1012 hPa
78 %
20 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 13:59
Во новата реалност за која мораат да се подготват развиените и помалку развиените економии нè чекаат инфлација и забавување на економскиот раст. Причините за стагфлацискиот удар треба да се бараат во низа шокови на страната на агрегатната понуда, кои предизвикаа раст на трошоците и тешкотии во организацијата на производството.
Пандемијата принуди многу сектори на затворање, ги раскина глобалните ланци за снабдување и создаде навидум долгорочен пад на понудата на работна сила, особено во САД. Потоа инвазијата на Русија во Украина предизвика нагол скок на цените на енергенсите, индустриските метали, храната и вештачките ѓубрива. Потоа Кина воведе драконски мерки со затворања во големите економски центри како што е Шангај, што создаде нови тесни грла во транспортот и ланците за снабдување.
Дури и ако се занемарат краткорочните ефекти од овие настани, економските перспективи на среден рок секако не се добри и можеме да очекуваме глобалната економија да влезе во период на стагфлација, со висока инфлација, забавување на растот и веројатно рецесија во многу национални економии.
Уште од последната глобална финансиска криза се забележува општ тренд на деглобализација и враќање разни облици протекционизам. Тоа е последица како на геополитичките фактори така и на внатрешните политички конфликти во земјите во кои големи делови од популацијата се чувствуваат заборавени. Сè поострите геополитички тензии и проблемите во функционирањето на ланците за снабдување веројатно ќе резултираат со префрлање на производството од Кина и земјите во развој во развиените економии - или барем преместување поблиску до дома, во пријателските и сојузничките земји. Во секој случај, производството ќе заврши во земјите и регионите кои нудат помалку компетитивни услови, па трошоците неизбежно ќе бидат поголеми.
Исто така, заради демографските трендови на стареење на популацијата во развиените економии и некои од клучните земји во развој (како што се Кина, Русија и Јужна Кореја) понудата на работна сила е сè помала, што поттикнува инфлација на заработката. Постариот дел од популацијата главно не работи и живее од заштеди, па понатамошното зголемување на оваа група дополнително ќе ги зајакне инфлаторните притисоци и ќе ги намали шансите за економски раст.
Политичкиот и економски мотивиран отпор на миграцијата е сè посилен во развиените земји, што дополнително ја намалува понудата на работната сила и придонесува за зголемување на заработката. Во последниве неколку децении приливот на мигранти успешно го забавуваше растот на заработката во развиените економии. Но изгледа дека тие денови поминаа.
Новата студена војна помеѓу САД и Кина исто така придонесува за стагфлација. Конфликтот на Кина и Америка ќе доведе до фрагментација на глобалната економија, балканизација на ланците за снабдување и поостри контроли на трговијата со понови технологии, податоци и информации - што се клучни елементи на идните трговски односи.
За стагфлација придонесуваат и климатските промени. Знаеме дека сушите ги уништуваат посевите, ги намалуваат приносите и ја зголемуваат цената на храната, додека ураганите, поплавите и растечкото ниво на морињата го уништуваат имотот и ја забавуваат економската активност. Дополнителен проблем е политиката на агресивна декарбонизација која доведе до пад на инвестициите во секторот за фосилни горива, пред да бидат развиени капацитетите за производство на енергија од обновливи извори до ниво на кое можат да го надоместат недостатокот кој се создава заради исфрлање од употреба на фосилните горива. Во таква ситуација се неизбежни остри скокови на цената на енергијата. Растот на цената на енергијата ќе предизвика скок на цените на суровините неопходни за производство на соларни панели, батерии, електрични возила и останати производи од чисти технологии.
Уште еден фактор е јавното здравство. Мерки за спречување следна голема пандемија не се преземени, а знаеме како влијаат пандемиите на глобалните ланци за снабдување и со каква леснотија државите прибегнуваат кон протекционистички мерки кога треба да се натрупаат неопходни залихи со храна, фармацевтски производи и лична заштитна опрема.
Не треба да се заборават ни сајбер нападите кои предизвикуваат сериозни нарушувања во производството, како што покажуваат последните напади на гасоводи и погони за преработка на месо. Можеме да очекуваме дека ќе има сè повеќе такви инциденти и дека последиците ќе бидат сè потешки. Компаниите и владите ќе мораат да инвестираат стотици милијарди долари во мерки за заштита, што дополнително ќе ги зголеми трошоците кои се префрлаат на потрошувачите.
Наведените фактори веројатно ќе ги продлабочат веќе постоечките политички конфликти предизвикани од големите приходни и имотни нееднаквости и ќе ја зголемат фискалната потрошувачка за програми за помош на работниците, невработените, загрозените малцинства и заборавените. Обидите да се зголеми уделот на трудот во вкупниот приход на сметка на уделот на капиталот, колку и да се добронамерни, создаваат нови конфликти и ја покренуваат спиралата за натпревар на цените и заработките.
Со војната во Украина во политичките односи на големите сили се врати логиката на нултиот збир. Првпат по многу децении принудени сме да размислуваме за ризикот и можните ефекти од воените конфликти врз глобалната трговија и производството. Стагфлацијата ја поттикнуваат и санкциите со кои се казнува агресорот. Денес тоа е конфликтот на Русија со Украина и западот, а утре до конфликт би можел да доведе понатамошниот развој на нуклеарни програми во Иран или Северна Кореја или обидот на Кина да го заземе Тајван. Секое од овие сценарија може да заврши со голема војна со САД.
Најпосле, за стагфлација придонесува и употребата на американскиот долар како оружје во оваа борба - што е централен елемент на санкциите. Тоа предизвикува бројни проблеми во меѓународната трговија со стоки, услуги и капитал и ги поттикнува ривалите на САД да ги девирзификуваат своите девизни резерви на сметка на доларот. Тој процес со текот на времето може да ја ослаби американската валута (што би ја зголемила цената на увозот во САД и дополнително би придонело за инфлација) и да доведе до појава на нови регионални монетарни системи, со понатамошна балканизација на глобалната трговија и финансиите.
Оптимистите ќе речат дека ги забораваме дефлаторните ефекти на технолошките иновации. Во тоа има вистина, но економскиот фактор технологија е многу послаб од претходно споменатите (единаесет) фактори кои придонесуваат за стагфлација. Исто така, сè уште не знаеме какви ќе бидат долгорочните ефекти од технолошките иновации во однос на агрегатниот раст на продуктивноста, а разидувањето на Кина и Америка неминовно ќе ја ограничи слободата на избор на глобално најдобри и најевтини технологии и така ќе придонесе за понатамошен раст на трошоците. (На пример, 5Г технологијата развивана на западот во моментов е значително поскапа од технологијата која ја нуди Хуавеи.)
Во секој случај, вештачката интелигенција, автоматизацијата и роботизацијата не мораат нужно да бидат добри сами по себе. Ако со понатамошниот развој навистина достигнат ниво на кое можат да генерираат значајни дефлаторни ефекти, тоа во исто време неминовно ќе доведе до реорганизација на цели индустрии и занимања и така ќе ги продлабочи постоечките имотни и приходни диспаритети. Резултат би можеле да бидат уште подлабоки политички поделби - со сите стагфлаторни последици кои можат да се очекуваат заради тоа.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Icy and Sot
Извор: https://www.theguardian.com/