„Хартии“ – изложба на Сергеј Андреевски

12.05.2022 14:46
„Хартии“ – изложба на Сергеј Андреевски

Вечерва ќе биде отворена изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, насловена „Хартии“, во Музејот на македонската борба за самостојност (четврток, 12 мај), со почеток во 20 часот.

Се работи за ретроспектива на истражувањата на Андреевски врз различни видови хартија со различни материјали во изминативе 35 години. Куратор е Кирил Пенушлиски.

Публиката ќе може да види дела од различни фази и тематски циклуси, почнувајќи од дела создадени уште во раните студентски денови, односно од 1983 година, па сè до последните патувањата на Андреевски низ светот.

Во рамки на изложбата ќе бидат претставени дела на хартија од римска фаза, односно дела создадени за време на Андреевски во Рим, Италија, потоа дела од нирнбершката фаза, дела создадени за време на престојот во Нирнберг, Германија, како и дела создадени за време на престоите во Франција, Јапонија, Америка, Тунис и Египет.

„На изложбата ќе бидат претставени и дела од циклусот ‘Кучињата лаат’ што премиерно беше изложен во Москва во 2015 година и дела од циклусот ‘Цвеќулиња”’што за прв пат беа изложени во Берлин во 2012година. На поставката ќе се најдат и скици и цртежи од мал формат што Андреевски ги има правено буквално за време на патувањата во авион, автобус, на брод“, информираат организаторите.

Тие дополнуваат дека најголемиот дел од делата никогаш не биле изложени пред македонската јавност.

Изложбата ќе биде отворена до 12 јуни.