„Уништување“ и „Тегли“ (извадоци од романите)

11.05.2022 09:11
„Уништување“ и „Тегли“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година.

Претходните извадоци прочитајте ги овде.


Уништување“, Моџо Килингтон, „Арс Либрис“

Кога конечно се најде во автомобилот, надворешниот свет се исклучи. Свиреше некоја индиска музика, инструментални мелодии на ситар, кои Марија ги слушаше кога е нервозна.Си спомена дека често ги има слушано иако не чувствувал дека е нервозна. Прашањето што го мачеше: „Кој сум јас?“ набрзо се прероди во: „Кои сме ние?“

Имаше време да размислува. Марија не проговори ни збор. Не го ни погледна. Ни тој не се потруди да ѝ го привлече погледот. Автомобилот мирисаше на цигари и алкохол, мирис кој му излегуваше од порите, а ладењето на жешкиот асфалт на зајдисонце го правеше посилен. Отвори прозорец и ја извади дланката. „Кои сме ние?“ Кое е суштеството што седи до мене, што спие со мене, со кое сум во брак...

Годините прават човек да заборави на многу работи, времето го затапува секое чувство, секој нерв додека веќе ништо не може да стигне до тебе, ништо не знаеш, ништо не боли и не те радува.Крволочноста на запчениците на времето ја имаше распарчено и нивната љубов.Знаеше дека ја сака, само што тоа го знаеше со свеста, а не со срцето.Се тешеше дека сите бракови се такви, нормално дека сите не се луди еден по друг како првите месеци, години. Сигурно по петнаесет години брак не се ебат по трипати на ден.Или, во нивниот случај, трипати годишно. За неговиот и нејзиниот роденден и за годишнината од брак. За годишнината од кога се заедно не добиваше ни пушење. Си наоѓаше илјадници оправдувања да се врати назад. Децата! Што би правеле без него? Без нив? А што прават со него? Освен здодевните домашни по математика и уште поздодевните родендени на нивните другарчиња. Седат на „Плејстејшн“ ко тој да ги има направено.Тој и нека ги расте. Оваа мисла му помина низ главата и го пресече.Дали е добар родител? Дали е нормално ова што го мисли? Тоа беа негови деца! Ангелчиња. Но, во моментот му изгледаа само како најтешкиот товар што го носел. Единствениот мост кој не може да го урне од стариот живот.

Мостот со Марија, очигледно, одамна беше урнат само што немаше забележано. Се бореше со мислите, со потсвеста да не ги обвинува децата за сите негови несреќи...Тешко му одеше, немаше контрола над нив.Му се враќаа спомени. Дали нивната љубов умре кога се роди Лотар? Тогаш уште беа млади, секогаш искрено пред себе си признаваше дека синот е резултат само на пукнат кондом. Непланиран. Тоа не му ја намалуваше љубовта кон него, но му доаѓаше како дупната гума на пат.Те забавува до онаму каде што сакаш да стигнеш. А тој и Марија сакаа да стигнат далеку.Имаа планови, сакаа да го прошетаат светот, сакаа кариери, сакаа концерти и дружење! Се сакаа еден со друг! Неговото раѓање го стесни светот , меридијаните ги сведе на едно креветче и едно беспомошно суштество кое зависеше од нив. И само тоа беше важно!Плачење, менување пелени, вакцини, колку му е температурата...Наместо да мешаат коктели некаде на Тајланд каков што им беше планот, мешаа пасирани банани со мелени бисквити среде растурената кујна. Кој избор беше подобар? Само Бог знае, но Јан веќе го преживеа едниот избор, а сега сакаше да види и од другата страна на улицата. Ја сакаше Марија, децата...Но конечно,се сакаше и себеси. А времето го газеше, ако не сега, немаше кога. 

 

„Teгли“, Јордан Коцевски, ПНВ Публикации

Отворајќи ги очите сѐ што гледам е силна светлина. Доаѓам до заклучок дека мора да сум во просторијата за итни случаи во некоја болница и докторите се обидуваат да откријат што не е во ред со мене. Тие, мислам на полицијата, сигурно ме спасиле. Јас сум во болница, проверуваат со што сум издрогиран.Не знаат дека примив обичен седатив. Сигурно сум во болница. Нели?

Почнувам да се концентрирам и ѕидот над мене станува јасен. Бел е. Рапав. Светилката точно над мене почнува да ме иритира. Се обидувам да ја помрднам раката за да ја блокирам светлината. Движењето е започнато, но раката ми останува в место. Нешто оневозможува да ја подигнам. Ја вртам главата десно, па лево. Дознавам дека рацете ми се врзани, заклучени, имобилни, наречете го тоа како сакате. Јас го викам „наебав“.

Смешно е што не паничам. Не се чувствувам ни уплашен... добро сум, но не му дозволувам на стравот да расте. Токму поради тоа се најдов во ситуацијава. Ако не бев толку уплашен кога ја открив содржината на проклетата соба, до сега ќе бев на слобода. Мислам дека успеав да се јавам во полиција, така што има некаква надеж дека ќе се извлечам жив. Можеби и не знае дека сум буден. Точно пред да се онесвестам успеав да си инјектирам адреналин. Секогаш чувам неколку инјекции во ранецот затоа што се доста корисни кога ќе сте повредени, а треба да издржите што подолго.Очигледно корисни се и против седативи. Како што велат, а можеби и јас веќе реков, надежта умира последна.

Слушам некаков звук, како нешто да лизга по метал.Најверојатно монструмот е презафатен со нешто друго.Токму тоа што ми треба за да ја увидам состојбата во која се наоѓам.Ги проценувам превезите на рацете и нозете. Врзан сум со кожен ремен.Полека ја поместувам раката за да видам колку можам да ја придвижам. Просторот за маневар е премногу тесен, но доволен за да можам да го искористам кога ќе сум во можност.Го правам истото со нозете. Полабави се, има повеќе простор.Одлично.

Само идиоти ја прават истата грешка двапати во еден ден. Го проверувам окружувањето. Има разни алати на ѕидот од мојата лева страна. Можам да видам пожарникарска секира и рударски чекан. Фантазијата ме збудалува, презентирајќи ми јасни сцени од луѓе чиишто раце се отсекуваат, глави смачкани до пулпа. За среќа, немам страв од измислици. Сепак, мило ми е што не продолжив да си замислувам каква употреба имаат различните видови пили на ѕидот, посебно моторната. Е тоа ви е вистински алат за отстранување на делови од телото неопходен за секое домаќинство!

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото