Истополовите парови во Хрватска можат заеднички да пристапат кон процена за посвоители

30.05.2022 10:44
Истополовите парови во Хрватска можат заеднички да пристапат кон процена за посвоители

 

Истополовите парови во Хрватска можат заеднички да пристапат кон процена за посвоители и не смеат да бидат дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација, се вели во пресудата на Вишиот управен суд на Република Хрватска. Жалбата на надлежното Министерство против пресудата на Управниот суд во Загреб од април 2021 година, со која на животните содружници Младен Кожиќ и Иво Шегота треба да им се овозможи пристап до постапката за процена за посвојување, беше одбиена.

Кожиќ и Шегота пред шест години се пријавиле во Центарот за социјална работа за да станат згрижувачи и посвоители. Нивните барања биле уредно примени, но потоа во двете постапки биле одбиени само затоа што биле во животно партнерство. По долга правна битка во 2020 година, тие успешно станаа згрижувачки родители на две деца.

Минатата година, првостепениот управен суд донесе одлука дека тие можат да станат и посвоители, а по жалбата на министерството, одлуката на Вишиот управен суд конечно ги отстрани сите сомнежи.

Шегота и Кожиќ не го кријат задоволството од пресудата:

„Нашата приказна за посвојување започна во 2016 година, кога бевме отфрлени од системот затоа што сме истополова двојка во животно партнерство. Таквата одисеја траеше шест години. Нашите шест години не се ништо во споредба со шесте години живот на децата што тогаш можевме да ги посвоиме. Деца кои ги немаа шансите за живот што ние ги имавме во воспитувањето. Шесте изгубени години на овие деца одат на душа на политиката која во име на одбрана на т.н. традиционални вредности беше подготвена да го погази правото на семејство на деца заборавени од општеството“.

Оваа пресуда има далекусежни последици за правата на ЛГБТИК лицата и истополовите парови во Република Хрватска, бидејќи ги прави животните партнери практично еднакви во правата како сопружници.

„Оваа пресуда е од огромно симболично значење за сите ЛГБТИК луѓе во Хрватска. Го потврдува нашето право на семеен живот и дека нечија сексуална ориентација не може да биде основа за дискриминација. Ние сме многу горди на нашите членови Иво и Младен, а нивната упорност и борба со системот го промени нашето општество и дава надеж, особено на младите ЛГБТИК луѓе во Хрватска, дека системот може да се промени и дека утре може да биде подобро. Ппресудава има многу други импликации за ЛГБТИК лицата во Хрватска и нивните семејства, но за тоа ќе зборуваме во друга прилика. Нашата потрага по еднаквост не е завршена, но ова е огромен чекор напред.“, коментира претставникот на Здружението на семејството „Виножито“, Даниел Мартиновиќ.