Викенд на гордоста, 02-11 јуни

30.05.2022 09:08
Викенд на гордоста, 02-11 јуни

Јубилејниот десетти по ред Викенд на гордоста Скопје оваа година ќе се одржува во два месеци, од 2-11 јуни, и 15-17 септември, во Музејот на современа уметност, Мала Станица, МКЦ, Театар комедија, КСП ЈАДРО и Станица 26. Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.

Овогодишниот фестивал ќе се отвори на 02 јуни, во 20:30ч во МСУ, со изложбата „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“, курирана од Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски, а во рамки на која ќе бидат претставени архивски материјали и дела од Волфганг Тилманс, Нора Стојановиќ, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Кочо Андоновски, Наташа Гелева, Музејот на современа уметност Скопје, STEAM ROOM, Александар Георгиев, ВикторијаИлиоска, и многу други. За време на отворањето на изложбата ќе биде изведен во живо и најновиот перформанс на Христина Иваноска, како и најновото кореографско дело на Александар Георгиев. Оваа архива на современи квир/феминистички перформативи во Македонија ќе го опфати периодот од последните четири декади. Во рамки на истата се истражуваат и се вклучени различни уметнички перформативни практики, кои ние ги забележуваме како феминистички перформанси и пракси во рамки на визуелните и изведбените уметности, како и квир перфоманси, секојдневни квир и клупски кореографии во 90-тите и денес, зачетоците на родовите студии и теорија, политички перформанси, и други фестивали и пракси кои ги истражуваме и читаме во полето на поставениот проблем и тема.

Публиката ќе може да проследи и перформанси на Џули Толентино и Стош Фила (САД) на 03 јуни во МСУ. Џули Толентино е култна американска уметница со филипинско и салвадорско потекло, која во своите перформанси/инсталации ги истражува меѓупросторите на расата, родот, релационалноста и архивот. На 04 јуни, исто така во МСУ, со гордост го претставуваме легендарниот Дејвид Хојл (ВБ), познат во 1990-тите години како Дивајн Дејвид. Во рамки на јунската програма најавуваме и: јавно предавање на Јасмина Тумбас (САД), која на 07 јуни во МСУ ќе ја претстави својата последна книга објавена од Manchester University Press - „Јас сум Југословенка!: феминистичка изведувачка политика за време и по југословенскиот социјализам“; Перформативни презентации на Џесмин Херн, заве мартоарџоно, Џеј Бoj и Сара А.О. Роснер (САД) во Мала станица, а во соработка со Локомотива; и, после две години, јунското издание на фестивалот го затвораме на 11 јуни, со нашите омилени ПичПрич, и СРАМОТА! – Вечер на раскажување квир приказни.

Во септемвриската програма публиката ќе проследи танцова претстава на францускиот кореограф Матје Окемије, перформанс на Јулишка Стенгеле од Австрија, и вечер на воугинг и дрег забава.

Оваа година каталогот за фестивал е проследен со првиот превод на македонски јазик на францускиот филозоф Жан Лик Нанси. Примерок од каталогот ќе можете да си земете на отворањето на Фестивалот.

Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА. Кураторскиот избор на фестивалската тема се потпира на феминистичкото и квир наследство и тековниот придонес во теоријата, уметноста и политиката, а кое ги поставува телесноста, субјективитетот и афектите како централни оски на критика, мобилизација, изведба и промислување. Критичката феминистичка и квир практика и мисла во преден план ги става отвореноста и проточните граници на телесноста, односно релационата, еколошката и процесуалната перформативност на телесната материјалност, полот и родот, како и етичките и политички импликации кои произлегуваат од онтолошката претпоставка за телесната ранливост, изложеност, неизвесност и променливост.Тргнувајќи одовде, овогодишниот Викенд на гордоста ја става онтолошката екстатичност и дарежливост на телесниот живот во фокусот на уметничките, културните и теориски пракси кои ќе бидат дел од програмата, како можност да го распоседнеме поседничкиот и господаречки субјект на капиталистичкиот патријархат, и да отвориме хоризонт кон радикално преосмислување вкотвено токму во меѓу-телесната отвореност кон другоста.

Овде погледнете го каталогот со деталната програма и постерот за фестивалот. 

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство со Локомотива, МСУ, ТИИИИТ! Инк., КСП Центар-ЈАДРО и Терапија, со несебичната поддршка на Министерството за култура на РСМ, Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Фондацијата Фридрих Еберт, Амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија, и Сигрид. Раузинг.Изложбата Екстатични тела е делумно поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија преку Програмата Уметност Институција Политика Тело/УПИТ на Локомотива како и од програмата на ЕУ-Креативна Европа/Life Long Burning проект.

Слични содржини

Фотографија / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото