1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
Дел од аутфитот на Констракта на Евровизија беа боросаните – заборавените и некогаш задолжителни сандали на работничките произведени во фабриката „Борово“, Хрватска. По тој повод, духовито коментирајќи ја одлуката на жирито да не ја избере хрватската претставничка за финалното натпреварување, загрепскиот портал „Индекс“ објави текст со наслов „Хрватска има чевли во финалето“!
Боросаните што ги носи Ана Ѓуриќ се од Хрватска. Нејзиниот тим замолил пријател од Загреб да ѝ ги купи на Ана, а тој побарал од режисерот Зринко Огреста, кој патувал за Белград, да ѝ ги земе. Порталот „Индекс“ наведува дека Огреста, кога цариникот го прашал што има во кутијата, рекол дека тоа се чевлите на Констракта и цариникот само му покажал со раката да помине.
Медиумите сега се прашуваат дали благодарение на Констракта, боросаните ќе станат популарен ново-стар моден детал.
Боросаните беа конструирани во 1968 година како први обувки во Југославија (и единствени?) создадени во соработка со ортопеди, чиј тим го предводеше д-р Бранко Стриновиќ од Загреб. Тоа беше специјална линија обувки создадени за работнички кои долго стојат или многу пешачат. (Машка верзија за работниците, иако и тие стојат и пешачат, никогаш не била направена.) Тие беа рачно изработени, платнени, со отворени прсти, отворена пета, со платформа. Не беа воопшто ниту убави, ниту женствени. Беа евтини и рекламирани со слоганот „Rad je odmor celog dana u obući borosana“ (Работата е одмор цел ден, во чевлите боросани). Ги носеа фризерки, продавачки, келнерки, медицински сестри, чистачки и важеа за здрави, стабилни, меки и прилагодливи обувки. Долго се произведуваа само во темно-сина боја, а подоцна се појавија и во бела боја.
Тие беа еден од заштитните знаци на југословенскиот гигант „Борово“. Фабриката беше основана во 1931 година од Јан Бата, „кралот на чевлите“. Освен чевли, фабриката со време почна да произведува и автомобилски гуми и разни други гумени производи, па така во осумдесеттите години произведуваше повеќе од 580.000 парчиња автомобилски гуми и 12.500 тони гумено-техничка стока. Имаше 23.000 вработени низ цела Југославија. Кога земјата се распадна, „Борово“ продолжи да работи во Хрватска, а негов наследник во Србија во 1997 година стана фабриката за чевли „Борели“ во Сомбор.
Во средината на 1970-ите и почетокот на 1980-ите, во „Борово“ се произведуваа годишно по 500.000 пара боросани. Тие станаа составен дел на опремата на работничките, но и на нивниот класен идентитет. Жените со повисоко образование не ги носеле овие чевли, дури и кога добро би им дошле на работа – како на пример, наставничките.
Во Србија во 90-ите тие исчезнаа, како никогаш да не постоеле. Асоцијација на „Борово“ веќе не беа обувките, туку масакрот во мај 1991 година за кој сведочеше Воислав Шешељ на судењето на Слободан Милошевиќ, кога во заседа беа убиени хрватски полицајци. Споменатата „Борели“ во Сомбор продолжи со производство на боросани, но без забележителен одзив на пазарот.
Иста беше ситуацијата и со „Борово“, кој по војната продолжи да произведува во Хрватска. Боросаните постоеја на пазарот, но во споредба со времето пред војната 0 како да не постоеа.
Извесно „заживување“ доживеаја во 2007 година кога дизајнерот и илустратор Мауро Масарото, во соработка со „Борово“, им даде нова шанса, а потоа и во 2009 година, кога ги ископира ни помалку ни повеќе „Лакоста“ и ги вклучи во својата есенска колекција. „Борово“ по повод 85-годишнината од постоењето лансираше редизајнирани боросани и потпиша договори со хотели на јадранското крајбрежје, но ни оваа промена не ги врати во модните трендови.
Во Србија веќе нема кој да произведува боросани. „Борели“ беше затворен на крајот на 2016 година поради неплатени долгови, па сега можат да се набават боросани исклучиво преку порталите кои се занимаваат со купопродажба или, како што направи Констракта, од Хрватска.
Деновиве поради неа, нејзината песна In corpore sano и облеката невообичаена за Евровизија, повторно се зборува за боросаните. Кој знае, можеби ова е почеток на нов живот за нив.
Извор: Vreme