1033 hPa
93 %
-3 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 03:59
И по цена на уништување на цел Донбас и претворање на волшебната Одеса во Мариупол, не жалејќи ги животите на илјадници и илјадници и Украинци и Руси, инвазиската војска, нејзините бомби и проектили, ќе ги „ослободат“ просторите на „Новорусија“. Ѕвоната на московскиот храм Христос Спасителот ќе објават победа, а претседателот Путин триумф на „специјалната воена операција“.
Меѓутоа, Украина нема да потпише капитулација, ниту Обединетите нации, Европската унија, НАТО алијансата или која било одговорна влада во целиот свет, ќе ја прифатат окупацијата на украинската земја за свршен чин.
Во „Новорусија“ ќе започне герилски отпор. Ланецот на смртта нема да биде прекинат. Западот ќе го претвори слободниот дел на Украина во најголемо градилиште во светот. Ќе се обновуваат разурнатите градови и населби, милиони побегнати Украинци ќе се вратат дома.
Современиот „Маршалов план“ ќе ја препороди Украина позабрзано и посестрано од разрушената Германија после Втората светска војна. Украина ќе стане Израел во срцето на Европа. Изложени на поредокот на КГБ-овската слобода и човечката среќа, Русите и Украинците во „Новорусија“ со сè поголем копнеж ќе бидат загледани во напредокот на „неослободената“, прозападна Украина.
Глобалната изолација на Русија ќе биде навистина глобална. Европа потполно ќе се ослободи од својата сегашна зависност од рускиот гас, нафтата, јагленот, енергенсите кои ја полнат државната благајна на Кремљ. За да не банкротира Русија ќе мора да биде во прегратка со Кина. Насочена кон Западот, Русија беше и сојузник и ривал, но секогаш „стратешки партнер“.
Во сојуз со комунистичкиот капитализам на диктаторската и експанзионистичка Кина таа ќе биде само заложничка, заробеничка. Ќе ризикува и продор на кинески компании и милиони Кинези на Сибир, енергетското срце на Русија. Теориите на антизападните фанатици во Кремљ, дека Русите повеќе се азиски отколку европски народ, и дека гените на Џингис Кан биле руски, освојувачки, ќе се покажат како најголема опасност за руската држава и нација.
Заканите со „сатани“, кои застрашувачки ги благословува Руската црква, „кинжалите“, нуклеарните торпеда и другите оружја за апокалипса, трагично сведочат за изопачените и вистински сатански умови на еден голем народ кој на човештвото му породуваше и даруваше духовни височини.
Милиони Руси, главно образовани и млади, бегаат од ваквата држава. Бегаат на Запад. Засега многумина спасот го бараат и во Србија, како и по болшевичката револуција. Можеби ќе бегаат и одовде. Од српската постојана КГБ-овска воена политика и пропаганда, која беше причина повеќето луѓе во Србија да ја поддржуваат агресијата во Украина, а санкциите против КГБ-овскиот режим во Кремљ да го доживуваат како обесчестување.
Санкциите се морална и цивилизациска порака за Злото. Србија е мала и недоволно силна за казнување на московските „силовници“, хидрите на КГБ и лојалниот врв на денешната Руска црква на КГБ. Дури и да сака, Србија не може да ги казни, но не смее ни да ја подигне главата и одлучно да каже НЕ на „братството“ виновници и пропагандисти на големото злосторство.
Со став на морална, политичка и човечка осуда, Србија, заради рускиот гас и нафтата, привремено и минливо би си одмогнала, но, трајно и неминливо би се позиционирала на слободарската страна на светот и на страната на разумот и совеста кај рускиот народ.
На економски, технолошки и биолошки малаксаната Русија, отфрлена од моќниот и демократски свет, ќе ѝ биде наметнат и прескап натпревар во производството на најмодерно оружје. Да се сетиме на „војната на ѕвездите“ која Америка му ја наметна на Советскиот сојуз и оваа империја ја доведе до колапс. Русија со сегашниот режим ќе доживее ист пораз. И тој пораз ќе биде пат кон голема промена, а Русите се нација на големи пресврти.
Не мора да биде ни толку далечен денот кога некој руски Вили Брант ќе дојде во посета на Киев. Покајување, како мелем на воените рани на два еднородни народи. Федерална или конфедерална Украина. Така би се прекинале и војната и светската изолација на Русија.
Авторот е претседател на Српското движење за обнова и поранешен шеф на дипломатијата на СРЈ.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.danas.rs/