1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Романот „Мајки“ (2016) од Брит Бенет започнува со абортус. За Надија, 17-годишна Афроамериканка од Јужна Калифорнија, проблемот е да не се подложи на процедурата: „Не сакав Надија да биде неодлучна“, рече Бенет во едно интервју, „и додека пишував воопшто не ја отворав расправата за прашањето ‘дали треба или не’. Таа просто го направи тоа“. Проблемот на хероината од романот е во тоа што нејзината црква се откажува од неа поради абортусот. За некои луѓе од црнечката заедница, абортусот е поврзан со историја на присилна стерилизација на црните жени. Од друга страна, се занемарува историјата на поробените црни жени кои биле силувани од робовласниците и биле принудени да раѓаат така зачнати деца. И едното и другото ги лишувало од телесна автономија.
Нацрт-мислењето од Врховниот суд што протече во јавноста, а кое најавува можно поништување на историската одлука во предметот „Рои против Вејд“, се однесува на случајот „Добс против Женската здравствена организација од Џексон“ покрената по повод законот на државата Мисисипи од 2018 година, кој забранува абортус по првите 15 недели од бременоста; во случајот е пресудено дека законот е противуставен. Ако се остварат мрачните сомнежи на активистките, Женската здравствена организација од градот Џексон - последната клиника за абортус во државата Мисисипи - ќе мора да се затвори. Најголем дел од пациентките во оваа организација се Афроамериканки и работнички.
Повеќе од 20 други американски држави исто така подготвуваат забрана или строго ограничен пристап до абортус. Гувернерот на Оклахома минатата недела потпиша закон со кој се забрануваат абортуси по 6-тата недела. Минатата година во Тексас беше усвоен исклучително рестриктивен пропис, означен како SB 8. Како што истакнува Кали Холовеј, овој закон охрабрува преземање на правдата во свои раце, ветувајќи „отштета“ во износ од 10.000 американски долари за оние кои ќе покренат успешни граѓански тужби против секој што ќе „изврши или предизвика“ или кој „помага и поддржува изведување или индукција на абортус“ - и наликува на закон за робови-бегалци од 19 век.
Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести, во 2019 година, речиси 630.000 жени во САД ја прекинале бременоста. Непрофитната организација за репродуктивно здравје, Planned Parenthood, наведува дека до својата 45-та година, секоја четврта жена во САД ќе има абортус. Забраната нема да го спречи тоа. Бројот на регистрирани случаи во Тексас можеби е помал откако е усвоен SB 8, но тоа е делумно зашто жените на кои им бил потребен абортус отишле во други држави за постапката. Исто така, зголемен е бројот на абортуси што се изведуваат самостојно со лекови што жените ги нарачуваат преку Интернет. Минатиот месец една жена од округот Стар беше уапсена и обвинета за убиство откако го изгубила бебето во болница, бидејќи наводно им кажала на персоналот дека се обидела да предизвика абортус.
Стапката на абортуси меѓу Афроамериканките е речиси 5 пати повисока отколку кај белите Американки. Тие се изложени и на поголем ризик од смрт при породување, а имаат помалку ресурси на располагање за неопходната грижа и поддршка. Лорета Рос и другите црни активистки го сковаа терминот репродуктивна правда во 1994 година, истакнувајќи дека репродуктивните права се поврзани со пошироки прашања за расата, полот, класата и слободата. Како што наведува Кианга-Јамата Тејлор, сознанијата за начините на кои сиромаштијата и другите форми на угнетување ги ограничуваат нивните животни шанси ги навело да бараат репродуктивна правда - што го вклучува и правото да ги воспитуваат децата во здрава средина, каде што може да се задоволат основните потреби на децата и на родителите.
Црните феминистки - минати и сегашни - настојуваат да ги надминат флоскулите на симболични промени и се залагаат за сеопфатна грижа за децата и социјални услуги за сите луѓе кои припаѓаат на работничката класа. Додека ставот за абортусот е поделен по партиска линија, двете страни се одговорни за неуспесите во остварувањето репродуктивна правда. Роналд Реган и верската десница навистина ги напаѓаа црните самохрани мајки од работничката класа како „кралици на социјалната помош“, но Бил Клинтон беше оној што ги отстрани механизмите за заштита.
Како што пишува Алекс ди Бранко, „движењето против абортусот во САД долго време беше соучесник на белата надмоќност“. И во Европа групите против абортусот повикуваат на „голема замена“ - теорија на заговор според која мигрантите од глобалниот југ и луѓето со потемен тен ќе ги „заменат“ белците.
Полска воведе речиси целосна забрана за абортус. Во Германија, каде што живеам, како и во Британија, абортусот е нелегален, но дозволен под одредени околности. Според членот 218 од германскиот кривичен законик, „прекинувањето бременост се казнува со затвор до три години или со парична казна“; исклучоците се детално опишани во делот 218а. Делот 219а им забранува на лекарите да рекламираат, да ги советуваат или да ги информираат пациентките за абортус. Застапниците на слободата на избор бараат не само итно укинување на членовите 218 и 219а, туку и бесплатна контрацепција на барање. Германските закони против абортусот се особено репресивни против жените од работничката класа или оние кои живеат во области со помалку достапни медицински услуги. Националните граници не се пречка за жестоките противници на абортусот: американските десничарски организации потрошија милиони на кампањи низ Европа. Активист(к)ите кои го поддржуваат изборот мораат да размислат и за стратегија и мобилизација на меѓународно ниво против регресивните закони кои ги ограничуваат репродуктивните права.
„Вредноста на животот на жената“, пишува Адриен Рич, „изгледа зависи од тоа дали жената е бремена или штотуку родена. „Жените кои одбиваат да станат мајки не само што се сомнителни, туку се и опасни. Толку опасни што еден судија во Флорида на почетокот на годината сметаше за соодветно на бремена тинејџерка да ѝ се ускрати правото на абортус, делумно зашто просекот на оценки ѝ бил премногу низок (што наводно е знак дека не е доволно зрела да се откаже од согласноста на родителите).
Луѓето се бесни поради нацрт-мислењето што протече во јавноста од Врховниот суд и брзо се мобилизираат. Како што напиша Мелиса Гира Грант, изборната политика има свои граници: „Демократите во моментов имаат мнозинство во Конгресот, но тие не можат да усвојат федерален закон што би ги гарантирал правото и пристапот до абортус - делумно благодарение на недемократската распределба на местата во сенатот која на помалите, конзервативни држави им дава дополнителна моќ, заедно со филибастерските антимнозински процедури.“
Штом еднаш ја поништат историската одлука во случајот „Рои против Вејд“, американските конзервативци ќе продолжат понатаму, кон контрацепцијата, правата на хомосексуалците и еднаквоста на трудот. „Ако абортусот ни е секогаш на крајот од приказната“, напиша Френ Бигман за романот на Брит Бенет, „а не на нејзиниот почеток, никогаш нема да разбереме што е она што го прави возможен“. Наспроти тоа, приказната за абортусот што ја наметнуваат конзервативците е полна со срам, ужас и каење. А во неговото средиште е суровата обесправеност на жените.
Илустрации: Genevieve Cohn
Извор: The London Review of Books