Отворен црковен Балкан

25.05.2022 10:51
Отворен црковен Балкан

 

Времето има посебна димензија на траење во црковниот живот, па затоа решавањето на деценискиот спор помеѓу двете православни цркви е првокласна вест за балканскиот регион, кој е под притисок и од секуларни и од духовни ривалства и конфликти.

Станува збор за одлуката на Светиот архијерејски синод на Српската православна црква (СПЦ) да одобри канонско единство со Македонската православна црква – Охридската архиепископија, кое го има од 1920 година.

Двете цркви се охрабрени да гледаат на нивните односи низ призмата на пријателство и соработка. Се воспоставува заеднички литургиски и канонски дијалог, бидејќи се отстранети причините за нивниот прекин предизвикан од едностраното прогласување автокефалност на МПЦ во 1967 година, по што Охридската архиепископија не беше ни регистрирана во Македонија. „Дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен туку е и наменски, легитимен и реален“, се вели во соопштението на СПЦ.

Со ова се испраќаат во архивите политизираните времиња, кога секуларниот Белград навлегуваше длабоко на територијата на црковните односи, кога по секоја цена го бранеше охридскиот архиепископ Јован, тоа е периодот 2010-15 година што тој го помина во затвор осуден за проневера, а српските политичари го направија великомаченик.

Одлуката на највисокото српско црковно тело да го прифати статусот на целосна внатрешна независност на МПЦ – Охридска архиепископија отстрани голем товар за целиот регион, па на владиците во Белград им останува само да видат што ќе биде со Црногорската православна црква, која е обновена во 1993 година, но СПЦ не ја признава.

Откако на 9 мај Вселенската патријаршија, на изненадување на многумина, објави дека ја признава МПЦ како канонска под името Охридска архиепископија, Белград внимателно ја следи реакцијата на СПЦ бидејќи одлуката доаѓа во момент на поделби и тензии во светот на 300 милиони православни, собрани во 15 автокефални цркви.

По руската анексија на Крим во 2014 година, односите помеѓу Московската и Вселенската патријаршија, прва меѓу еднаквите, беа целосно прекинати. Кога вселенскиот патријарх Вартоломеј на почетокот на 2019 година ја призна автокефалноста на дел од украинската црква на Киевската патријаршија, која со векови беше под јурисдикција на Москва, шизмата стана целосна.

Политичкото мешање и влијание врз црковните заедници се покажа како многу силно. Сегашната поделба не се случи поради прашањето на религијата или догмата, што би било нормално за црквите, туку поради нивната посветеност на националностите и на политичките стратегии.

Српската црква, која често е критикувана дека е потчинета на московскиот патријарх Кирил, не ја призна новата украинска црква, но согласно одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на Охридската архиепископија, овој пат не само што го реши конфликтот со МПЦ, туку и застана на страната на Вартоломеј.

Очигледно одлуката беше внимателно измерена за да може да се припише „исклучиво на црковно-канонски и на црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за реалполитичките, геополитичките, црковно-политичките и другите слични дадености или еднострани иницијативи и не подлегнувајќи на ничии влијанија или притисоци“, се наведува во соопштението на Српската православна црква.

Се покажа дека СПЦ и МПЦ неодамна имаа средба во Ниш уште пред одлуката на Соборот, на која присуствуваше и српскиот патријарх Порфириј. „Тоа беше интересен дијалог на љубов, верба и надеж“, како што сега го опиша зворничко-тузланскиот епископ Фотија.

Иако не доби автокефалност, МПЦ со признавањето од Цариград и од Белград направи голем чекор на патот кон независноста и излегувањето од изолација од времето кога пред 55 години еднострано прогласи независност. Српската православна црква потврди дека нема намера да ја условува новата сестринска црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во нејзината матична земја и во дијаспората.

МПЦ прво мораше да го реши проблемот со Грчката православна црква поради името „македонска“. Кога Македонија стана Северна, црковна Атина исто така го омекна своето противење. И покрај сите превирања во православниот свет, состојбата за Македонската црква почна да се развива поповолно по признавањето на автокефалноста на Украинската православна црква. Беа охрабрени верниците што припаѓаат на народната црква во православието и се бараше нивна еднаквост.

Одлуката на српскиот синод е победа на еден поумерен дел од крилото на црквата, со оглед на отпорот на конзервативните епископи, како што е владиката Иринеј, кој го брани вековниот канонски поредок и смета дека новата црква е раскол „потежок од сите претходни во историјата на Црквата“, вклучително и шизмата од 1054 година, поделбата на источно и западно христијанство.

Се затвора поглавјето во кое се знаеше дека црковните спорови сериозно ги нарушуваат меѓусебните односи помеѓу двете секуларни држави. Ваквиот поволен развој на односите помеѓу двете сестрински цркви навестува и отворање дијалог за автокефалноста на МПЦ за кој СПЦ со децении не сака да разговара. Во Белград останаа на ставот дека автокефалноста може да ја одобри само „мајката црква“, во овој случај Српската православна црква. Македонската црква, пак, сметаше дека одлуката ја носи вселенскиот патријарх во Цариград.

Договорот помеѓу српската и македонската црква е уште поважен бидејќи има и секуларна, политичка димензија за односите меѓу двете земји. Решен е долговечен спор кој би можел да им помогне на властите во Скопје во идентитетскиот конфликт со Бугарија. Можеби сме на прагот на еден Отворен црковен Балкан.

Извор: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Книжевност / Став

ОкоБоли главаВицФото