Сè уште сме заложници на политичката епистемологија од деведесеттите

18.05.2022 00:20
Сè уште сме заложници на политичката епистемологија од деведесеттите

Руската инвазија на Украина ја „замени“ пандемијата како главна глобална медиумска тема. Овој премин им послужи на теоретичарите на заговори и толкувачите на светскиот вајб како повод за бројни конструкции, а нам, помалку амбициозните, може да ни послужи да ги споредиме превладувачките реакции на шоковите на овие историски настани. Иско според својата логика овие настани се мошне различни и изискуваат различни методи на спознаен и политички третман, ги поврзува слична позадинска епистемологија на „рефлексни“ реакции. Имено, нашата, да ја наречеме „западна“, неподготвеност за такви настани има заедничка причина. А таа може да се пронајде во специфичната политичка клима од деведесеттите и раните двеилјадити чии епистемолошки заложници сме сè уште. И покрај сè што се случи оттогаш, а првенствено мислиме на големата економска криза.

Пандемијата со себе донесе двоен шок: појавата на пандемијата како таква и политичко-економските последици од епидемиолошките мерки за нејзино сузбивање. И покрај претходните предупредувања на научниците и низата епидемии со „послаб домет“ на азиското тло, мерките на претпазливост не беа вградени во нашите здравствени, инфраструктурни и политички животи. Тие епидемии се сметаа за нешто „азиско“, егзотично, а не за последици на сè поинтензивното задирање на капиталистичкото земјоделство во дивината кои значително ги зголемуваат шансите за сценарија како пандемското. Покрај знајачните дози ориентализам и расизам, во позадината на таквиот став беа и длабочинските последици на политичко-економскиот оптимизам од деведесеттите. Тој оптимизам ни сугерираше дека нема пречка за среќниот брак помеѓу капитализмот и демократијата. Секако, економската криза и политичките превирања на западот кои колоквијално се нарекуваат „подем на популизмот“ го разнишаа тој оптимизам, но само на козметичко ниво: длабочинската логистика на тие сентименти остана иста. Меѓу другото, затоа што на хоризонтот не се појави одржлива политичка алтернатива.

Но, економските последици од епидемиолошките мерки и локдауни удрија на логистиката на современиот капитализам. Тогаш сфативме дека нема ништо природно во непречената глобална трговија и just-in-time производството кое се заснова на елиминирање на складирањето, комплексни снабдувачки ланци и евтина работна сила. Застоите во снабдувачките ланци, недоволноста на клучни материјали и преголемото потпирање на ресурсите и инфраструктурата од најоддалечените места во светот, ги поттикнаа колумнистите во буржоаскиот печат, чиновниците во министерствата за економија, логистичките менаџери во големите компании и обичните луѓе соочени со промените на цените на полиците да се запрашаат: дали „глобализацијата“ и нејзините специфични ланци за снабдување се најефикасни облици на организација на производството и дистрибуцијата? Дали можеби постои алтернативна опција која нè изложува на помал ризик во случај на непредвидени околности кои јасно ја откриваат фрагилноста на досегашниот модел. Овие алтернативи многу се испитуваа во не толку далечното минато, но политичкиот оптимизам по крахот на проектот на таканаречените реални социјализми им даде статус на анахроност.

Сличен вид неподготвеност „почувствувавме“ и по повод избивањето на војната во Украина. И додека самата инвазија е легитимен извор на шок, дополнителните реакции ја разоткрија состојбата на запоставената политичка абецеда која беше неизоставен дел од дискусиите и програмите во втората половина на дваесеттиот век. Иако сентиментите од студената војна се активираа веднаш, тие повеќе се користени како елементи за идеолошко разоткривање на Русија, а не како интегрални елементи на (гео)политичката епистемологија. Ова запоставување на политичката абецеда најизразено се согледува во два аспекти. Првиот се однесува на функцијата и смислата на НАТО. По крајот на Студената војна во повеќе наврати му беше дијагностицирана клиничка смрт, но Путин со своите потези го врати во живот. Но, треба да се има предвид дека НАТО не беше ни приближно клинички мртво, туку имаше сосема поинаква улога, особено во Европа, и тоа онаа која значајно придонесе за идеолошки промени кои овде се обидуваме да ги скицираме. Како што неодамна формулираше Томас Мини во брилијантната кратка историја на оваа „организација“, НАТО во втората половина на минатиот век во Европа впрочем служеше како своевиден трговско-политички аранжман: САД ќе нè штитат воено и затоа им ги препуштаме сите овластувања, а ние преку „заштеда“ на тие средства за одбрана ќе ја финансираме државата на благосостојба и така ќе ги смириме милитантните синдикати.

Но, по деведесеттите улогата на НАТО се промени. Веќе го нема Советскиот сојуз, а нема ни милитантни синдикати. Со ширењето на европскиот исток, истакнува Мини, НАТО стана нешто како рејтинг агенција која одредени зони во источна Европа ги прогласува за безбедни за инвестирање и членство во ЕУ. Прифатен е и јазикот на човечките права како легитимација за ширење и интервенции, а реторичкиот коктел на демократија и слободен пазар ја одработуваше својата политичка и идеолошка улога. Денес, по руската инвазија, улогата на НАТО повторно се менува, но реторичките наслаги од деведесеттите сè уште го одредуваат нашето разбирање на конфликтот. Тоа можеби и најдобро се гледа во медиумскиот и општествениот третман на потенцијална нуклеарна ескалација. Додуша, и самата употреба на нуклеарната војна заради кликбејт го затапи општото чувство на реална опасност, но првенствено го затапува склерозата на „геополитичкиот ум“ кој евентуалната употреба на нуклеарно оружје не ја разгледува преку логиката на конфликт туку од перспектива на луд диктатор кој не ги почитува човечките права во својата земја и тоа и онака му е дел од фолклорот.

Споменатата склероза се согледува и во вториот аспект, а тој се однесува на мошне големата деполитизација на енергетското прашање. Како што истакнува Хелен Томпсон, професорка по политичка економија на Кембриџ и авторка на неодамна објавената и мошне позната книга “Disorder: Hard Times in the 21st Century” во интервју за Phenomenal World, енергијата е деполитизирана од деведесеттите наваму во рамки на општиот глобализациски оптимизам. Триумфот на капитализмот едноставно ги отстрани сите геополитички прашања од репертоарот зашто и онака сите ќе им се потчинат на пазарот и демократијата под американско водство. Томпсон наведува примери на воени интервенци: додека пред деведесеттите американските претседатели јасно ги објаснуваа интервенциите заради енергетски интереси, Заливската војна донесе нова рунда сосема необични и поинакви објаснувања. Таа деполитизација според природата на нештата се прелеа и на остатокот од западниот свет и сите нè направи политички неписмени кога станува збор за енергијата - или барем за фосилното потекло кое сè уште ги диктира односите. А притоа е сосема очигледно дека се работи за клучно прашање од политичката економија и геополитичките односи. И ќе мора да помине многу време додека не се ослободиме од статусот заложници на политичката епистемологија од деведесеттите. Можеме само да се надеваме дека нуклеарната ескалација нема да го направи тоа место нас.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Paco Pomet

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото