Не е виновна само војната - глобалната криза со храна

27.05.2022 16:40
Не е виновна само војната - глобалната криза со храна

На чело на египетското министерство за снабдување е Али Моселхи, поранешен пријател на Мубарак, чија кариера во 2017 година ја обнови сегашниот претседател на Египет, Абдел Фатах ел Сиси. Египетските медиуми веќе со недели ги пренесуваат извештаите на Моселхи за залихите со пченица во резервите на земјата. Инаку, таквите билтени беа игнорирани како дописи од чудниот свет на владините комуникации (египетскиот министер за водни резерви и наводнување понекогаш ми испраќаше редовни извештаи за нивото на водата на Новата асуанска брана). Но најновите бројки укажуваат дека резерви има за околу 11 недели. Египет извезува повеќе пченица од која било друга држава во светот. Намалувањето на резервите е важно зашто субвенционираниот леб е главен начин да се спречи масовно умирање од глад меѓу сиромашното население. Додуша, оваа ситуација не е единствена. Во своите „стратешки резерви со пченица“ Саудиска Арабија чува доволно пченица за повеќе од една година - околку 3,3 милиони тони. Голем дел е складиран во огромни силоси северно од Бурајда, во центарот на Арапскиот полуостров. Силосите се опкружени со наводнувани фарми кои на сателитските снимки се гледаат како зелени кругови посеана површина во бескрајот на пустината.

Саудиските резерви се мали во споредба со 650 милиони тони житарици складирани во Кина. До 1996 година, САД кои имаат непрегледни фарми на средниот запад чуваа резерви од вкупно 4 милиони тони пченица.

Националните резерви со пченица се чувствителна тема: тие се показател за основната способност на административната држава. Празната државна житница некогаш значеше дека претстои политички колапс. Руската инвазија на Украина и американските санкции за Русија сериозно го загрозија извозот на пченица од двете земји. Русија и Украина заедно произведуваат околу 15 проценти од светската пченица. Меѓународниот фонд за развој на земјоделството проценува дека областа околу Црното море е поднебје на околу 12 проценти од калорискиот прилив на глобалниот пазар. Покрај тоа, модерното индустриско земјоделство во голема мера се потпира на јаглехидратите. Бидејќи цените на енергијата пораснаа, поскапе и ѓубривото, а последица на тоа е наглото поскапување на сите основни намирници освен оризот. Одеднаш, аналитичарите и инвестициските банки ги консултираат табелите за плодност на земјиштето. Политичките коментатори посветуваат внимание на индексот на цените на храната кој го објавува Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО). Цените растат од летото 2020 година, но само во април годинава се случија три големи скокови еден по друг.

Растот на цените веќе има глобални последици. Во март Алжир го ограничи извозот на храна. Во април престанаа да работат четири мелници во Казахстан заради недостаток на евтина руска пченица. Во Турција инфлацијата достигна 61 процент, а цените на храната растат уште побрзо. Главен произведувач на индонезиски инстант тестенини (19 милијарди пакувања годишно) предупреди за недостигот.

Во Русија и Украина се наоѓа поголем дел од високо продуктивната црна земја богата со хумус. Но главна особина на руското и украинското земјоделство не е толку продуктивноста колку што е односот меѓу производството и бројот на жители. Украина произведува 4 пати помалку пченица од Индија, но нејзиното население е 30 пати помало од индиското. Затоа многу од најсиромашните земји во светот значаен дел од храната увезуваат од Украина и Русија. Војната носи големи проблеми и покрај непосредниот факт дека полињата остануваат необработени. За да ги зголеми приносите, последниве десетина години Украина користи ладна плазма за ртење која се произведува во Мексико. Плазмата веќе не се увезува заради војната, а тоа ќе влијае на идните приноси. Растот на цените може да ги поттикне фармерите да се преориентираат: во бразилската држава Сао Паоло фармерите веќе велат дека ќе сејат пченица наместо шеќерна трска, зашто сакаат да ги искористат високите цени. Индија вети дека ќе го зголеми извозот, иако последниве години приносите ѝ беа слаби. Но не е извесно дека сиромашните земји кои се потпираат на увозна храна ќе можат да ги надоместат загубите од украинската и руската пченица со увоз од Гуџарат, Есперанса или Буенос Аирес.

