„Афера во музејот на пари“ и „Црната круна“ (извадоци од романите)

18.05.2022 11:50
„Афера во музејот на пари“ и „Црната круна“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи:„Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски и „Црната круна“ од Илија Магденоски.

 

Претходните извадоци прочитајте ги овде.
 

„Афера во музејот на пари“, Сашо Кузмановски, („Арс Либрис“)

Разговорите во приземјето на Народната банка ги прекина гласното зборување на двајцата полицајци во цивилна облека. Како виор влетаа во фоајето и веднаш ги освоија погледите на присутните.

„Ова е тимот што ќе го одмотува јазолот?“ промрмори Толески.

Во обид да ги распореди силите, секторот за внатрешни работи одеше според приоритетите. По неколкуте разменети зборови со обезбедувањето, еден од инспекторите се ракуваше со гувернерот.

„Инспектор Јован Ингилизов. Ова е Вито, мој колега од посебната единица.

Тој сега заминува за Тетово, а јас преземам овде“, ги одреди насоките инспекторот, чии набрекнати муcкули на рацете се исцртуваа на ракавите на синиот џемпер.

„Пријавени се кражба и фалсификат. Може ли подетално да бидам запознаен со случајот? Не е лошо да погледнеме и на самото место.“

Гувернерот покажа кон музејската просторија. Заедно со нив тргнаа и другите присутни. На самиот влез во големата просторија, инспекторот подзастана. Другите се распоредија по страните, а гувернерот застана до витрината со број еден.

Нена се потпре на големата комода до вратата во чии витрини се наоѓаа неколку печатени изданија.

„Господине Ингилизов, ова е витрината во која се наоѓа спорната монета.

Всушност...не се наоѓа монетата што требаше да биде тука. Или како да кажам...“ заглави археологот Толески, кому нервозата му прерасна во експресија.

„Ве молам Толески, дозволете“, го прекина гувернерот, откако беше јасно дека работите се премногу комплицирани за да се сервираат во два потега.

„Инспекторе, синоќа беше отворањето на музејската поставка. Вечерта, на нашиот гостин од Бугарија“, погледна кон Клисурски, „му паднала в очи оваа монета стара околу 2.350 години. Она што беше објавено во брошурите, во нијанси се разликува од оваа монета што е овде. Кустосот кој работеше на поставката денеска не е овде, а досега и не успеавме да ја исконтактираме. Наводно, ова не е истата монета од брошурата. Тука со нас е и госпоѓица Проева од Републичкиот завод за заштита на спомениците, како и господинот Толески, кого веќе го запознавте, од Македонското археолошко научно друштво.Тие можат и постручно да објаснат.“

Толески не чекаше да му се каже двапати.

„Ова е кражба на државно културно наследство. Штетата е непроценлива.

Во витринава е подметнат фалсификат. Бевме предупредени да не чепкаме ништо за да се обезбедат докази. Монетата е прилично ситна, па со голо око тешко се забележува, но на зголеменава фотографија добро се гледа дека се работи за фалсификат“, му ја подаде фотографијата направена од Клисурски.

Ингилизов внимателно ја погледна фотографијата и приближувајќи го лицето до стаклото на витрината, се обидуваше да ја воочи разликата. Се задлабочи во поставката. Се сврте и побара од униформираните полицајци да му асистираат.

„Господа, најпрвин да го обезбедиме местото. Ќе ве молам сега сите да ја напуштите просторијата“, им се обрати на присутните и го извади мобилниот телефон од задниот џеб на темносините спортски панталони.

Од разговорот стана јасно дека зборува со крим-техника, по што повика екипа да го обработи местото. На излегување, униформираните полицајци го затворија влезот во салата, преградувајќи го со самолеплива лента и побараа од обезбедувањето полека да го испразни и фоајето.

 

„Црната круна“, Илија Магденоски („Антолог“)

Средбите на Коле со другарите - Македонци, беа многу чести. Ресторанот „Европа“ во Њу Таун беше едно од местата каде што често навраќаа. Најчести гости беа луѓе од Југославија, кои позитивно и пријателски гледаа на земјата. Но, понекогаш навраќаа членови на други клубови, односно лица што припаѓаа на непријателската емиграција и одвреме –навреме правеа провокации.

Беше четврток вечер. Коле со другарите, не беа малкумина, седеа и расположени почнаа песна. На една од масите седеа пет лица што зборуваа де англиски, де српски. Не помина долго време, двајца од нив станаа и дојдоа до масата на Коле со другарите. Едниот од нив дојде блиску до Коле и застана.

-Ти ли си Коле? - праша непознатиот.

- Да јас сум Коле, треба ли нешто!? – рече Коле мирно седејќи.

Но, другарите на Коле не седеа. Веднаш станаа и застанаа пред човекот. Коле стана, им кажа да седнат и застана пред човекот.

- Повели – рече Коле.

- Ти носам поздрав од Миле, пријателот твој – рече другиот човек.

Според акцентот на кој зборуваше, Коле многу бргу сфати дека човекот е Грк. Изненаден од тоа што го слушна, Коле полека му се приближи на човекот.

-Од каде го знаеш Миле, гаду еден!? – викна Коле. – Од каде!?

Човекот почна гласно да се смее, се заврти и заедно со другиот се вратија на својата маса.

Коле беше збунет, но умот му работеше брзо. Се обидуваше да ги поврзе работите.

Круната, несреќата на Миле, овој човек...Што знае тој, од каде ме знае мене, што сака!?се прашуваше Коле.

Од размислувањата го тргнаа прашањата на другарите.

- Кој е овој човек?- прашуваа. – Што сака од тебе?

- Да одам ли да го прашам? - рече Дебелиот.

-Седнете, не е ништо. Не знам кој е овој човек ниту што сака од мене –рече Коле.

Од ова ќе излезе нешто големо, има нешто тука, но не смеам да зборувам со другарите за тоа, мислеше Коле.

Непознатите поседоа уште малку и на излегување поминаа покрај масата смеејќи се. Коле стана уште понервозен, место не го држеше по оваа случка.

Наредниот ден Коле очекуваше повик од другарите, каде да се најдат, но тие не се јавија. Реши да се одмори и ноќта ја помина во хотелот.

За тоа време, во ресторанот „Европа“ се одвиваше вистинска војна. Другарите на Коле, за да не го вмешаат во проблем, не го викнаа и дојдоа сами. Во ресторанот беа и оние лица од претходната вечер. Другарите на Коле се поднапија и почнаа со македонските песни со намера да ги испровоцираат другите.

-Доста бре Јужносрбијанци – извика еден од групата.

Другарите на Коле тоа го чекаа. Дебелиот зграби неотворена лименка од пивото КБ и со неа го погоди човекот во главата.Тоа беше знак за општа тепачка.