Престанете да не' силувате! Слава Україні!

28.05.2022 11:49
Слонот, глушецот, и митовите за неутралноста на Македонија

 

Невозможно е да се каже нешто за војната во Украина, а да е тоа ново или корисно за кого било. Се случува ужас пред очите на целиот свет, а тој свет едноставно нема сила да му стави крај на ужасот. Не сакам да си дозволам да коментирам за причините и последиците. Има многу поголеми умови од мене, подобри експерти, стратези, политичари… кои можат да си дозволат сеопфатни анализи. Но што од тоа?

Сепак, останувам доследна на мојот вечен оптимистички став дека секој може и мора да направи нешто мало, некој ситен чекор за доброто на човештвото. Замислете осум милијарди чекори насочени кон иста цел! Наспроти генералното мислење „прави добро, не се фали“, сметам дека секое добро треба да биде и забележано и пофалено. Дури и ситници од типот украинско знаменце на профилната слика на Фејсбук. Видливото добро е заразно и мотивирачко. Останува дилемата што е „добро“ според моите, според вашите, според нивните критериуми?

Според онаа народната „секое чудо за три дена“, почекав пет дена да видам колку ќе трае едно од, според мене, чудата на малиот човек поврзани со војната во Украина. Какво разочарување! Еден ден и веќе стана небитно. Што, секако, не ме спречува да кажам зошто ми е мене битно.

На 17 мај, 2022 г. беше отворен 75. Кански филмски фестивал, еден од најстарите, најпочитуваните и најгламурозните собири на филмскиот џет-сет. Фестивалот, меѓу другото, се гордее и со својата општествена ангажираност, односно со поврзувањето на филмот со актуелните светски теми, вклучувајќи ги и војните. На годинешното отворање на присутните со видео порака им се обрати украинскиот претседател Зеленски. Сосема соодветно, не само затоа што е херојот на поголемиот дел од светот, туку и затоа што по професија е актер. Организаторите не им дозволија присуство на провладините руските филмаџии и новинарите, беше прикажан документарец за Мариупол… Стоечки овации за организаторите. Или, не баш? Поблиску до вистината би било дека стоечките овации ќе бидат за она што е организирано, договорено, режирано…, а сè останато ќе се смета за инцидент.

На четвртиот ден од фестивалот (20 мај, 2022 г.), во моментот на фамозното фотографирање на гламурозните гардероби на ѕвездите кои учествуваа на премиерата на филмот „Три илјади години копнеж“ на црвениот тепих истрча жена („гола“, „полугола“, „топлес“… како што можеше да се прочита во известувањето на медиумите) на чии гради беше исцртано украинското знаме и испишан текстот „Престанете да нè силувате“ (Stop raping us). Жената протестираше поради масовните силувања на украинските жени од страна на руските војници за кои во Украина веќе се водат истраги, а во европските земји кои ги прифаќаат бегалците се дадени препораки на жртвите на силување да им овозможи бесплатна здравствена помош, гинеколошки прегледи, сигурни абортуси…

Медиумите

Според медиумите, на црвениот кански тепих „се случи инцидент“, „топлес протестантка ја прекина премиерата“, „демонстрантка направи хаос“, „упадна жена“, „гостите беа збунети“… Лицемерно! Еден ден аплаузи за организаторите кои му овозможиле на Зеленски да се обрати, друг ден површно информирање, па и суптилни критики за протестот. Целото информирање би можело да се сведе на неколку реченици: истрча активистка (неидентификувана жена), протестираше за силувањата на украинските жени, обезбедувањето брзо реагираше и ја отстрани… Врз основа на твитот на француската феминистичка организација SCUM (името беше испишано и на грбот на жената) дека станува збор за нивна активистка, некои медиуми се потрудија она „украинска активистка / активистка / неидентификувана жена“ попрецизно да го идентификуваат како француска активистка /активистка на француската организација.

 



Дел од медиумите ги спомнаамасовните силувања и истрагите во Украина, како и обраќањето на Зеленски. Овде-онде можеше да се прочита реченица плус за сите можни нивоа на обезбедување на фестивалот, во смисла – како ли успеала да им се протне. (Јас, пак, баш би сакала да им кажам браво на SCUM како успеале сето тоа да го организираат и да помине без никаков проблем).

Македонските медиуми настанот го проследија главно коректно, но со стандардните „кликбејт“ наслови. „Голата“ жена од насловите главно се претвораше во помалку атрактивна „топлес жена“ во текстовите. Сосема друга приказна се руските медиуми кои целосно го игнорираа настанот или му дадоа цинична нота со оценката дека станува збор за протест поврзан со „силувања“ и „злосторства“ во Украина (да, токму така напишано – силувања и злосторства во наводници!).

Секако, неизбежно е и лицемерното морализирање и конзерватизмот на одредени медиуми за кои, се чини, еднакво вознемирувачки се сцени со мртви тела на жени и деца, како и жена со голи гради (всушност, многу помалку голи поради нанесената боја отколку оние на дел од филмските ѕвезди во проѕирни фустани). Делува смешно кога медиум се труди да покрие фотографија на која е прикажан (замислете!) гол грб на жена. Делува апсурдно кога медиум од рангот на британската BBC известува за протест во кој централно место има пораката „Престанете да нè силувате“ со видео на кое од почеток до крај е заматена пораката само затоа што е напишана на женските гради.
 

Отприлика толку во 24 часа. И чудото заврши. Во следните години во медиумите ќе гледаме фотогалерии од најдобро и најлошо облечените ѕвезди. Ќе се коментираат филмовите. Ќе се спомнува говорот на украинскиот претседател. Речиси целосно сум сигурна дека активистката на SCUM ќе биде заборавена од сите, освен од оние кои се занимаваат со активностите на феминистичките организации.

Симболиката

Да не биде заборавено! Активистката на SCUM, млада Французинка, храбро истрча на црвениот тепих и ги употреби најбезболните, но најсилни оружја – своето тело и својот глас. Со еден потег го соблече свечениот црн фустан, протрча меѓу филмските ѕвезди и силно извикувајќи „Престанете да нè силувате“ застана пред фотографите. Ни таа, ни нејзините пријател(к)и од SCUM не тргнале по полесниот пат. Многу е поедноставно да напишеш текст на рамен грб наместо на градите, но во тој случај жената би била критикувана за егзибиционизам и би станала мета на сексистички коментари во врска со (не)убавината на нејзините дојки. Многу повеќе внимание би се привлекло со танга, наместо со обични бели памучни гаќи (драги моралисти, извинете ако ве навредува терминот „гаќи“), но повторно ефектот би бил непосакуван – сексистички коментари за (не)убавината на задникот. „Престанете да нè силувате“ – едноставна, а сепак силна порака испишана токму таму каде што силувачот го фрла првиот поглед – градите и таму каде што се создава плодот на злосторничкиот чин – стомакот.

Уште поголема е симболиката на крвавите гаќи на активистката. Во основа, користена е естетиката на девојките од Естонија кои во април 2022 г. протестираа пред руската амбасада во Талин. Естонските девојки носеа блузони, црни вреќи на главата и крвави гаќи (секако, обоени со црвена боја) како симболичен приказ на грозоморноста на силувањето.



Активистката на SCUM таа естетика ја надгради со црвени отпечатоци од дланки на бедрата и меѓуножјето. Морничаво симболично. Рацете на силувачот! Рацете на насилникот што нанесува физичка и психичка болка додека ги задоволува своите инстиктивни потреби, без оглед дали жртвата крвари или ќе искрвари до смрт. Но уште повеќе, крвавите раце на злосторникот кој ја силува жената неколку секунди откако убил некого, неколкумина… можеби токму децата на истата таа жена. Пробајте да ја замислите сликата, а потоа пробајте истата да ја избришете од своите глави. Тешко, нели? Пробајте да ја замислите само како сцена од филм затоа што никогаш не ќе можете целосно да замислите таква траума ако не сте ја доживеале.

Браво жено! Браво SCUM!

Ѕвездите

Погледнете ја неколку пати кусата снимка од настанот или фотографиите и ќе ја склопите целата сложувалка за тоа како функционира мозокот на некои ѕвезди. Нема да ви треба многу време, се чини сложувалката е премногу едноставна, соодветно на мозокот. Знам дека звучи малициозно, ама колку треба да си глупав и нечовек на половина метар од тебе да стои полугола жена која гласно извикува „Престанете да нè силувате“, а ти да гледаш со смеење, со страв или целосно да ја игнорираш? Воопшто не ме интересираат имињата на ѕвездите. Лесно е да се најдат. Не сакам да ги запаметам. Доволно е што ќе запаметам лик на жена во црвен фустан со кренати раце, полунасмеана и подисплашена… отприлика исто како јас кога се вадам од памет кога дома ќе ме „нападне“ мајски бумбар. За памтење е и „сребрената кралица“ на која единствено и беше битно шљокици на фустанот да се на свое место додека им позира на фотографите. И нејзиниот „заштитнички“ настроен партнер кој веројатно и шепна „батали, насмевни се“. Незаборавни се и двете „дами“ кои го прошетаа по целата должина на црвениот тепих и ја проследија целата сцена со весела насмевка. Ох, да, пренајсмешно!

Тука некаде се и околу 80% од фотографите кои воопшто не ги свртеа објективите кон активистката затоа што тие се платени да фотографираат ѕвезди, а не некоја си таму „разврескана“ жена. Единствено мало оправдување би можело да има само за обезбедувањето. Тие, сепак, се обучени да реагираат без емоции и да спречат сè што е надвор од зацртаниот протокол.

Но замислете да беше за нијанса поинаку. Замислете ѕвездата во црвен фустан да вложеше дел од својата популарноста, да ја прегрнеше активистката, заедно да извикуваа „Престанете да нè силувате“ и да им позираа на фотографите. Замислете партнерот на „сребрената кралица“ наместо на нејзиниот струк, раката заштитнички да ја ставеше на струкот на активистката и да ја приближеше до фотографите. Четирите обезбедувачи (ЧЕТИРИ за една жена!!!) ја влечеа и ја покриваат со палто, случајно да не им „прокрварат“ очите на моралистите од погледот на полугола жена. Замислете нежно да ја фатеа под рака и достоинствено, полека да ја изнесеа надвор од црвениот тепих, таква каква што е – обоена, полугола, храбра… Ама, сите овие нијанси не се дел од лицемерното фестивалско сценарио!

Јавноста

Која јавност? Зарем не се прва, најистурена, најзабележлива, најбитна јавност токму ѕвездите кои присуствуваа на сцената? Зарем не требаше тие први да ја поддржат активистката? Поддршката дојде од непознати или малку познати ликови само на социјалните мрежи, главно како коментари на твитот на SCUM, на твитот на Kyle Buchanan од „The New York Times“ кој прв објави снимка од настанот (прекината од обезбедувањето на фестивалот), но и на помалку познати твитерџии кои брзо реагираа на настанот. Коментари се движеа од „браво“, „секоја чест“ до, отприлика, „Мех… Никаков ефект. Кан е приморски и филмски град. Секојдневно гледаме цицки“. Голем број непознати ликови настанот го проследија со малициозни коментари за однесувањето на активистката, но и генерално за активностите на SCUM.

Единствено ме радува што настанот помина незабележано кај македонските твитерџии кои милуваат себеси да се сметаат за интелектуална елита. Ќе се изначитавме твитови со анализи за обликот на градите и задникот на активистката. Среќа, твитерџиите деновиве беа презафатени со гаќосување на македонската твитер сфера. Имено, ден пред протестот во Кан, некој си „опасен фраер“ објави дека е*ел и ѝ ги земал гаќите на партнерката, па твитерџиите сериозно се зафатија со анализа на формата, бојата, чистотата, модерноста… на гаќите на партнерката. Секако, мораа да сликаат голем број гаќи и да напишат што се тие правеле со туѓи или свои гаќи.

Кому му е гајле за таму некои крвави гаќи како симбол на силување, смрт, војна… Далеку е тоа. Всушност, ако е малку важно или речиси неважно за светските медиуми, ако е неважно за „големите, влијателни, филмски ѕвезди“, зошто би било важно за обичните смртници?

Има само една „мала“ разлика – во војните не гинат ѕвездите, туку обичните смртници!

Вресокот

Ах, да, Путин секако молчи. Не го вознемируваат претсмртните воздишки на илјадници луѓе. Време е да го вознемириме, време е сите наеднаш да вреснеме:

Престани да ги силуваш украинските жени!

Престани да го силуваш украинскиот народ!

Престани да нè силуваш сите нас, без оглед на кој крај од светот битисуваме!

(авторката е магистер на комуникации)

Извор: Институт за медиуми и аналитика ИМА – Скопје