Нашинска (III)

12.05.2022 09:49

.

Сѐ тече и сѐ протечува
А ние одиме одиме одиме
Минејќи преку минливото
Одејќи низ недоодливото
А едно густо име
Со многу жилки од животек
Слоевито и збито и деветорно
Се лепи милениумски
Низ нашите изморени стапалки:
М а к е д о н ц и!
Ем-Ма-ем-ке-ем-дон-ем-ци
Ем-донци-маке-ем-кедон-маци
Ем-донма-цике-ем-цима-донке
Вртени превртувани извртувани
Делени разделувани раскинувани
На слогови на маки и на фили
На егеи на вардари на пирини
Ослепени еднооки видовити
Кучкини синови ѓаволско соило црно семе
Мијаци брсјаци копановци
Мрваци бандовци пуливаковци
Икари и прометеи топовско месо
Гробари на својот грев и очај
Крадачи на сопствената вера
По првпат Питу по вторпат Питу
Итромани дудуци лесноверци
Последни претплатници на слогата
Одиме се пореваме се исправаме
Се извишуваме подзастануваме продолжуваме
Преку кресни илиндени грамоси
Преку беаскули подрумкалиња черни џамии
Преку лепоглави сремски митровици
Преку голиотоци и сибири
.
Одиме одиме одиме
.
За да се доболи болливото
За да се догледа гледливото
За да се доосвои најсвоето
.
Одиме одиме одиме
.
Со препал и со уплав
Да не би да се испогубиме
Низ маглата на вековите —
.
Одиме своеглаво одиме упорито
Одиме прекутрупа одиме гласовито
Преку бришаниот простор на постоењето
Одиме одејќи накај себеси
.
Нашински препознавајќи се —
Нашински престигнувајќи се —
Нашински издржувајќи.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото