Проекција на филмот „Генерација: Буњуел, Лорка, Дали“ на Филозофскиот филмски фестивал #12

13.05.2022 15:31
Со документарецот „Генерација: Буњуел, Лорка, Дали“ започнува 12 издание на Филозофскиот филмски фестивал

 

Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) започнува утре, 14 мај, во 12 часот во МСУ, со документарецот ГЕНЕРАЦИЈА: БУЊУЕЛ, ЛОРКА, ДАЛИ (Generación: Buñuel, Lorca, Dalí, 2018). Филмот е во режија на Хавиер Еспада и Алберт Монтон.

Настанот е најава на главната програма на фестивалот - Ретроспективата на Буњуел што ќе се одржува од 19 до 27 мај во Кинотека на Северна Македонија. 

Документарецот „Генерација: Буњуел, Лорка, Дали“ е приказна за незавршената биографија на Макс Ауб, посветена не само на филмскиот режисер Луис Буњуел, туку и на целата Генерација ’27 со златната тројка Буњуел  - Лорка – Дали како стожер на шпанската култура од 20 век.

Луис Буњуел, Салвадор Дали и Федерико Гарсија Лорка - млади и бистри, интелигентни и весели. Имаа проект за модернизација на земјата, визија за промена којашто секогаш беше придружена со насмевка, шега и генијалност. Но, тие ја претрпеа и трагедијата на војната којашто ги обележа и нив и целата нивна генерација. Некои беа убиени, како Лорка. Други беа принудени да отидат во егзил, како Буњуел. А некои, како Дали, мораа повторно да се реосмислат преку карикатура, понекогаш брилијантна, понекогаш срамна, за да преживеат.

Во 1967 година, издавачката куќа Агилар побара од Макс Ауб (Max Aub) да ја напише биографијата на колегата од мексиканската генерација и егзил: филмскиот режисер Луис Буњуел. Кога Ауб умира на 22 јули 1972, на своето биро остава 5.000 страници напишани на машина, резултат на незавршен проект кој ја надмина типичната биографија и ја одразуваше синтезата на цела генерација шпански уметници чиишто животи беа обележани од три војни и прогонство кое траеше повеќе од 30 години. Овој хетероген сет на материјали ја одразуваше модерната концепција на Ауб за наративниот жанр: лик конструиран од мозаик од различни визии и разнородни материјали.

ОкоБоли главаВицФото