„Осамата на Мона Н.“ и „Велиново“ (извадоци од романите)

31.05.2022 11:30
„Осамата на Мона Н.“ и „Велиново“ (ивадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.


„Осамата на Мона Н.“, Загорка Поп-Антоска Андова, Центар за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“

Себеси ја сметаше за исклучително силен противник. Ако Себеси одлучеше дека некој треба да биде избришан од нејзиниот живот, тој ќе беше избришан. Неповратно. Но, ако Себеси, одлучеше дека тој некој треба да биде вратен во нејзиниот живот, ќе беше. Оваа апсурдна борба, на Самата и Себеси, беше реалност која требаше да се живее дури и кога среќна 00..го влечкаше куферот по осончената страна на булеварот од каде што го следеше танцот на еден стар форд со едно ново фиќо на Реинбоу од Стоунси, додека дваесетина опели пееја: Coming, colors in the air, Oh, everywhere, She comes in colors, She's like a rainbow, Coming, colors in the air, Oh, everywhere, She comes in colors... чекореше одлучно, со оправдана насмевка на нејзиното лице, накитено со црвениот рам на наочарите, истата нијанса на кармин, и сребрените висулави обетки чии циркони блескаа од сончевината која го капеше асфалтот по кој и таа самата танцуваше. Го качи куферот во автобусот, извлече од паричникот банкноти со кои си ја плати картата, го пронајде своето столче и седна до едно момче што најверојатно немаше наполнето ни четиринаесет. Одеднаш низ широкиот прозорец, покрај главата на момчето, здогледа нешто во далечината. Ги подигна наочарите, и извика: - Застанете, ве молам! Со неверување гледаше кон булеварот каде што Себеси играше танго со недојадената палачинка со џем и павлака. Кога заврши танцот Себеси зина и на еден залак ја лапна палачинката, па со полна уста се бувна во автобусот каде што патниците веќе негодуваа поради чекањето. Изусти Се извинувам, ме понесе ритамот, и автобусот тргна.

Момчето кое немаше ни четиринаесет имаше златноцрвеникава боја на косата, порцелански бел тен, и златни пеги по носето. Имаше слушалки во ушите и поглед вперен во сообраќајната гужва низ која автобусот се пробиваше со тешкотија. Не можеше да го тргне погледот од момчето, оти пегите ја потсетуваа на најубавото момче што го знаеше кога таа немаше ни четиринаесет. Гледајќи во момчето, гледаше во сопственото детство што стануваше младост која знае да љуби. Одеднаш шоферот ненадејно нагази на кочницата, автобусот се вкопа во место, шоферот почна сочно да пцуе, а телата на патниците поитаа по замислената траекторија на движење, па по некој половина час, како бумеранг, слетаа назад во седиштата. Едно сѐ уште непроодено детенце од задните седишта поврати врз главата на една возрасна жена чија црвена коса се имаше до толку проретчено од хормоните, што буквално таа ја почувствува бананата директно врз скалпот. Извинувањата на мајката не го смалија нагонот за повраќање што возрасната жена го сузбиваше мирисајќи ги влажните марамчиња, од каде што мажот ѝ извлече три за да ѝ ја избрише главата и евентуално да ја спаси фризурата што ја беше направила за својот прв престој кај внуката во Шпанија.

Шпанија беше дестинацијата којашто Мона М. ја одбра за својата осама. Шпанија беше земјата каде што се чувствуваше добро. Помислата на Шпанија и престојната посета коинцидираше со малиот протест што го правеше целиот застој во сообраќајот. Вратете ја Мексичка!; Уа за Петре Пирузе, Мексико донираше, не Петре Пирузе!; Автентичност, а не комунисти со национални пориви. — беа дел од транспарентите што дваесеттемина протестанти ги држеа додека автобусот се провираше помеѓу две жени што се расправаа низ отворените прозорци на своите коли. „Мексиканска, а не Мексичка, неписмени!“ — довикна една професорка по македонски, што очигледно повеќе ја болеше промената на името на државата, отколку на улицата.

Погледна во момчето. Не можеше убаво да му го види лицето, оти како скаменет зјапаше низ прозорецот без каква било желба за контакт со реалноста. „Којзнае каде е со умот“ — си мислеше. Ова се тие генерации кои уште незамомчени копнеат да заминат некаде далеку од дома. Доволно свесни, и доволно млади да си ја бараат среќата некаде надвор, и да не се оптоваруваат со тоа дали улицата ќе се вика „Мексичка“, „Мексиканска“ или „Петре Пирузе“, ниту, пак, со името на државата. Тоа се тие генерации кои зборуваат течно англиски од својата четврта година, и живеат на интернет-просторот без намера да се материјализираат на Земјава, а уште помалце во земјава.



„Велиново“, Димче Парталоски, „Топер“


„ЖЕСТОКА ПРЕСМЕТКА НА МИЛИЦИЈАТА СО ВЕЛИНЧАНКИ“

„ВЕЛИНОВО ПРОТИВ ВЛАСТА“

„И МЛАДО И СТАРО ПРОТИВ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ“

Тоа беа само некои од насловите во дневните весници кои излегоа веднаш утредента, по настaните во Велиново. Новинарите, како да не ги интересираше или,пак, не знаеја, зошто е целата таа „ѓурултија.“ Нивните информации беа штури и начуени. Велинчани не даваат вода. Кому? На Отиново. И точка. Толку. Цела приказна околу настаните се сведуваше, само на тоа. И велинчани беа сатанизирани од сите страни. Беа нарекувани со секакви погрдни зборови. Те биле националисти, те биле верски шовинисти, те религиозни фанатици и сѐ такви квалификации. Никој од новинарите не ја знаеше срцевината на проблемот. Никој не се ни заинтересирал да обдени, зошто, всушност, во Велиново се одиграла таква драма. Да брцне, да разрошка. Дали така беа подучени од власта, од каде го мердаа сомунот или нивните текстови беа цензурирани од главните уредници, кои беа поставени на таа позиција од власта. Тоа само тие си знаеја.

Се дигна голема прашина. Зовре работата. Не само во Општина Град, туку и во целата држава. Републичките државни институции почнаа да се интересираат за тоа, што се случува долу, во Општина Град. Заседаваа, дебатираа, наредуваа, разрешуваа. Но што фајде имаше Велиново од тоа? Никакво.

Претседателот на Републичкиот извршен совет седна на својот стол, во својот кабинет. Ги стави зрцалата. Ги опули преку нив присутните, а потоа го бувна опулот кон весникот, кој го држеше отворен пред себе.

- Што значи ова?! – ги опита присутните, иако и тоа како го знаеше одговорот.Не му требаше од нив.

Сите беа штамосани.

Од десната страна, седеше републичкиот секретар за внатрешни работи. Наспроти него, претседателот на Републичкиот комитет за градежништво и урбанизам. Едно место по него, седеше Ване Корински.

Ване Корински вршеше баеги висока функција во републичките органи на државата, низа години наназад. Без никаков проблем, како низ познат лавиринт, се движеше од една функција на друга. Ја вдоба цаката како се прави тоа.Впрочем, како и сите присутни тука, а и пошироко, другите. Требаше само да си во врвот на настаните, да се добереш до оние што веќе беа таму, на горните катови и позиции или функции, речете го тоа како сакате, и успехот сам по себе беше загарантиран. Од толкав булук на функции, сѐ нешто „ќе зграбиш“. Сите си беа убави. И така Ване, кој по потекло беше велинчанец, а одамна имаше фрлено камен на Велиново и живееше во Скопје, стана висок функционер во владата на државата. Во областа на јавната безбедност и контраразузнавање. Вкуси од сласта на власта. Тоа беше коџамити позиција. Луѓето му имаа страв. Важеше за солиден и дисциплиниран функционер. Разборит и достоен на зборот. Работлив и добар организатор. И велинчани го имаа истото мислење за него. Не дека го познаваа лично, затоа што еден таков моќник, и да сакаш, не можеш лично да го запознаеш. Што се вели, ни родената мајка не му го знаеше доволно табиетот, не, пак, обичните велинчани. Затоа што, со самото преселување во Скопје, одалети од нив, меѓу кои беше и Ване, полека ја одгризија папочната врска со неговото родно место. Заборавија на своето огниште. Заборавија да се дружат. Да одат во посета, не само кај сограѓаните , туку и кај своите роднини, во Велиново.