1032 hPa
62 %
10 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 09:59
Претседателот на Русија Владимир Путин неодамна рече дека „санкциите кои ѝ ги воведе Западот на Русија им нанесуваат штета на земјите кои ги воведоа“. На српските (пара)државни, односно медиуми со „национална фреквенција“, по правило се слуша уште „потврда“ верзија - дека од тие санкции повеќе штета има Европа отколку Русија. Тешко е да се докаже второво, особено во „длабоката Русија“, но дека Европа трпи штети од политиката што ја води - е неспорно.
Меѓутоа, тоа само зборува во прилог на Европа, Западот и западната цивилизација генерално.
На Западот често, особено во Србија, му се припишуваат егоизмот и себичноста, дека води сметка само за своите интереси и слично.
Преку украинскиот пример Европа покажа дека не ги заборави европските вредности. Ако пред сè се раководеше од сопствените интереси ќе ја пуштеше Украина низ вода, а ќе ги продолжеше своите односи со Русија како ништо да не се случува. Ќе имаше гас и нафта колку сака, можеби само малку поскапо, немаше да ја загрижуваат недостатоците на храна и ќе можеше мирно да продолжи со развојот и закрепнувањето од тешките последици од двегодишната криза предизвикана од епидемијата со коронавирусот. Не, воопшто не ѝ беше потребна нова криза.
И покрај тоа, Европа избра да ѝ се спротивстави на руската агресија и да застане на страната на Украина. Непосредното вклучување во војната, заради руската закана дека ќе употреби атомско оружје - која сепак не можеше да се смета за празна пушка - беше премногу ризично. Нема сомнеж дека во таа војна Западот би победил, но цената, пред сè во човечки животи, би била несогледлива. За Западот човечкиот живот значи нешто, за Путин тоа е само потрошен материјал. Да не зборуваме за несразмерното материјално богатство кое би било уништено и на едната и на другата страна.
Помагајќи му на послабиот и нападнат од многукратно посилниот, и самата трпејќи голема штета заради тоа, Европа ја покажа својата човечност.
Кога станува збор, пак, за Србија, таа избра да ја поддржува Украина но така што тоа нема да ја чини ништо. И покрај тоа, продолжувајќи ги добрите односи со Русија, таа од тоа извлекува (барем очекува дека ќе извлече) голема материјална корист. Преминувајќи молчешкум преку уништувањето на украинските градови и страдањата на украинските цивили, практично поддржувајќи ја Русија - можеби не толку официјално но несомнено преку блиските медиуми на Вучиќ - Србија го покажа своето дехуманизирано лице и но покажа и голема морална аномија. И, секако, сосема ѝ го заврте грбот на Европа.
Истовремено, како несолена шега, Вучиќ зборува дека „Европската унија нема алтернатива“ и дека Србија уште поодлучно ќе биде на европскиот пат. И се обидува тоа веднаш да го материјализира правејќи договор за производство на електрични автомобили со „Стелантис“, голем автомобилски конзорциум (со петнаесетина членови: Фиат, Опел, Пежо, Ситроен, Крајслер, Мазерати, Ланча, да ги споменам само најпознатите).
Вучиќ сака да се однесува според принципот „кротко јагне од две мајки цица“, небаре другите „цицале весла“.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Osama Hajjaj
Извор: https://pescanik.net/