Нов јазик

25.05.2022 10:48

Да кажеш тишина на нов јазик
е како да отвориш спореден излез
за чувствата, но да го зачуваш
срцето цело, негибнато,

зашто во стариот веќе се слушаат
војнички маршеви и химни
по кои, знаеш, ќе следуваат
елегични напеви за смртта.

Крупните зборови во него
се дотеруваат за победнички
говори, но наскоро ќе чекорат
ваму-таму отсутно и без цел.

Дробните, пак, ќе свенат
ко неполеано цвеќе, ќе исчезнат
в миг божем догорени чкорчиња
и пепелта ветер ќе им ја развее.

Така било и ќе биде. Сега
треба да научиш нов јазик,
да отвориш спореден излез
за случај на опасност

и да го изнесеш срцето надвор –
негибнато.

 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото