Вучиќ: Србија ќе остане неутрална по повод разводот на Џони Деп и Амбер Херд

23.05.2022 00:04
Вучиќ: Србија ќе остане неутрална по повод разводот на Џони Деп и Амбер Херд

За време на вонредното обраќање до граѓаните претседателот на Србија, Александар Вучиќ истакна дека Србија ќе остане неутрална кога станува збор за Џони Деп и Амбер Херд.

Тој рече дека трпи страшни притисоци од сите страни да заземе страна, но нема да го направи тоа па дури и да го тепаат со стапови по глава.

- Над Србија надвиснаа огромни и градоносни облаци. Нема да кријам од граѓаните дека се наоѓаме во тешка ситуација, можеби и најтешката во поновата историја. Ние сме во специфична ситуација, пред сè заради добрите односи со Џони Деп, на кого не сакаме да му го завртиме грбот, а од друга страна, со некој избрзан потег да ја затвориме вратата за евентуална соработка со Амбер Херд - објасни Вучиќ.

- Притисоци пристигнуваат од сите страни, не спијам ноќе зашто се обидувам да најдам решение кое ќе ни овозможи да ја задржиме неутралната позиција додека не заврши разводната постапка. Не е лесно, но нема да кукам, а исто така не ми паѓа на ум да ја разубавувам ситуацијата и да ги лажам граѓаните дека сè е во ред и дека овој развод нема да има влијание на положбата на Србија во светот - рече претседателот.

Тој потсети дека Србија е единствената земја во Европа која не заземала страна во разводот на познатите глумци заради што сега се наоѓа под огромен притисок.

- Тоа ни прави големи проблеми, а тие проблеми не се мали и ќе бидат сè поголеми. Се плашев дека ова може да се случи и сега ми доаѓа да земам ортома и да се обесам зашто не реагирав порано зашто можеби ќе бевме во малку полесна ситуација. Не сум го видел ова досега, не ни сонував дека ќе го видам и доживеам, а бев сведок на големи притисоци со кои не сакав да ги оптоварувам граѓаните. Тие мораат да ја разберат позицијата во која се наоѓа земјата и да сфатат дека се соочуваме со невидена хистерија - изјави Вучиќ.

Во оваа прилика претседателот ни напомена дека дава сè од себе граѓаните да почувствуваат што помалку последици на своја кожа, кои настанаа со разводот на Деп и Херд, но дека уште сега може да каже дека ќе бидеме гладни и дека ќе имаме проблеми со греењето зашто ваков развод се случува еднаш во илјада години.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.njuz.net/