Неолиберализмот ни го затру размислувањето

20.05.2022 01:42
Неолиберализмот ни го затру размислувањето

Доминацијата на неолиберализмот ги насочува општествата против еднаквост на приходите.

Така барем укажуваат податоците добиени во истражувањето објавено неодамна во Perspectives on Psychological Science. Тим истражувачи од Универзитетот Њујорк и Американскиот универзитет во Бејрут спроведе анализа на податоци собирани во период од приближно 20 години, за повеќе од 160 држави и утврди доминација на неолиберализмот во рамки на социјалните и економските институции која ја проширила прифатеноста на нееднаквоста на приходите така што ни ги изменила системите на вредности.

„Нашите институции, правила и закони не само што ги структурираат нашите социјални животи, туку имаат и големо влијание какви луѓе и какво општество стануваме“, рече Шарзад Гударзи, докторантка на Универзитетот Њујорк и прва авторка потпишана на ова истражување во соопштение за медиумите.

Гударзи и нејзиниот тим сакале да проверат дали е точна прокламацијата на некогашната британска премиерка Маргарет Тачер од 1981 година дека економските и политичките системи можат да ги обликуваат „срцето и душата“. Тие го дефинираа неолиберализмот како „доминантен социоекономски пристап“ и корен на „приватизацијата, аболицијата на државата на благосостојба и намалувањето на редистрибутивните програми“, кој е доминантен од седумдесеттите години на минатиот век до денес. Тие ја мереле силината на неолиберализмот на една нација користејќи го таканаречениот Economic Freedom Index, метрички систем кој е развиен на Институтот Фрејзер - канадски либертаријански труст на мозоци - кој ги мери нештата како што се „големината на владата“, „регулацијата на бизнисот, кредитите и трудот“ и „слободата на меѓународната трговија“.

Тие ги евалуирале психолошките ставови во однос на нееднаквоста користејќи резултати од Светското истражување на вредностите, кое се спроведува речиси на секои четири години и од испитаниците на глобално ниво бара одговори на директни прашања кои се однесуваат колку се согласни со тврдења како што се, „потребни се поголеми разлики во приходите кои би го поттикнале индивидуалното залагање“ и „приходите би требало да бидат поеднакви“.

Нивното истражување утврдило корелација помеѓу прифаќањето на неолиберализмот и проминенцијата на она што социјалната психологија го нарекува „резонирање базирано на еднаквост“ или преферирање добивка во однос на преферирање еднаквост: се работи за начин на размислување во кој материјалните исходи во вид на исплати, богатство, социјален статус, треба да бидат пропорционални со инпутите како што се трудот, способноста и времето. Накратко, доминацијата на неолиберализмот нè натера да веруваме дека богатите го заслужиле своето место во општеството исто како што сиромашните го заслужиле своето.

„Институциите можат да промовираат добросостојба и солидарност или можат да ги охрабруваат компетицијата, индивидуализмот и хиерархијата“, рече Гударзи. „Во нашиот труд откривме дека неолиберализмот овозможи да дојде до поголема нееднаквост во приходите не само кај индустријализираните нации, туку ширум светот.“

Истражувачите открија дека политичките системи дефинитивно ги обликуваат верувањата и тоа во период од четири години - негираа дека успеале да пронајдат корелација во обратна насока, дека распространетите верувања имаат моќ да го променат системот за ист временски период.

„Доколку верувањата распространети меѓу индивидуите воопшто можат да ги обликуваат институциите, на таквиот процес би му било потребно повеќе од неколку години за да се случи“, пишува во истражувањето.

„Иако можеби е интуитивно јасно дека човечките битија ја обликуваат природата на економиите во кои живеат, нашиот труд го покажува спротивното - а тоа е дека економските системи ја обликуваат човечката психологија така што луѓето се вклопуваат во нив“, рече Гударзи во своето соопштение. „Неолибералните реформи на слободниот пазар предизвикуваат луѓето само повеќе да преферираат високи нивоа на нееднаквост во приходите“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Uğur Gallenkuş

Извор: https://www.vice.com/

ОкоБоли главаВицФото