Власта со правилник ја врати „бетонизацијата“ на Скопје

19.05.2022 11:34
Власта со правилник ја врати „бетонизацијата“ на Скопје на максимум

 

Министерството за транспорт и врски усвои измени на Правилникот за урбанистичко планирање со коишто им ги „врзува“ рацете на општините кои сакаат преку ревидирање на спорни детални урбанистички планови да ги намалат површините за градба и на тој начин да го запрат процесот на „бетонизација“ во Скопје.

Камен на сопнување е членот 5 во измените во којшто под плаштот на „стекнати права“ се остава простор да се реализираат максималните вредности од веќе усвоените планови. Или, ако веќе еднаш се дадени максимални вредности, ќе се тера по тие.

„Во подрачја за кои има податоци за планирање и градење при одредување на максималните вредности на процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на земјиштето се применуваат вредностите на процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на земјиштето утврдени во важечките урбанистички планови, односно што биле уредени во претходните планови, затоа што се работи за претходно стекнати права со урбанистички план“, пишува во спорниот член.

Со оваа одредба всушност се создава простор процентот на изграденост којшто веќе еднаш бил утврден со ДУП да не може да се намали, со што се доведени под знак прашалник заложбите за озеленување на Скопје и зауздувањето на процесот на масовна градба на висококатници што се случува изминативе години, во корист на инвеститорите, а на штета на јавниот интерес.

Ваквите измени ќе создадат проблеми, посебно во урбаните општини, како на пример во Општина Центар каде што детални урбанистички планови се веќе донесени за речиси целата територија на Општината и каде што започна процес на ревизија на планирањето со цел да се создадат похумани услови за живот на граѓаните.

„Следува дека оптималните вредности на процент на изграденост и коефициент на искористеност не важат за територијата на Општина Центар, туку ќе важат максимално дозволените вредности со претходните детални урбанистички планови, дефинирани со измената и дополната на Правилникот како стекнати права. Со измената и дополната на Правилникот, односно со условувањето процентот на изграденост и коефициентот на искористеност да се задржат како стекнато право, веќе нема да може да се намалуваат површините за градба, туку само (доколку има услови) да се редефинираат“, велат од Општина Центар за „Само прашај“.

„Наполитанките“ кај поранешната фабрика „Треска“ се враќаат во игра

Од локалната самоуправа очекуваат проблеми да се јават секаде каде што не е направено усогласување со Генералниот урбанистички план. Новиот Правилник ги загрозува напорите на Општината да се справи со болните точки, на пример, како онаа кај поранешната фабрика „Треска“, каде што инвеститорите грчевито притискаат да почне да се гради. За „Треска“ се распиша конкурс, пристигнаа и трудови, но сега површината за градба треба да се преземе од важечкиот план, што значи дека во игра повторно се враќаат зградите коишто во јавноста станаа познати како „наполитанки“ поради бројноста и габаритот.

„Земено предвид дека деталните урбанистички планови не можат истовремено и да се усогласат со рестриктивните нумеричките параметри дадени во ГУП на Град Скопје и да ги задржат стекнатите права дефинирани со измената и дополната на Правилникот, односно нема да можат да се донесат нови планови на ниво на цел опфат, ќе продолжат да се спроведуваат важечките детални урбанистички планови. Во контекст на усогласувањето на дел од прворангираното конкурсно решение на локацијата позната како „Треска“ со постојниот ДУП и ГУП, а во контекст на процентите и коефициентите (кои се врзани со површината за градба и вкупната развиена површина) истите ќе треба да бидат преземени од важечкиот план.“, укажуваат од Општина Центар.

Дополнителна дилема е зошто властите се повикуваат на претходно стекнати права, ако се има предвид дека има ДУП-ови коишто се неусогласени со ГУП, што само по себе ги прави нелегитимни. Тоа неодамна го посочи и претседателот на комисијата којашто ги оценуваше пристигнатите трудови за „Треска“, архитектот Миодраг Радоњиќ – Бато.

„ДУП-от не е усогласен со Генералниот Урбанистички План/ ГУП/ на Град Скопје, како план од повисок ред и обврзувачки за плановите од понизок ред како што е ДУП. Несовпаѓањето и непочитувањето е утврдено и аргументирано во повеќе сегменти и параметри, кои предметниот ДУП го чинат нелегитимен без можност да се спроведува“, напиша Радоњиќ – Бато.

Сега, со ваквата поставеност на новите правила, при носењето на нов план, површината за градба треба да биде преземена од нелегитимен ДУП.

„Само прашај“ побара ставови и од другите поголеми општини во Скопје. Од Карпош ни одговорија дека не очекуваат проблеми оти кај нив се усогласени ДУП-овите. Одговори сè уште чекаме од Аеродром и Кисела Вода, каде што урбанистичката слика е слична како и во Центар и каде што се очекува новиот Правилник да создаде главоболки.

Правилникот во колизија со законот од којшто произлегува

И Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) реагира за измените на Правилникот.

„Изразуваме загриженост од идна примена на измените во правилникот во урбанистичкото планирање, особено на Член 5, кој претставува измена и дополна на Член 117 став 3 од претходниот Правилник за урбанистичко планирање. Најнапред сметаме дека ставот вака како што е пропишан е со крајно ограничувачка рамка и создава колизија со одредбите од преамбулата на Законот за урбанистичко планирање, а кои се однесуваат на јавниот интерес, како и целите и начелата пропишани во неа. Тоа всушност создава една апсурдна состојба кадешто пропишаниот став од овој подзаконски акт-Правилник во одредени ситуации може да биде користен како упад во Законот од којшто произлегува“, велат од ААМ за „Само прашај“.

Според нив, има повеќе точки каде што ќе има проблеми при донесувањето на урбанистичките планови, и тоа:

- рамномерниот просторен развој
- рационалното уредување и користење на просторот
- создавањето и унапредувањето на условите за хумано живеење и работа на граѓаните
- надминувањето на урбаните бариери на лица со инвалидитет
- одржливиот просторен развој
- сочувување на квалитетот и унапредување на животната средина и природата
- безбедноста од природни и технолошки катастрофи и хаварии
- потребата од интегрален пристап во планирањето
- остварувањето на јавниот интерес и заштита на приватниот интерес
- хоризонталната и вертикалната усогласеност и координација во планирањето
- уважувањето на научно и стручно утврдените факти и стандарди.

Од ААМ укажуваат дека дополнителна можна колизија при примената на новиот Правилник би се остварила и со Законот за урбано зеленило кој пропишува минимален процент на зеленило при изработка на урбанистичките планови.

Исто така, потенцираат дека спорната одредба е неприменлива при стратешкото планирање преку изработка на генералните урбанистички планови, како и при промената на наменската употреба на земјиштето во урбанистичките планови.

„Неприменливоста на ставот ја гледаме и во крајно ограничувачката рамка која се однесува на примената на споменатите параметри во него (коефициент на искористеност и процент на изграденост), особено во оние делови на урбанистичките планови кои навистина имаат можност и потреба за развој. Накратко, неговата примена овозможува ограничување на креативниот процес при планирањето кој цели кон хуманизација на просторот (било јавен или приватен), особено кај веќе дијагностицирани проблематични урбанистички решенија за коишто јавноста беше сведок во изминатиот период. Од социјален аспект примената на овој член во пракса може да поттикне револт и радикализација на ставовите кај одредени поединци и граѓански групи кои досега партиципираа на својствен начин во процесот на планирање и креирање на просторот.“, велат од Асоцијацијата на архитектите.

Бочварски: Се дообјаснуваат недоречености

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски за „Само прашај“ тврди дека измените на Правилникот за урбанистичко планирање, којшто е донесен во 2020 година се носат само за да се дообјаснат недореченостите во досегашното решение, бидејќи создавале дилеми и недоумици кај општините и изработувачите на плановите.

Тој ги повикува локалните самоуправи, секаде каде што деталните урбанистички планови не се добри и не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, веднаш да започнат постапка за измена на ДУП-овите. За спорниот член 5, министерот појаснува – се однесува на оние ДУП-ови коишто се веќе реализирани со цел да се запазат параметрите. Онаму каде не е изградено, а планот е лош, треба да се прави корекција, вели Бочварски.

Тој се пожали дека измените на Законот за урбанистичко планирање се блокирани во Собранието. И покрај забелешките коишто ги имаа невладините организации, кои сметаат дека со нив им се олеснува на градежниците да дојдат до атрактивни парцели и да направат пустош на природата, Бочварски вели дека власта е отворена за дебати и дека се залага за јавниот интерес.

Новиот Правилник доаѓа во време кога од една страна имаме декларативни заложби на власта за повеќе зеленило и хумано урбанистичко планирање, а од друга страна продолжува „бетонизацијата“ на Скопје и тоа врз основ на детални урбанистички планови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план. Се покажа дека во Македонија во континуитет се крои регулатива којашто на инвеститорите им овозможува лесно да купат атрактивни парцели, честопати и евтино државно земјиште преку дооформување парцели или преку „багателни“ приватизации. Затоа, оправдани се сомнежите дека со новиот Правилник којшто во игра ги враќа максимално утврдените вредности за изграденост и искористеност на земјиштето на „мала врата“ се спречува ревизија на незаконски ДУП-ови.

На тој начин Министерството за транспорт и врски односно Владата повторно го занемаруваат јавниот интерес и им излегуваат во пресрет на инвеститорите коишто едвај чекаат да ѕидаат нови згради не водејќи сметка за потребата од основни услови за живот на граѓаните.

Снимател: Тони Стојановски
Монтажа: Ристо Душковски

Извор: Само Прашај

ОкоБоли главаВицФото