Поголем дел од пченицата и останатите столбови на исхрана кои се консумираат во целиот свет се одгледува во рамки на националните граници. На местата кои одгледуваат малку вакви култури или воопшто не ги одгледуваат, загубата на руската и украинската пченица може да биде тежок удар. Во Сомалија и Бенин 100 проценти од увезената пченица доаѓаат од Русија и Украина, во Лаос 94 проценти, во Египет 82 проценти, а во Судан 75 проценти. Само половина од пченицата што ја увезува Либија доаѓа од Украина, но таа половина задоволува околу 20 проценти од потрошувачката. Така е и во Авганистан. Минатата година ОН предвидоа дека 97 проценти од авганистанското население ќе биде сиромашно до следното лето. Во меѓувреме се вели дека тоа предвидување било премногу оптимистичко. За нештата да бидат уште полоши, се смета дека најавата на американските Федерални резерви за продолжување на трендот на раст на каматните стапки годинава ќе има сериозни последици во задолжените земји. Низа држави во субсахарска Африка и на Блискиот исток се соочуваат со пораст на трошоците на државните долгови кои во моментов едвај ги поднесуваат. Некои од овие држави мораат и да увезуваат големи количини храна. ФАО предупредува на „ураган од глобален глад“, а Светската програма за храна тврди дека наскоро стотици милиони луѓе ќе претрпат големо намалување на калорискиот внес. Многу руски и украински житни силоси се полни (неодамна лично се уверив во тоа во близина на Тернопол), но руската влада на западните санкции одговори со прекин на извозот на житарици. Украинските пристаништа на Црното море сè уште се затворени.

Ризиците од војната во Украина однапред беа јасни во Египет. Оваа земја има многу сиромашно население кое преживува благодарение на тоа што цената на лебот е пониска од трошоците за негово производство. Таа увезува 13 милиони тони пченица годишно, количина доволна за Катедралата Свети Павле да се наполни стотина пати. Поголемиот дел од оваа пченица се увезува од Русија и Украина, се транспортира преку Медитеранот во пристаништата во Александрија и Дамиета, а оттаму се пренесува во млиновите по делтата на Нил и северно од Каиро. Во првите недели од војната цената на лебот во приватните пекари порасна за 50 проценти. Владата воведе ограничување на цената, но растот на цената на пченицата веќе стана преголемо оптоварување за државната каса. Египетската фунта изгуби 15 проценти од својата вредност. Само во март владата повеќепати мораше да ја зголеми цената за поминување низ Суецкиот канал. На 23 март Египет побара помош од ММФ.

Во април владата ја зголеми цената на бензините, што е последно во низата поскапувања кои ги поттикнува ММФ од 2016 година. Директорите на фабриките на големите египетски компании ги намалуваа платите на работниците чии синдикати се распуштени или обесмислени по државниот удар од 2013 година. Владата преговара за увоз на пченица од Бугарија, Германија и Индија, но по повисоки цени. Затоа мораше да побара помош од богатите држави во Персискиот залив. Во 2013 година монархиите од Заливот понудија помош, главно во форма на грантови и финансиски трансфери. Но сега, ако се изземе Саудиска Арабија, која се согласи да префрли 5 милијарди долари директно на сметките на египетската централна банка, државите од Заливот главно понудија да купат удел во египетските компании. Меѓутоа, ветувањето инвестиции не е толку корисно како помош. Во меѓувреме, контролата која ја врши египетскиот апарат за безбедност беше доволна за да се спречи будење каква било реална опозиција. Да се доведува во прашање државата значи да се ризикува казна во некој од големите затвори кои ги изгради војската на Синајскиот полуостров по 10 години воена репресија.

Либан увезува далеку помалку жито од Египет, но 75 проценти од неговиот увоз доаѓа од Украина и Русија. Либанската економска криза, чија причина е безочната корупција, почна далеку пред ковидот, а особено пред војната во Украина. Од октомври 2019 година оваа земја доживува голем пораст на стапката на сиромаштија, а вредноста на лирата се намали за 90 проценти. Веднаш по руската инвазија Либанската банка не успеваше да ја плати купената пченица. Залихите со леб почнаа да се тенчат. Во април либанските весници известуваа дека пекарите остануваат без брашно и ги затвораат печките. Државните медиумски агенции почнаа да известуваат за секоја испорака на жито која би стигнала во либанските пристаништа. Како и Египет, Либан побара помош од ММФ. На почетокот на април беше потпишан заем од 3 милијарди долари за план за реформа на либанските банки. За остатоците од либанската економија ќе се води борба на парламентарните избори во мај.

