Се враќа ли феудализмот?

13.05.2022 00:15
Се враќа ли феудализмот?

Во нашиов простор веќе триесетина години сме навикнати на редовна политичко-економска интроспекција заснована на прашањето: дали ова е (вистински) капитализам? Одговорот главно е негативен зашто тоа е најлесниот пат да стекнете статус на независен економски аналитичар или ново политичко лице. Критериумите во проценката не се претерано комплексни: доволен е само еден дополнителен чиновник вработен во некоја мала општина за капитализмот (вистинскиот) да запне во преземањето на општествено-економската реалност. И титулата да се врати во закрилата на номинално згаснатиот проект - социјализмот. Меѓутоа, скепсата кон онтолошкиот статус на капитализмот не е резервирана само за постсоцијалистичките земји на периферијата. Последниве години скепсата сè поизразено се појавува и меѓу интелигенцијата на Западот - и левата и десната.

Со оглед дека Западот ја пропушти социјалистичката епизода во 20 век, наводното повлекување на капитализмот не завршува со социјализам туку со враќање во феудализам. Сè повеќе економисти и аналитичари, соочени со промените во светската економија - од кризите и последичното „пумпање“ пари преку дигитализацијата до историско ниските нивоа на инвестициите - гледаат во ретровизорот и настојуваат да најдат објаснување во рефеудализација на економијата. Трендот го детектираше и широко го елаборираше Евгениј Морозов во новиот број на New Left Review, а тука ќе ги истакнеме главните согледувања и тези. Иако трендот главно е поврзан со интелектуалните и академските кругови, не е премногу интерпретациски дрско во него да се препознае и поширокиот политички синдром. Како што истакнува Морозов на почетокот, мораториумот на Фредерик Џејмисон на замислување на крајот на капитализмот истекол, но на репертоарот не се варијанти на комунистичка иднина, туку разни дистопии, меѓу кои привилегирано место има нео-феудализмот.

Што ги инспирира бројните теоретичари и економисти од левицата - од Јанис Варуфакис преку Џоди Дин до Маријана Мацукато - во современиот политичко-економски момент да гледаат барем траги од феудализам? Има повеќе причини, а можат да се истакнат превласта на големите дигитални корпорации кои манипулираат со нашите податоци како поседниците со производите на селаните; доминацијата на режимот на интелектуална сопственост со кој се извлекуваат пари без инвестиции; политичката ретрибуција на имотот кон врвот; паразитското извлекување профит во контекст на недостаток на инвестиции; сè поизразената улога на рентата во однос на профитот. Значи, постои цела лепеза практики кои во својот метод за присвојување на имотот наводно повеќе наликуваат на феудални практики отколку на капиталистички. Со други зборови, сè поизразена е политичката димензија за „извлекување“ вредност во однос на „чисто“ економската која претставува основа на капитализмот како таков.

Слабоста на левицата

За да можеме да процениме дали се работи за враќање на феудализмот или само некоја варијанта на капитализмот, мораме да оперираме со уверливо историско објаснување за премин од феудализам во капитализам. Од таа причина Морозов се враќа со класична марксистичка дебата и претставува разни гледишта за тој премин: она на Роберт Бренер кое би можеле да го наречеме „почисто“ и она на Имануел Волерстин кое ја отклонува опцијата за гладок рез. Накратко и крајно поедноставено, Бренер во таканаречената примитивна акумулација гледа своевиден исчезнувачки посредник во преминот кон капитализам кој веќе не вклучува вонекономска присила во акумулацијата, додека Волерстин настанокот на капитализмот го лоцира во нееднаквите односи на центарот и периферијата кои и натаму го следат во неговиот развој. Врз основа на разликите помеѓу феудализмот и капитализмот како што се претставени во теориите за премин, Морозов испитува разни варијанти на теории за рефеудализација какви што се „продаваат“ во современите дискусии со имињата техно-феудализам или дигитален феудализам.

Покрај потпирањето на марксистичката традиција која во транзицијата во капитализам првенствено гледа промена во начинот на производство, Морозов ги користи и оние либерални традиции кои тој премин првенствено го согледуваат во потесно сфатена политичка рамка. Додека за марксистите начинот на производство во феудализмот бил „политички“ - одлуката за просвојување на вредноста не била „мотивирана“ од економската логика туку од политичко-религиските односи на моќ - за другата традиција политиката може да започне дури со воспоставувањето граѓанска држава. Луѓето веќе не се зависни од арбитрарните постапки на моќниците и неказнивото насилство туку со гарантирање на граѓанските права се обезбедува легитимно учество во политичкиот живот. Некои од заговорниците на рефеудализацијата доказите во прилог на нивната теза ги гледаат токму во враќањето на арбитрарноста и зависноста од припадност на одредени групи во дигиталниот свет. Популарните „меури“ не претставуваат само парцелизација на јавниот простор, туку во нив се случуваат и политички процеси надвор од дометот на граѓанската држава.

Морозов посветува големо внимание на анализа на деловните модели на компаниите како Гугл, која често се претставува како некапиталистичка компанија која живее од неплатениот труд на „дигиталните кметови“ како нас. Наводно, ние, оние кои бесплатно ја создаваме вредноста на Гугл, потсетуваме на феудални селани зашто сме сопственици на средства за производство, а тоа е основна економска разлика помеѓу двата начини на производство - капитализмот настанува со одвојување на селаните од средствата за производство и нивна пролетаризација, односно со продавање на сопствениот труд заради преживување. Морозов уверливо ја демонстрира промашеноста на таквиот пристап: преку бројот на вработени и инвестициите на компаниите, преку присвојувањето на вишокот вредност создадена другде во економијата како нормална појава во рамки на капитализмот.

Една од „енигмите“ која ги мотивира теоретичарите на рефеудализацијата е онаа за комбинација на растот на профитните стапки и намалувањето на нивоата на инвестиции од деведесеттите години наваму во таканаречените развиени земји. Оваа комбинација отстапува од „чистиот“ капитализам и очигледно ги претставува вонекономските облици за присвојување на вредноста кои често се кријат под ознаката финансијализација: со комплексните модели се исцрпува вредноста без вложувања во производствениот процес. Ако веќе не преовладува класичниот, „чист“ облик на создавање профит преку инвестирање, тогаш повеќе не можеме да зборуваме за капитализам, настапило нешто ново. Но, се поставува прашањето дали се случува нешто ново или се работи за стандардна придружба на „чистиот“ капитализам низ минатото. Морозов уверливо докажува дека станува збор за стандардна придружба. Самиот факт на конкуренцијата често „присилува“ на вонекономски или политички методи во задржувањето предност, а „чисто“ економската акумулација низ историјата често била само луксуз на Западот. Исто така, поделбата на економијата и политиката како две одвоени сфери, клучен аспект во преминот од феудализам во капитализам, од самиот почеток била политички чин и постојано барала политичка поткрепа за одредување на границите кои постојано можат да варираат.

Како што напоменува Морозов, повикувањето на феудализмот во објаснувањето и критиката на современиот капитализам претставува и своевиден интелектуален и политички пораз на левицата зашто таа веќе не е во состојба да го критикува капитализмот без воведување морална димензија поврзана со корупција и грабеж. Во вака поставени рамки целта не може да биде надминување на капитализмот туку само негово морално поправање. А тогаш веќе не зборуваме за левицата.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Ryan Struck

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото