во преиспитувањето на фактите, како и логичноста и непротивречноста на постапките и заклучоците. Инстинктот или интуицијата, како сакате, секогаш се побрзи од методичната мисла.

Ако вербата не е слепа, таа не му е од корист на човекот. Зашто тој, од својот прв здив на земјата, преживува само поради слепата верба во безусловната љубов на мајката што му дала живот, што го храни и што потем го учи како да преживее. Таа верба потоа се пренесува кон сите авторитети што го воспитуваат и учат, за на крајот да се пренесе на институциите на црквата, државата, партијата, медиумите и – каков ли еволуциски антиклимакс – на социјалните мрежи. Денес е повеќе од кога и да е јасно дека луѓето што се способни да поверуваат во сè што ќе чујат од непознат маж или жена, додека се возат со градски превоз, се превладувачкото мнозинство од човештвото.

Посебно ужасен аспект на скаската за верувањето е што кога човек ќе поверува во нешто, буквално во што и да е, потоа целото негово его и сета скриена суета застануваат во негова одбрана. Не случајно Твен рекол дека луѓето можеш многу полесно да ги измамиш, отколку да ги увериш дека биле измамени. Но, во нашата приказна воопшто не станува збор за вистина или за лага, туку за неверојатната човекова инерција и неподготвеност да преиспита, да смени и да исправи дури и работи што секојдневно се докажуваат како погрешни, толку очигледни факти што би помислиле дека е невозможно да не бидат коригирани.

Правилото на десната рака е одличен пример за планетарна глупост и неспособност за поправка на една очигледна глупост. Зборувам за возачкото правило, односно за правилото во моторниот сообраќај, едно од најуниверзалните и најосновните правила на безбедноста во јавниот сообраќај. Сите што положиле возачки испит мораат да го знаат: на необележена крстосница во која се сечат две улици од ист ранг, предност има возилото што ви доаѓа од десно. Правилото е безмалку цел век старо, од кога моторниот сообраќај стана незаобиколлива стварност, и го пишува во секој правилник за возење, во сите земји што возат на десната страна од коловозот. Се разбира, на правилото ништо не му фали, освен што е погрешно.

Не знам како настанала првата грешка, „прималниот грев“, но најверојатно тоа била некоја зелка што го препишала од англиска тетратка, не водејќи сметка дека во Англија се вози на левата страна од патот. Таму правилото на десната предност е логична, интуитивна и сообраќајно веродостојна, зашто при крстосување на тие што возат по левата страна најважно е да гледаат вдесно – од каде што им наидува опасноста – и на возилата што им наидуваат од десно да им дадат предност. Меѓутоа, кај нас кои возиме на десната страна на патот, десната предност е контраинтуитивна и сообраќајно погрешна, зашто ние на крстопат треба да гледаме влево и таму да ја даваме предноста.

Не треба да се убедуваме многу во грешноста на „правилото на десна рака“ (златниот стандард на правилата на безбедноста на јавните патишта!), зашто ние во сите други ситуации гледаме влево и ја даваме предноста на возилата што ни доаѓаат од лева страна. Исто е и кога сечеме пат или улица: тој што го сече правецот му дава предност на тој што вози право, а не обратно – како што налага идиотското „правило на десната рака“. Бесмисленоста на правилото јасно се докажува и во крстосниците со кружни текови, кадешто предноста ја имаат тие што доаѓаат од лево.

Ќе запрашате, се сетил ли некој да го исправи толку очебијно погрешното правило? Никој! Дури 5 до 10 насто од сите барања за осигурување на штета на возила на целата планета отпаѓаат на судири предизвикани од нелогичното и длабоко погрешно правило на десната рака. Станало ли некому сомнително што предноста на десната страна ја имаат и земјите што возат на левата страна од патот? Не.

Во светлото на овие најнови откритија на науката за глупоста, општобугарското уверување за бугарскиот „происход“ на Македонија и на Македонците, за националниот и лингвистичкиот инженеринг со кои комунистичките злосторници ги измислиле овие вештачки творби, само за да ги одвојат и да ги одродат од бугарската матица, е апсолутно објективна психосоцијална, историска и политичка состојба на чијашто корекција или промена никој со здрав ум не треба да се надева. Овие бугарски „вистини“ ги пијат помешани со мајчиното млеко цели поколенија Бугари, уште од национално остварување во 1878 година. Всушност и од порано, зашто веќе од 1870 бугарската егзархија ги вложува сите свои ресурси во побугарчување на македонските Славјани во овие краишта. Се разбира, најсилното оружје за бугарскиот национален и културен инженеринг биле – како и секаде, како и секогаш – црквите, црковните и другите училишта, гимназиите и трговските школи, што егзархијата ги отворала со дозвола на Портата. Веќе до 1890 година на територијата на денешна Македонија работеле дури 800 егзархиски училишта!

Ако земеме дека едно поколение зафаќа 25 години на временската оска, тогаш до денес цели седум поколенија Бугари го цицаат од мајчините гради и потоа цел живот го сонуваат сонот за бугарска Македонија. Па како тогаш човек може да им замери на верувањето, на сонот што го сонувале и нивните пра-пра-пра-пра-и веќе не знам колку прадедовци и прабаби? Навистина, вината не е до нив, па тие – кутрите – и не знаат за друго?

Така што, исто како што е јасно дека бугарското уверување за потеклото и за природата на Македонија и на Македонците е историска даденост за која не можат да се обвинат живите Бугари, зашто петте поколенија нивни мртви претци го сонувале истиот сон, исто така треба да ни е јасно дека преговорите со Бугарите на таа тема се апсолутно и тотално непотребни, бесцелни, јалови и однапред осудени на пропаст. Ако ја согледа големата слика реално и сурово, секој ќе сфати дека Македонија е на губиток со каков и да е исход на преговорите со Бугарија. И повеќе, Македонија е на губиток со секоја секунда од траењето на преговорите, без оглед дали тие ќе имаат каков било исход.

Суштината на проблемот не се Бугарите – како што рековме, не се тие виновни, толку им сече – туку Европа, тој мрачен предмет на нашите желби! Европа е таа што на Бугарите им дозволува да го искористи нејзиното проширување за остварување на своите мрачни соништа, исто како што тоа го направи со царска Германија и со Австро-Унгарија во 1915, исто како што тоа го направи и со Хитлерова Германија во 1941. Секогаш кога ќе ги препознае историските околности во своја полза – за остварување на нејзиниот македонски сон – Бугарија го користи без втора мисла, без ум и задршка. Европа е таа што не става во ситуација ние да го решиме – на наша штета – најзиниот внатрешен проблем со Бугарија и со европската политика на проширување, и да преговараме за уценувачки ултиматуми со држава што го сонува нашето непостоење. На тој начин Европа практично ги поништува сите вредности заради коишто постои, а тоа се истите оние вредности заради кои ние со децении коленичиме пред нејзините врати.

За македонцките работи со Бугарите веќе не смее да се преговара, зашто не само што преговорите се апсурдни, безизгледни и понижувачки, туку и самото нивно треаење ни ја аби тенката национална супстанца и ги јакне нашите внатрешни самоуништувачки вмровски сили. А, европската кандидатура за членство треба да ја ставиме во мирување, додека Европа самата не си ги реши внатрешните проблеми со сопственото проширување. На Европа ѝ е потребна веродостојна повратна информација, а до нас е да ѝ ја испорачаме со повлекување на нашата кандидатура.

Слики: Владимир Лукаш

Извор за текстот: Слободен печат
 

ОкоБоли главаВицФото