Во Тунис наглото намалување на испораките со пченица се совпадна со веќе постоечката политичка криза од поинаков вид. Во јули 2021 година претседателот Каис Саид ја приграби сета власт така што го суспендираше парламентот и ја распушти владата. Во декември го уапси потпретседателот на конзервативната партија Енахда. Во февруари го распушти судскиот совет и именуваше нов. После руската инвазија, пекарите во Тунис - кои половина од своето брашно и житариците ги добиваат од Русија - беа затворени заради недостаток на брашно. Како што размерите од недостатоците стануваа јасни, владата ги криминиализираше „лажните вести“ за залихите со храна. На 30 март Саид го распушти суспендираниот парламент. Иако се чини дека има поддршка од војската, неговото владеење повеќе потсетува на поновата турска историја отколку на воен пуч во стилот на поранешниот египетски претседател Ел Сиси. Покрај тоа, за разлика од Египет, Тунис сè уште има опозициски партии, меѓу кои се истакнува Енахда. Иницијативата на граѓанското општество Граѓани против пуч одржуваше седечки протести во Тунис кои не завршија со масакар. Владеењето со претседателски декрети е далеку од стабилно. Во Тунис сега владее можеби најтешкиот недостаток на храна во Магреб, а ситуацијата дополнително ја влошува фактот дека Мароко со децении не беше погоден од ваква суша - се очекува да изгуби половина од овогодинешните приноси. Саид ги обвинува своите противници дека „сејат семе на хаос“.

Во Египет, Либан и Тунис кризата со храна ќе предизвика сериозна штета. Но во Сирија потенцијалот за човечко страдање е многу поголем. Дури и пред војната во Украина, повеќе од 50 проценти од Сиријците имаа недоволен пристап до храна. Деценијата граѓанска војна и суша го уништија задоволувачкиот земјоделски систем. Американските санкции се совпаднаа со хиперинфлацијата. Дамаск до неодамна увезуваше големи количини пченица од Кримскиот полуостров, но тој увоз сега е неизвесен.

Најблизок до Сирија според потенцијалот за хуманитарна катастрофа веројатно е Судан, кој увезува три четвртини од своите житарици од Русија и Украина. Во 2021 година контрареволуционерниот пуч на чело со генералот Абдел Фатах ал Бурхан доведе до запирање на меѓународната помош и го забрза долготрајното економско пропаѓање. Светската програма за храна проценува дека во следните неколку месеци бројот Суданци кои се соочуваат со акутен глад ќе се зголеми двојно, односно дека ќе порасне на 18 милиони. Единствена земја која е во полоша ситуација е Јемен, чие население веќе 8 години трпи глад или е на раб да гладува. Продолжува блокадата која ја наметна Саудиска Арабија - со поддршка на САД и Велика Британија - со масовни злосторства за кои едвај се известува. Жителите на Јемен главно се зависни од хуманитарна помош и увозна стока. Но засега и тоа е неизвесно: во март ОН доби половина одговори помалку во врска со побарувачката на средства за хуманитарна помош.

Арапската пролет во 2011 година се совпадна со наглиот глобален пораст на цените на храната. Сиромашните жители на Каиро одиграа клучна улога во заземањето на плоштадот Тахрир на 25 јануари; прво барање на движењето Тахрир беше леб. Природно се наметнува прашањето дали сегашната криза со храна може да придонесе за нови бунтови. Во земја во која за време на избори се дели шеќер, властодршците кризата со храна секогаш ќе ја гледаат како опасност за нив. Високите цени на енергијата и исклучувањата на струјата беа главни причини за политичкиот крах во Шри Ланка, но важна улога одиграа и високите цени на храната. Понекогаш се чини дека во Либан, Тунис, Судан, Сирија и Јемен нема големи бунтови зашто нема доволно устроен поредок против кого би се борело незадоволното население.

Руската инвазија во Украина се случи во момент кога глобалните цени на пченицата веќе беа екстремно високи. ФАО тврди дека војната не ја предизвика толку кризата колку што ја откри „слабоста на доминантниот прехранбен систем“. Во февруари Светската програма за храна предупреди на опасност од „невидена глобална криза со глад“. Сегашниот циклус почна летото 2020 година. Наведени се поголем број причини: од нестабилни временски услови до промена на режимите на исхрана во Кина и Индија. Поважна причина е долготрајното влијание на пандемијата со ковид на транснационалниот превоз на стока и производството: во моментов 500 бродови чекаат да влезат во шангајското пристаниште. Нарушувањето доведе до секакви видови недостатоци: глобалните залихи со алуминиум, никел и цинк опаднаа за 70 проценти. Но на размерите на проблемот укажаа најважните производи: јаглехидратите и житариците.

