Зошто Лајбах и НСК не се фашисти

18.01.2011 15:36
prank1_6.jpg

Суперегото е опсцен „ноќен” закон кој нужно го дублира и како сенка го следи „јавниот” Закон. Ова инхерентно и конститутивно раздвојување на Законот е тема на филмот „Неколку добри луѓе” (A Few Good Man) на Роб Рајнер, драма за воениот суд, во која двајца маринци се обвинети за убиство на еден војник. Воениот обвинител тврди дека чинот на двајцата маринци е намерно убиство, додека одбраната успева да докаже дека обвинетите само го следеле таканаречениот „црвен код”, кој дозволува тајно ноќно претепување на војник, код кој, според мислењето на војник од ист ранг или на претпоставен офицер, го прекршил етичкиот код на маринците. Функцијата на овој „црвен код” е крајно интересна: тој го простува чинот на престап - илегалното казнување на другиот војник - но истовремено ја потврдува кохезијата на групата, односно повикува на чин на крајна идентификација со вредностите на групата. Таквиот код мора да остане во закрилата на ноќта, непризнаен, неискажан - јавно секој се прави дека не знае ништо за него, или дури активно го негира неговото постоење. Тој го претставува „духот на заедницата” во најчиста форма, вршејќи најсилен притисок врз единката за тааа да се согласи со неговиот мандат на групна идентификација. Меѓутоа, во исто време, тој ги крши експлицитните правила на животот во заедницата. (Несреќата на двајцата обвинети војници е во тоа што не се во состојба да го разберат ова отстапување на „црвениот код” од „големиот Друг”, доменот на јавниот Закон; тие очајнички се прашуваат: што згрешивме?, бидејќи само ја следеле наредбата на претпоставениот офицер.)

Откаде произлегува тоа кинење на Законот на пишуван јавен Закон и на неговата опачина, „непишаниот”, опсцен, таен код? Од недоволниот, несеопфатен карактер на јавниот Закон: експлицитните, јавни правила не се доволни, така што мораат да се дополнат со таен, „непишан” код насочен кон оние што, иако не кршат никакви јавни правила, негуваат еден вид внатрешна дистанца и во суштина не се идентификуваат со „духот на заедницата”.

Значи, полето на Законот се дели на Закон низ „его-идеалот”, т.е симболички ред што го регулира општествениот живот и го одржува социјалниот мир, и на неговата опсцена „суперего” - спротивност. Многубројните анализи од Бахтин наваму покажаа дека периодичните кршења на јавниот закон му се инхерентни на социјалниот ред, тие функционираат како услов за неговата стабилност (грешка на Бахтин - или попрво грешка на некои негови следбеници - е што ги идеализираа тие „трансгресии” додека премолчуваа пред толпите за линчување и сл., објаснувајќи ги „трансгресиите” како суштински форми на „карневалско укинување на општествената хиерархија”).

Она што најсилно ја одржува заедницата како „целина” не е толку идентификацијата со Законот што го регулира „нормалниот”, секојдневен тек на заедницата, туку попрво идентификацијата со специфичната форма на кршење на Законот (психоаналитички кажано, со специфичната форма на уживањето).
Да ги погледнеме провинциските заедници на белците на американскиот Југ во дваесеттите, каде што владеењето на заедничкиот, јавен Закон е проследено со неговиот мрачен двојник, ноќниот терор на ККК, линчувањето на беспомошните црнци: на (белиот) човек лесно му се простуваат ситни прекршувања на Законот, особено кога е можно да бидат оправдани со „кодот на честа”; заедницата и понатаму го признава како „еден од нас”. Меѓутоа, тој ефикасно ќе биде екскомунициран и прогласен за „не еден од нас”, штом ќе се откаже од специфичниот облик на трансгресија присутен во тоа општество - на пример, штом ќе одбие да учествува во некој ритуален линч на кланот, или можеби дури членовите на кланот ќе ги пријави на Законот (кој, се разбира, не сака да слушне за нив, зашто тие ја егземплифицираат неговата сопствена опачина). Нарцистичката заедница се потпира на истата „солидарност” во вината, предизвикана со учеството во заеднички прекршок: беа прогонувани оние коишто не сакаа да ја прифатат темната страна на идиличниот Volksgemeinschaft, ноќните погроми, претепувањето на политичките противници - накратко, сето она што „секој го знаеше но не сакаше за тоа гласно да говори”.

