Нафтените компании во ЕУ профитираат од војната во Украина

11.05.2022 00:23
Нафтените компании во ЕУ профитираат од војната во Украина

Само неколку дена откако започна војната во Украина, цените на горивата на бензинските пумпи во Европската унија скокнаа до незапаметени нивоа, па купувачите во некои земји дизел горивото во март го плаќаа и до 2,30 евра по литар; цената на барелот надмина 100 евра. Така конфликтот им овозможи на европските нафтени компании дополнителен приход од 3,3 милијарди евра, се наведува во неодамна објавената студија на организацијата Гринпис.

Трендот на поскапување особено се одрази на дизелот - ова гориво поскапе значително и во рафинериите и на бензинските пумпи. Во март, во екот на енергетската криза нафтената индустрија благодарение на зголемените цени оствари просечни дополнителни дневни приходи во износ од 107 милиони евра - 94 милиони евра од продажба на дизел и 13 милиони евра од продажба на бензин.

Од Гринпис особено нагласуваат дека толкавиот скок на цените не е оправдан и дека претставува профитирање од кризната ситуација. Сировата нафта во периодот од јануари до март годинава поскапе за 19,38 центи по литар. Истовремено во рафинериите беше забележан пораст на цените - помеѓу 30 и 31 цент по литар дизел и 20,19 центи по литар бензин. Најголемото поскапување се случи на бензинските пумпи каде цената на литар дизел скокна за 36,52 центи, а литар бензин за 26,7 центи.

Како што пишува во извештајот, зголемувањето на маржите се разликуваше од држава до држава, а предничи Германија, во која нафтените гиганти имаа најголеми дополнителни приходи во Европа на дневно ниво - 38,2 милиони евра, односно 36 проценти од претходно наведената сума од 107 милиони евра.

Бесрамно профитерство над страдањата во Украина

Во соопштението по повод истражувањето претставниците на Гринпис немаа убави зборови за претставниците на нафтените компании.

„Додека милиони Европејци се мачат заради огромните трошоци за гориво и енергија, нафтената индустрија ги зголемува цените за да оствари рекордни профити на сметка на војната и енергетската криза. Зголемувањето на цената на сировата нафта не го оправдува зголемувањето на цените на ланците за снабдување и бензинските пумпи“, изјави Клара Марија Шенк од оваа организација.

Затоа Гринпис ги повикува владите на земјите да го запрат „бесрамното профитерство над страдањата во Украина“, така што ќе воведат даноци на овие неморални профити. „Приходите од овие даноци треба да се користат за помош на домаќинствата со ограничени средства за задоволување на потребите и забрзување на транзицијата на транспортниот сектор зависен од нафтата кон систем на мобилност кој им служи на планетата и луѓето“, заклучи Шенк.

А зошто баш транспортниот сектор треба да биде боиште на револуцијата? Затоа што две третини од нафтата која се троши до ЕУ, се троши за превоз. Имајќи го тоа предвид - според препораките на Гринпис, декарбонизацијата на сообраќајот би требало да биде во фокусот на владите за да се намали побарувачката за гориво. Тие пред сè советуваат за кратки релации и деловни патувања авионите да се заменат со возови заради намалување на количината потребно гориво. Додаваат дека постепено треба да се напуштаат возилата на дизел и бензин и дека треба да се унапреди јавниот транспорт. На овој начин не само што ќе се бојкотираат компаниите кои заработуваат од несреќата на Украинците, туку ќе се редуцираат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, кои придонесуваат за зголемување на средната глобална температура и климатските промени.

Предлозите на Гринпис се мошне слични со точките од планот кој минатиот месец го објави Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) со цел намалување на потрошувачката на нафта.

Би требало да се напомене дека Европската комисија на полето на енергетиката делумно ги заштити потрошувачите, дозволувајќи им на членките на Унијата да интервенираат и да ги регулираат цените во вонредни околности, но тие засега остануваат слепи за случувањата во нафтената индустрија, наспроти производството на гас и струја.

Што ќе се случи со цените на енергенсите во иднина?

На една од најголемите егзистенцијални нестабилности во модерната доба за жал не ѝ се наѕира крајот, а во бројни држави од ЕУ сè погласно се слушаат предлози да се воведе целосен бојкот на руската нафта, со оглед на тоа дека парите кои ги добива Русија од производството на фосилни горива, ги користи и за финансирање на актуелната војна во Украина.

Како одговор на агресијата на Русија во Украина, Европската унија веќе воведе бројни санкции, но покрај тоа се подготвуваат и планови како во многу краток рок да се намали зависноста од руските фосилни горива. Меѓутоа, ефектите од овие планови сè уште се мошне невидливи зашто државите од Унијата од почетокот на војната од Русија увезоа енергенси во вредност од над 35 милијарди евра.

Доколку се остварат најавите за воведување целосно ембарго на нафтата од Русија во рамки на следниот пакет санкции, како што претпоставуваат руските претставници, тоа би можело да резултира со двојно зголемување на цената на барелот.

Оваа евроазиска земја е вториот најголем произведувач на нафта во светот, веднаш по САД, но пред Саудиска Арабија.

Проблем за Европската унија е што на нашиот континент не постои држава која би им парирала на производствените капацитети на Русија - според податоците од публикацијата на Гринпис, Норвешка и Обединетото Кралство заедно имаат четири пати помало дневно производство.

Поскапувањето на енергенсите не го чувствуваме исклучиво при плаќањето на горивото или сметката за електрична енергија и греење, туку е проследено и со поголеми издатоци за домашни потреби, храна и речиси сите добра во чие производство се користат нафта, гас и јаглен. Според проекциите на Светскиот економски форум, делува дека пред нас е подолг период на скапо гориво и скапа енергија.

Многумина како излез од кризата го гледаат зголеменото користење на обновливите извори на енергија кои ќе го заштитат пазарот од нестабилните цени на фосилните горива, а владите би требало да овозможат забрзување на енергетската транзиција по примерот на Италија која одобри изградба на шест ветропаркови за да ја намали зависноста од рускиот гас.

Ни како поединец не сте лишени од можноста да придонесете така што ќе го позелените својот животен стил - се советува побавно возење на автопатиштата, користење возови наместо авиони, одење на работа со градски превоз. Но, многу е потешко да се спроведат милијарди индивидуални енергетски транзиции во споредба со националните - затоа се апелира властите да преземат поголем дел од оваа задача.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Kristian Buus

Извор: https://klima101.rs/
 

ОкоБоли главаВицФото