Сепак, и покрај сета штета која ја причини пандемијата, со неа не може целосно да се објасни големиот пораст на цените на храната кој се случи пред војната во Украина. Важен дел од приказната се движењата на слабо регулираните пазари со суровини, со кои доминираат грст финансиски институции и корпорации. Во 2008 година шпекулациите на инвеститорите придонесоа цените на храната да се вивнат надвор од дофатот на сиромашното население. Инвестициските банки се склони да ја негираат улогата на шпекулациите во необичниот пораст на цените на храната и суровините. Џеф Кари, главен аналитичар на пазарите со суровини во Голдман Сакс тоа му го припиша на погрешното инвестирање на капиталот - премногу во Нетфликс, премалку во нафта, рудници и индустриско земјоделство - како и, очекувано, преголемата регулација на банките. Но тоа не е баш убедливо. Големите финансиски институции и трговците кои се обложуваат на цените на енергијата и храната речиси извесно придонесуваат за скокови на цените. Ликвидноста дури и на толку големите специјалисти за суровини како што се Трафигура, Витол, Гленкор и Каргил е ограничена заради шпекулирањето со финансиските деривати. Сите тие имаат долга историја на врски со центрите на политичка моќ - поранешниот извршен директор на Витол еднаш одлета во Бенгази со придружба на НАТО дрон; за време на хиперинфлацијата во Зимбабве, Каргил илегално печатеше сопствена валута користејќи машини во Хараре; Гленкор ја ограби Романија и ја откупи австралиската рударска индустрија - но таквите маневри нема секогаш да го гарантираат нивниот опстанок. Пропаста на кој било од нив може да доведе до недостатоци и до ограничена распределба на храната.

Кризите со храна не се само уште една од последиците на географијата врз човечките планови - на пример, нерамномерно распореденото алувијално земјиште. Претседателот Бајден јавно призна дека цената на американските санкции „не ја плаќа само Русија“. Но неговата администрација влијае на таа цена и на други начини. Во април ги олабави правилата кои се однесуваат на продажбата на бензин помешан со пченкарен етанол. Дури 40 проценти од американскиот род на пченица се користи за производство на биогорива. Со оваа пченица не можат да се хранат луѓе (можат животни), а поттикнувањето на земјоделците да сејат повеќе пченица го намалува производството на други култури. Оваа одлука е донесена со тенденција да се одржат ниски цените на бензините, а кон неа беа наклонети и земјоделските лобисти. Коментаторите зборуваат за мултиполарен свет, но САД сè уште имаат пресудно влијание дури и врз најоддалечените делови на глобалната економија. Благодарение на американските санкции Бразил мора да бара дозвола за купување на потребното ѓубриво од Иран. Војната во Украина не е единствената причина која придонесува за понатамошно осиромашување во сиромашните квартови на Блискиот исток.

Изминатава деценија Светската банка објави низа извештаи кои најавуваат „огромен напредок“ во намалувањето на екстремната сиромаштија. Нејзините заклучоци беа засновани на податоци полни со дупки и сомнителна методологија. Поранешниот специјален пратеник на Обединетите нации за екстремна сиромаштија и човекови права Филип Алстон во 2020 година покажа дека мерките на Банката главно се замислени така што ги исполнуваат развојните цели. Наместо да работи на ублажување на сиромаштијата, таа ја дефинира така што никој не се вклопува во дефиницијата, па се покажува дека таа всушност и не постои. Искоренувањето на сиромаштијата е прикажано како триумф на постојниот поредок и оправдување за нееднаквоста на глобалната економија. Меѓутоа, тој триумф е илузорен. Војната во Украина и кризата со храна која ја продлабочи како последица ќе има раст на сиромаштијата и оскудица. Цените на пазарот со пченица паѓаат или растат во зависност од вестите за мировните преговори. Колку подолго трае војната, толку е поголема извесноста дека ќе настапи глад. На 13 април осумте најголеми американски произведувачи на оружје беа повикани во Пентагон на брифинг за зголемувањето на испораките со оружје за Украина. Според неименуван американски претставник овој состанок бил посветен на подготовки за долг конфликт.


Слики: Pawel KUCZYNSKI


Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.lrb.co.uk/

ОкоБоли главаВицФото