Прво издание на Меѓународниот фестивал на прозата во Куманово

25.05.2022 11:38
Прво издание на Меѓународниот фестивал на прозата во Куманово


За прв пат оваа година во Центарот за култура „Трајко прокопиев“ во Куманово ќе се одржи Меѓународниот фестивал на прозата, на кој ќе се промовираат најновите прозни дела и романи од домашни и странски автор(к)и. 

Според директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски, целта на фестивалот е „да се поттикне формирањето на идниот читач“.

„Почнуваме манифестација која се надеваме дека ќе опстои долго, а по која ќе бидеме препознатливи и манифестација која ќе биде темел на збиднувањата од ваков вид. Целта на манифестацијата е да се доближи книжевната прозна продукција до читателската публика, да се запознаат со домашните и страните авторите и нивните дела, што ќе придонесе за формирање критичко, субјективно мислење, ќе се поттикне и формира идниот „читач“, изјави Тодоровски. 

Тема на првата фестивалска вечер е „Женското писмо и Балканот“ на која ќе дебатираат Јорданка Белева, Оливера Ќорвезироска и Лејла Каламујиќ, а модераторка ќе биде Фросина Крушкаровска. Вечерта ќе биде збогатена со музика во изведба на Јован Цветковиќ.

Во втората фестивалска вечер ќе гостуваат Николина Андова Шопова, Жарко Кујунџиски, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Шпатов и Фејзи Бојку кои ќе читаат фрагменти по сопствен избор од книжевните остварувања. Модератор на втората вечер е писателот Петар Андоновски. Визуелните ефекти се на Стефан Јакимовски.

Свеченото отворање е закажано на 25 мај во 20:00 часот во фоајето на Центарот за култура Куманово.

Манифестацијата ја организира Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ со финансиска поддршка на Општината и Министерството за култура.

 

ОкоБоли главаВицФото