Ајде Мицко!

12.05.2022 10:53
Ајде Мицко!

 


И 
сега, пак! Во општата беда на идеи и иницијативи, опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) ќе ја блокира работата на Собранието. Неинвентивноста во политичката борба кај нас стана правило. Штом не ти оди, велиш: „Не сакам да си играм со тебе, ама и играчката ќе ти ја скршам“.

Колку пати ја видовме оваа иста работа: некадарната опозиција сака да ја минира неспособната власт и се обидува преку парламентот да исфорсира криза и/или да предизвика предвремени избори. Важно е да се напомене дека ниеден од овие обиди досега не успеал. Постигнато е само тоа да се внесе многу политички гнев, поделба во земјата и крајниот резултат секогаш се огромните штети за целото општество.

Оној мал политички злобник од Унгарија, кому само му се натрупуваат годините затворски казни, им дава партиски директиви на неинтелигентните чувари на престолот: „Правете што повеќе пакости додека се вратам!“


И сега пак ќе ги гледаме истите фазони како во овие 32 години: има кворум-нема кворум, 20 илјади амандмани, изнасилени дискусии, процедурални инаетења, гласај, не гласај, окупација на говорницата, грабање микрофони… и сè така до терористички напади на законодавниот дом, како на 27 април од пред некоја година. Или како за изгласувањето на Буџетот кога со сила ги исфрлија пратениците на СДСМ, под диригентство на Зоран Ставревски. (Ова само како потсетување, зашто ВМРО-ДПМНЕ сега се обидува политички да го рехабилитира.)

Точно е дека новата влада не се снаоѓа добро! Уште е нова, едвај скрпена, со сите вмешани прсти на старите лидери, ама тоа не ја оправдува. Стоте дена поминаа. За џабе! И покрај покажаната добра волја да ги решава работите (пред сè, проблемите), а не и да проектира на подолг рок, сепак тапкањето во место продолжува, а назадувањето допрва ќе се почувствува.

Опозицијата е дефинитивно очајна! Победија на локалните избори и – пуфки! Веќе се полоши од претходниците. Не ги бива за ништо. Нивните „као проекти“ се издувани, изџвакани, застарени, за’рѓани или неостварливи. На големата надеж, градоначалничката на Скопје, ништо не ѝ поаѓа од рака. Дури ни ветувањата. Кога видоа дека со локалните ништо не постигнале, ајде ќе го блокираме Собранието. И сè така. И до кога, се прашуваме?!

Просто се плашам дека нас нема да нè дочека некоја подобра судбина. Слаба власт, килава опозиција. Влезот во ЕУ блокиран од Бугарија (малку и од Франција, претходно од Грција, ќе има ли уште некој?). Енергетска криза. Инфлација. Сиромаштија. Лошо образование. Распад здравство. Странските инвестиции веќе никој не ги споменува. Внатре во земјата се продолжува со крадење, неорганизираност, загаденост.

И на сето тоа – блокада на Собранието. Не дека е некоја трагедија, според она што го слушаме и го гледаме (сè помалку, додуша). А гледаме дека парламентот е едноставно силуван за да се задоволат нечии интереси и да се скријат неспособностите на политичките претставници. А и тоа се прави едвај успешно.

Но, Собранието е симболот на институциите и ако тоа не функционира, што ли се случува со другите институции, со оние што треба да ги штитат и да ги спроведуваат донесените закони? Секогаш стои оправдувањето: ама парламентот не работи, што да спроведуваме и да штитиме!?

Хаосот лесно се случува. Не случајно пред некоја година беше нападнато Собранието. Не извлековме ли заклучоци? Не знам за другите, но во ВМРО-ДПМНЕ секако ништо не научиле или пак врз тоа искуство сега ќе го организираат новиот хаос: ајде Мицко, напрај малку збрка, па да видиме, може нешто да подизлезе!


Слики: Francesco Ciccolella
Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото