„Анатомија на бумбарот“ и „Лулу“ (извадоци од романите)

23.05.2022 11:50
„Анатомија на бумбарот“ и „Лулу“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде

 

Анатомија на бумбарот“, Стефан Марковски, „Паблишер“

Се викам Инес.

Во Дубаи поминав неколку месеци. И таму како и секаде сум работела сѐ, но тоа не било секогаш нешто со што сум се идентификувала или, пак сум го работела своеволно.

Зборувајќи од срце, за некои нешта сѐ уште се чувствувам донекаде виновна, но тоа беше луд период, а моите желби, копнежи и страсти веќе подолго полека имплодираа, инерцијата растеше и каков поинаков пат и да изберев немаше да ме донесе овде. Да, немаше.

Мојот биолошки татко Италијанец, безработен незадоволник, беше виновник за сѐ и да не паразитираше на грбот на мајка ми, немаше да заглавам. Божја среќа што не завршив како него. Зборуваа дека ја изневерувал. Зборуваа дека ги трошел парите на пороци, и дека се коцкал, и дека и тој бил болен од неизлечлива болест. Сѐ што знаев со сигурност беше дека не мрдна со задникот да смени што и да е. Никогаш не ме заинтригира ниту тој ниту озборувањата за него. Никогаш не сум зборувала со него и навистина ми е сеедно.

Кога се врати веќе имав 17 години и се запишав на Академијата.

Accademia di Belle Arti di Firenze беше сонот кој од најмали нозе се спремав да го живеам и во следните 4 години фокусот ми беше исклучиво таму, меѓу четирите ренесансни ѕида како уметнички дом издигнат од војводата Козимо I ди Медичи.

Домот во кој јас и петметарскиот мермерен Давид на Микеланџело четири години безмалку редовно можевме да си ги вкрстуваме еднакво бистрите и предупредувачки погледи. Ако му беа обоени очите, ќе му беа небесно сини како моите. Косите ни беа и на двајцата кадрави и разбушавени како извишените дрвја во градината со ренесансни скулптури Боболи при надојден ветер.

Мајка ми по потекло беше од Македонија. Беше во лоша состојба и додека тој беше жив. Проблеми со срце, проблеми со артерии, проблеми со периферна васкуларна болест, потоа и рак.Кога ѝ ја ампутираа ногата поради болеста, тој беше веќе во кома.Во своето образложение околу сложеноста на ударот, докторот рече дека ако воопшто се обидат оперативно да го отворат, веднаш ќе го затворат.

Кога таа се врати на себе, го прибра како жив мртовец со строго ограничен рок на траење.

Некои луѓе не мора да изговорат збор за да знаеш што стои зад изговореното. Стареењето им го исцртало карактерот на лицата.

Беше таков кога умре.

Луѓето го познаваа и на погребот, поради она што го налагаше обичајот, му дојдоа само неколку пријатели од младешките денови. Но таа сѐ уште го сакаше и беше единствената личност на планетата која некогаш нешто жртвуваше за него. Да беше само нешто...

Летото кога почина бев штотуку дипломирана и тазе вработена како келнерка во кафе - барот на еден пријател кој ме убедуваше да аплицирам со визуелни проекти на некои меѓународни конкурси. Повремено позирав за реклами. Еден од колегите од деновите поминати на Академијата стана маркетинг – менаџер и по негова препорака го оставив профилот на Инстаграм со растечки број следбеници отворен и редовно ажуриран со нови фотографии. Имав постојани понуди за фотосесии во професионални студија и понекогаш знаеше да „капне“ понекоја ситна паричка и од тие ангажмани.

По неговата смрт, нејзината состојба дополнително се влоши, а јас изгубив време за споредни нешта, приморана да живеам со неа и покрај разубедувањата од Давиде, мојот сопруг. Беше сериозно истрошена. Многугодишното криење на личните проблеми под тепих и фокусот кон сите освен себеси ѝ се удираа в лице, но за разлика од татко ми сѐ уште ја држеше паметот и тоа беше единствениот преостанат бедем нанормалното функционирање.




„Лулу“, Јана Мишо, „Арс Либрис“

Дојде вторник и ножот од Француската револуција беше готов, како што беше ветено. Густав и Деор се вратија доцна претходната вечер, што природно доведе до успивање, па отидов јас да отворам на работа сама.

И ми се работеше сама.

Уште кога почнав да работам таму, дуќанот до нашиот беше празен, со валкани прозорци покриени со пожолтена хартија, а бојата од рамките беше излупена и едвај потсетуваше на нејзината оригинална нијанса на лаванда. Само што го паркирав малиот „фиат“ пред дуќанот, сфатив – таа приказна веќе не постоеше: немаше хартија на прозорците, внатре се шуткаа луѓе и беа многу бучни.

Толку од мојата тишина.

Еден човек стоеше на скала и ги бојадисуваше рамките темнозелени, разговарајќи со некого внатре. Ѕирнав. Просторот беше неверојатен и не ми беше јасно како останал празен толку долго време. Сега веројатно беше најмен.

И баш кога сакав да отклучам кај мене, се случи нешто и се случи многу брзо.

Молерот почна да слегува по скалата и во моментот кога требаше да го допре тротоарот со едната нога, помина шетач на кучиња со неколку слатки, но масивни суштества. И како што кучињата често знаат да направат, овие тука решија дека е одличен момент да се направи хаос, со тоа што едно се обиде да помине под скалата, а друго да ја заобиколи, па да се премисли и да го следи првото, предизвикувајќи кутриот шетач да се сопне на ремените, влечејќи ги останатите две баш меѓу нозете на молерот, заради што молерот изгуби рамнотежа, притоа обидувајќи се да се фати за нешто, што за несреќа излезе дека беше скалата, на која за жал беше оставена кантата со боја.

Гледав како скалата полека тргнува да паѓа, додека кантата се движеше како на забавена снимка. Молерот падна, неповреден, исто и шетачот на кучиња. Кучињата почнаа весело да лаат, а скалата конечно стигна на својата дестинација – тротоарот - и со врвот за влакно не ја закачи вратата од мојата кола. Значи, немаше гребнатини. Но и да имаше, немаше да биде важно.

Покривот на мојот „фиат“ веќе ја немаше неговата оригинална, фабричка кармин- црвена боја.

Беше зелен, како рамките на прозорците на дуќанот до нашиот.

Гледав во неверување, а само тропањето на празната канта за боја на бетонот ми беше саундтрак на фрустрацијата.

Ги затворив очите, исто во слоу моушн.

Додека разменуваа фрази како добро ли ви е, и извинете, и човечки се обидуваа да си помогнат меѓу себе да станат, се појави трета личност пред празниот дуќан.

„Немој да ми кажеш...“ му рече на молерот. „Дека уништивме нечија кола.“

Беше внукот на човекот со роднина што учествувал во Француската револуција. Тој со ножот што го поправав, и некако ми стана уште поантипатичен во моментот.

„Мојата“, реков, без да си го препознам гласот. „Мојата ја уништивте.“

Никој не беше виновен.

Но, дали придонесе кон моето гадење за овој човек?

Апсолутно. Секоја капка зелена боја што капеше од мојата кола, на која сега ѝ фалеше само малку бело за да може достојно да ја претставува земјата на потекло, беше капка во чашата необјаснива нетрпеливост што ја чувствував кон него.