Во светлина на оваа конститутивна тензија на Законот меѓу јавниот/пишуван Закон и суперегото, треба да се разбере необичното критичко-идеолошко влијание на Neu Slowenische Kunst, особено на групата Лајбах. Во процесот на дезинтеграција на социјализмот во Словенија тие на сцена ја прикажаа агресивната недоследна мешавина на сталинизмот, нацизмот и "Blut und Boden" идеологијата. Првата реакција на просветените критичари левичари беше гледањето на Лајбах како на иронична имитација на тоталитарните ритуали; меѓутоа, нивната поддршка на Лајбах секогаш беше проследена со нелагодно чувство: „Што ако Лајбах ја преценува својата публика? Што ако публиката сериозно го сфати она што Лајбах со потсмев го имитира, така што всушност го јакне она што сака да го подрива?” Ова чувство на непријатност почива врз претпоставката дека ироничната дистанца автоматски е и субверзивен став. Но што ако напротив, доминантен став на современиот „постидеолошки” универзум е токму таа иронична дистанца во однос на јавните вредности? Што ако таа дистанца, која не претставува никаква закана за системот, ја означува највисоката форма на конформизмот, бидејќи нормалното функционирање на системот бара цинична дистанца? Во оваа смисла стратегијата на Лајбах се појавува во нова светлина: таа го фрустрира системот (владеачката идеологија) токму зашто не е негова иронична имитација, туку претерана идентификација со него; изнесувајќи ја на виделина опсцената суперего опачина на системот, претераната идентификација ја суспендира неговата ефикасност. ( За да го појасниме начинот на којшто ова разоткривање, ова јавно прикажување на опсценото фантазматично јадро на идеолошкото здание, го суспендира неговото нормално функционирање, да се потсетиме на, на некој начин хомологниот феномен во сферата на индивидуалното искуство: секој од нас има некој личен ритуал - фраза, прекар итн., гест - кој го користи само во најинтимниот круг на најблиски пријатели или роднини; кога тие ритуали ќе станат јавни, нивниот ефект нужно е посраменост и срам - посакуваме да пропаднеме во земја...)

Врвното средство на Лајбах е нивната вешта манипулација со трансферот: нивната публика (особено интелектуалците) е опседната со „желбата за Другиот”; и, тогаш, која е Лајбаховата вистинска позиција, дали се всушност тоталитаристи или не? - тие му поставуваат на Лајбах прашање и очекуваат оттаму одговор, пропуштајќи да прифатат дека и самиот Лајбах не функционира како одговор, туку како прашање. Преку недофатливиот карактер на нивната желба, нерешителноста околу тоа „каде всушност се наоѓаат” Лајбах нè принудуваат да ја одредиме сопствената позиција и да одлучиме за сопствената желба.

Лајбах овде го постигнува пресвртот што го дефинира крајот на психоаналитичкото лекување. На почеток на лекувањето е трансферот: трансферниот однос стапува на сила штом психоаналитичарот ќе се појави со маската на субјект кој треба да знае - да ја знае вистината за желбата на пациентот. Кога во текот на психоанализата пациентот се жали дека не знае што сака, таа поплака е упатена кон психоаналитичарот, со имплицитна претпоставка дека психоаналитичарот тоа го знае. Со други зборови, доколку психоаналитичарот го претставува големото Друго, илузијата на пациентот лежи во редуцирањето на своето незнаење за сопствената желба на „епистемолошка” неспособност: вистината за неговата желба веќе постои, таа е забележена некаде во големиот Друг, треба само да се обелодени и тогаш желбата, пожелувањето, ќе тече лесно...

Крајот на психоанализата, растворањето на трансферот се случува кога оваа „епистемолошка” неспособност ќе се претвори во „онтолошка” неможност: пациентот мора да искуси дека големиот Друг исто така не ја поседува вистината за својата желба, дека неговата желба е без гаранција, неоснована, овластена единствено со самата себе. Токму во таа смисла, растворањето на трансферот го обележува моментот кога стрелата со прашањето која пациентот ја насочил кон психоаналитичарот, ќе се врати кон него самиот: прво, пациентовото (хистерично) прашање упатено кон психоаналитичарот којшто би требало да го знае одговорот; потоа, пациентот е принуден да признае дека и самиот психоаналитичар не е ништо повеќе од голем знак прашалник упатен кон пациентот. Овде може да се наведе тезата на Лакан дека психоаналитичарот е овластен само со себе самиот: пациентот станува психоаналитичар кога ќе сфати дека неговата желба нема поткрепа во Другиот, дека единствено самиот тој може да и’ даде овластување на својата желба. Кога ова свртување на правецот на стрелата би го дефинирале како нагон, би можеле да кажеме (како што вели и Лакан), дека она што се случува на крајот на психоанализата е промена на желбата во нагон.

Слики: Dan Witz

Превод: Венка Симовска

Извор: Маргина 13/14, 1995

Бајато и тогаш кога било

Бајато и тогаш кога било објавено, бајато и сега...

Глуп си, Анонимен 9. Штавише

Глуп си, Анонимен 9. Штавише - ноторна будала. Само фичерсите од текстот да ги прочиташе ќе видеше колку текстот има врска со сите режими и сите времиња, оти зборува како функционира општеството и човечките групи внатре во него. Еве ги фичерсите, уш еднаш, за мрзливите:

Функцијата на овој „црвен код” е крајно интересна: тој го простува чинот на престап - илегалното казнување на другиот војник - но истовремено ја потврдува кохезијата на групата

Многубројните анализи од Бахтин наваму покажаа дека периодичните кршења на јавниот закон му се инхерентни на социјалниот ред, тие функционираат како услов за неговата стабилност

Нарцистичката заедница се потпира на истата „солидарност” во вината, предизвикана со учеството во заеднички прекршок

Но што ако напротив, доминантен став на современиот „постидеолошки” универзум е токму таа иронична дистанца во однос на јавните вредности?

Ti si nor, brat Kolja, si

Ti si nor, brat Kolja, si začel žaljivo tvoje obiskovalcev.

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото