1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 07:59
Пренесено од Дојче веле
Кога направи многу работи да го оддалечи регионот од себе последниве години, кога не знаеше како да најде решение за ветото што францускиот претседател Емануел Макрон го стави за Македонија во октомври 2019-та, кога го наполни со керозин ставот на Софија оттогаш да го блокира Скопје на европскиот пат, сега ЕУ во цајтнот се обидува да направи нешто и, како што стојат работите, во тоа нема да успее. ЕУ ќе ги остави на ветрометина Македонија и Албанија (и покрај тоа што самата донесе одлука за почеток на преговори со двете земји пролетта 2020) во овие толку нестабилни и исклучително кревки безбедносни времиња.
Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел влегоа во натпревар кој да понуди подобар концепт за идната европска архитектура и притоа земјите од Западен Балкан да ги убедат дека нивното пристапување кон ЕУ нема да биде ставено во истиот концентричен круг со Украина, Молдавија и Грузија. Сигурно тоа е дел од европските планови сите земји да се задржат во европската орбита што е можно поблиску, но очигледно многу малку луѓе во регионот сега веруваат во европските зборови. Во Македонија тој број драматично се намалува.
Во основа, наративот на Европската унија се загуби на Балканот и таа со полна брзина оди кон бездната која сама ја создаде во регионот.
Пред една година претседателите Румен Радев и Стево Пендаровски летаа заедно со авионот на шефот на бугарската држава во Рим на чествувањето на Кирил и Методиј. Радев тогаш изјави: „Заедничкото патување во Рим е прекрасен повод да го обновиме дијалогот меѓу нашите две земји на највисоко ниво и да ја изразиме нашата заедничка волја за развој на нашите односи во духот на пријателството и соработката“.
Од тоа денес нема ништо – односите меѓу двете земји се на најниско ниво. Иако во Бугарија оттогаш уште двапати се гласаше на парламентарни избори и на едни претседателски и државата конечно доби политичка влада. Како што нема ништо од оние зборови придружени со широка насмевка на премиерот Кирил Петков во Скопје на почетокот од годинава, кога промовираше нов пристап во односите. Од тој нов пристап сега нема ништо – Петков влезе во стапицата на оние против кои, наводно, се бореше и сега полека, барем јавно, стана промотор на политиката што ја скроија други пред тој да влезе во неа.
Нема многу да објаснуваме или да толкуваме. Понатаму во текстот ќе забележиме некои изјави на европските лидери, функционерите на ЕУ и на политички личности од Бугарија и Македонија почнувајќи од 9 мај и говорот на Макрон за „европската политичка заедница“. Заклучоците за тоа дали ќе се крене бугарската блокада и каква е иднината на Македонија, на Албанија и на другите земји во регионот се ваши.
Емануел Макрон (француски претседател) - 9 мај: „ЕУ, со оглед на нивото на нејзината интеграција и амбиција, не може краткорочно да биде единственото средство за структуирање на европскиот континент. Наша историска обврска е да одговориме на тоа денес и да создадеме она што јас би го нарекол ‘европска политичка заедница’. Оваа нова европска организација ќе им овозможи на европските демократски нации кои се придржуваат до нашите основни вредности да најдат нов простор за соработка во политиката, безбедноста, енергетиката, транспортот, инвестициите во инфраструктурата и движењето на луѓето, особено на младите“.
Олаф Шолц (германски канцелар) – 9 мај: „Оваа идеја на господинот Макрон не нѐ спречува да го завршиме тоа што го започнавме и на што работиме веќе извесно време. Тоа се однесува на земјите од Западен Балкан, бидејќи тие донесоа многу длабоки и храбри одлуки. Тоа треба да биде наградено. Го наведувам примерот на Северна Македонија, таа имаше храбри политички лидери кои направија храбри чекори за да започне процесот на зачленување. Ние не треба да ги обесхрабриме тие храбри чекори“.
Александар Шаленберг (австриски министер за надворешни работи) – 10 мај: „Денеска сум во Скопје и навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Сите делчиња од сложувалката се на масата и сега треба само уште да ги сложиме. И се надеваме дека уште пред почетокот на летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде свој придонес и ќе биде солидарна со Северна Македонија во тие чекори пред преговорите, бидејќи тоа е геостратешка неопходност“.
Димитар Ковачевски (македонски премиер) – 14 мај: „На 22 мај нема да има заедничка владина конференција со Бугарија од причина што агендите не го дозволуваат тоа. Во моментов, министерствата за надворешни работи разменуваат идеи, но нема усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор. Сѐ додека нема такво решение, кое што ќе се базира на овие вредности, нема да има решение“.
Красимир Каракачанов (почесен претседател на ВМРО-БНД) – 14 мај: „Околу 24 мај дел од владата, на чело со премиерот Кирил Петков и партијата Продолжуваме со промените, подготвуваат национално предавство. Бугарскиот став е јасен: компромиси за темата РС Македонија не се прават додека не се промени политиката на Скопје кон Бугарија. Петков има преземено обврски. Во моментов тој цица и се мази, се обидува да направи национално предавство за да покаже дека заслужил што некој го извадил од никаде и го направил премиер на Бугарија“.
Кирил Петков (бугарски премиер) – 15 мај: „Долгорочно гледано, Северна Македонија треба да биде дел од Европската унија и мора да се заштитат правата на Бугарите во земјата. Затоа мора да се надмине политичката реторика и да се работи. Бугарското вето за старт на преговорите на земјата со ЕУ ќе биде повлечено тогаш кога ќе биде завршена работата. Во владата во Скопје би требало да се формира институција која ќе работи за правата на Бугарите“.
Жозеп Борел (шеф на европската дипломатија) – 16 мај: „Треба да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија, и се надевам дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство. Сметаме дека ова одлагање е неодржливо. Двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив и ако немаат перспектива за ЕУ тоа ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитет, а ќе претставува и подарок за Русија“.
Иван Костов (поранешен бугарски премиер) – 16 мај: „Погледнете ги позициите на Георги Прванов, Симеон Саксобурготски - никогаш против Русија. А кога Русија е против вас, што правите? Се спуштате и лазите. Не може така. Потоа Сергеј Станишев, Бојко Борисов со неговата политика на остварување на руските интереси во Бугарија, претседателот Румен Радев... Сите овие луѓе имаа говор, однесување, постапки кои точно одговараат на дефиницијата за руски агент за дејствување, за влијание“.
Румен Радев (бугарски претседател) – 16 мај: „Неверојатно е како Европа, која се постави како пример на остатокот од светот во однос на демократијата и човековите права, е подготвена да ги напушти овие принципи и вредности. Не смееме да дозволиме легитимирање на македонизмот, идеологиите од поранешна Југославија и Коминтерната да најдат место во ЕУ“.
Бујар Османи (министер за надворешни работи на Македонија) – 16 мај: „Топката е во Република Бугарија. Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на критериумите. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. Најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот“.
Теодора Генчовска (миниистерка за надворешни работи на Бугарија) – 18 мај: „Не сум слушнала што кажал министерот Бујар Османи, но тој многу често се појавува во медиумите и постојано зборува. Ова не е тениски или фудбалски натпревар за да зборуваме во кој тим е или на кој терен. Нашиот став е исклучително јасен, имаме национален консензус за оваа тема. Не знам на кој појасен начин да му објаснам на господинот Османи. Нема како нашата позиција да биде променета на Советот за општи работи“.
Дидие Рејндерс (еврокомесар за правда) – 18 мај: „Земјите членки на ЕУ донесоа одлука во март 2020 да ги отворат преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега е време да се испорача и официјално тие да се отворат со двете земји пред крајот на француското претседателство“.
Бујар Османи (министер за надворешни работи) – 18 мај: „Има чинители во Бугарија, не можам да го апострофирам претседателот Радев, кои не само што сакаат блокадата да продолжи, туку и вината пред светот да биде наша. Затоа има обиди за провокација и блокада, со цел да наседнеме и направиме грешки во последните недели од процесот. Досега Македонија од никого нема забелешки за овој процес. Мислам дека овие недели е важно да не наседнеме на провокациите кои се со цел да бидеме виновни и блокирани“.
Димитар Ковачевски (македонски премиер) – 18 мај: „Нашата европска интеграција, зборувам за Северна Македонија и за Албанија, е заложник на Бугарија. Таа наша европска интеграција е сведена на зборување за историја. Тоа е погрешно, бидејќи кога се зборува за историја, не се ветува ништо, туку само се зборува за нешто што се случило пред 100-150 години. Тоа е класична уцена и не може да произведе никаков бенефит за никого“.
Шарл Мишел (претседател на Европскиот совет) - 18 мај: „’Европската геополитичка заедница’ е идеја да се забрза процесот на пристапување и да се направи поефикасен. Таа ќе ни овозможи редовно да се среќаваме на највисоко ниво, да разменуваме идеи за заеднички интереси, да се координираме. Решението би требало да лежи во прогресивна и постепена интеграција, веќе за време на пристапниот процес. Повеќе за повеќе. На пример, кога една земја ги исполнува потребните стандарди во даден сектор, таа може активно да учествува со советодавно гласање во работата на Советот на министри во зависност од агендата. Во овој процес треба да се интегрира и принципот на реверзибилност. Враќањето би имало директно влијание врз нивото на интеграција на земјата. Особено и итно внимание треба да добијат билатералните спорови, често мотивирани од малцинските прашања“.
Емануел Макрон (француски претседател) – 19 мај: „Оваа ‘Европска политичка заедница’ не е алтернатива на пристапниот процес, туку надополнување кое, независно од него, овозможува посилно структурирање на политичкиот, енергетскиот и инвестицискиот однос со неколку земји кои тоа го посакуваат“.
Олаф Шолц (германски канцелар) – 19 мај: „Успешната интеграција во ЕУ на нашите партнери од Западен Балкан е во сопствен интерес на Европската унија. Затоа е на врвот на политичката агенда на германската влада. Пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, кои беа ветени пред две години, сега треба да започнат“.
Марк Руте (холандски премиер) – 19 мај: „Сите заедно се обидуваме во Европската унија да направиме сѐ што е во наша моќ за да обезбедиме Западен Балкан да остане стабилен и да најдеме решение за проблемите што постојат таму, особено во однос на Северна Македонија и Бугарија. Ова е можно само ако овде Германија навистина преземе водечка улога“.
Оливер Вархеји (еврокомесар) – 20 мај: „Интензивна средба со министерката Теодора Генчовска во Софија. Работиме на заемно прифатливо решение за да можеме да ги започнеме преговорите со РС Македонија и Албанија со одржување на меѓувладина конференција во јуни. Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички основа и поддршка од Бугарија, за да го започнеме преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни“.
Кирил Петков (бугарски премиер) – 20 мај: „Го повикувам претседателот Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност на кој ќе се разговара за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Македонија. Бугарската позиција ќе биде разгледана од коалицискиот совет на владините партнери следната недела, а најпосле за тоа ќе се расправа во Собранието. Никаков надворешен притисок не може да влијае врз позицијата на Бугарија и на кабинетот. За тоа треба да има согласност на ниво на коалицискиот совет и потврден став од највисокото тело во земјата – бугарскиот парламент“.
Карикатури: Pavel Constantin