Она што остана

27.05.2022 02:15
Она што остана

Чудовишните епидемии во историјата, смртоносното ширење на бубонската чума, тифусот, колерата, маларијата и туберкулозата ги научија луѓето да избегнуваат глодари, да пресушуваат мочуришта и да уништуваат инсекти, да градат канализација и да ги мијат улиците, да не ја трујат водата за пиење со сопствениот измет и да не плукаат по подовите (тоа беше тема на една од првите успешни медицински кампањи). Од друга страна, во нашата доба, епидемијата со Ковид-19 нè научи да ги користиме Зум и Нетфликс.

Две и пол години откако се појави на кинескиот пазар во Вухан, сега, после четири големи бранови, грст непријатни соеви, кампања за вакцинација и разни мерки со кои со променлив успех се војуваше против заразата, после економските загуби, политичките потреси, ширењето други болести, уништените бракови и пријателства, анксиозноста и смртта на саканите личности, коронавирусот се повлекува оставајќи го светот кој сигурно не е воопшто подобар од оној од пред новата 2020 година.

Но, и покрај некои долгорочни последици како што се постковид синдромот и прераспределбата на богатството, како и после секоја криза, светот продолжи понатаму. За тоа на непријатен начин убедливо сведочи несреќната војна во Украина, нова криза кон која во моментов е насочено целото глобално внимание, сиот политички и медиумски простор, како воопшто да ја немаше заразата. Но, колку светот стана поинаков по пандемијата?

Не е новост дека ковид-19 беше првата пандемија која се случи во ера на развиен интернет и дека оваа зараза беше толку поинаква од сите претходни колку што нашата дигитална цивилизација се разликува од претходниот, аналоген свет. Секако, вирусот не се ширеше преку интернет, но стравот од него да, со глобална лавина невистини и полуинформации, псевдонаука и теории на заговор. Истовремено, интернетот како на форма на комуникација беше од огромна корист за милиони заболени луѓе и уште поголем број кои ја трпеа изолацијата. Затоа и не зачудува што пандемијата најмногу влијаеше на користењето на интернетот.

Иако интернет гигантите како Амазон и Гугл бележеа вџашувачки раст на богатството, зголеменото користење нови сервиси за комуникација во развиениот дел од светот, како во Америка така и во Европа, не беше проследено со траен премин на онлајн купување и откажување од „аналогните“ услуги. За ова прашање исклучително многу се пишуваше во првата година од пандемијата - бројни аналитичари предвидуваа тотален рестарт на планетата - нов дигитален свет кој го создаде вирусот од невнимание и во кој само треба да се влезе. Сепак, дополнителната анализа ќе покаже дека скок постои, но дека не беше толку голем.

Сепак, клучното прашање е нешто сосема поинакво. Животот несомнено е покомфорен, но не и суштински поинаков ако наместо библиотеките со дискови и репертоарите во кината ги пребарувате содржините на Нетфликс. Но, вистински животни и економски промени не можат да донесат само неколку нови апликации и собен тренажер нарачан онлајн, колку што тоа може да го направи прашањето дали пандемијата за огромен број луѓе го промени нивото работно место преселувајќи ги од канцелариите на трајна работа од дома. Бројни анализи своевремено покажуваа дека за време на пандемијата дојде до пораст на работата од далечина, што отвори огромен број навистина стратешки прашања - прашања за начинот на работа во иднина.

Според податоците на Joint Research Centre на Европската комисија, пред пандемијата само околу 5,7 проценти од жителите на ЕУ имале искуство со работа од далечина, додека во 2020 година дури 40 проценти од компаниите во Европа го искусија овој нов облик на организација на работата. Основното прашање кое, соочени со овие податоци, претходните две години го поставија многу аналитичари за работата од далечина е - дали ќе опстане? Ако се случи тоа, пандемијата сепак ќе остави еден траен и секако длабок белег на модерната цивилизација.

Опсежното истражување со наслов „Teleworking in the COVID-19 pandemic: Trends and prospects“ кое на оваа тема неодамна го спроведе меѓувладината Организација за економска соработка и развој, која ги обединува речиси сите развиени земји, ја открива сложената природа на овој феномен - работата од дома навистина се зголеми, но ова зголемување исклучително многу варира низ економските сектори и видовите работа.

Истражувањето на ОЕЦД очекувано покажува дека за овој вид организација на работата најчесто се одлучувале компании од дигиталната сфера, комуникациските и технолошките сервиси, кои на работа од дома испратиле во просек околу 50 проценти од вработените. Но, интересно е што за работата од дома почесто се одлучувале поголемите компании отколку малите претпријатија, како што тоа почесто биле жени отколку мажи. Вработените со поголемо ниво на квалификации во просек почесто работеле од далечина - работниците со високо образование во Америка работеле од дома 15 пати почесто отколку оние со понизок образовен профил.

Иако донесува извесна економска корист, работата од дома за многу вработени беше пекол, а за работодавачите вистинска енигма - дали економската добивка може да го оправда јасно забележаниот пад на продуктивноста? Наведеното истражување дава интересен одговор - продуктивноста на овој начин на работа е директно поврзана со желбата на вработениот да работи од дома. Од друга страна, иако повеќето луѓе очекуваат дека работата од дома ќе биде почеста отколку пред пандемијата, исклучително мал број вработени би сакале да работат полно работно време од дома.

Така, со сите свои зла, пандемијата urbi et orbi покажа некои нови софтвери и нови форми на комуникација, како и можност за работа од далечина, откривајќи ги двете нејзини лица. Но сега кога вирусот се повлекува во историјата, се чини дека тоа повеќе личеше на мошне убедлива и далекусежна јавна промоција, отколку на неповратно нурнување на светот во нова технолошка парадигма. Кога станува збор за менување на светот, новите технолошки промени си се доволни сами на себе. За тоа сведочат претходните технолошки револуции на кои никогаш не им беше потребен некаков зол вирус за да го променат животот на луѓето.

Превод: Алек Кузмановски

Скулптури: Chrystl Rijkeboer

Извор: https://naukakrozprice.rs/