Дождот (2) (хаику)

31.05.2022 11:48
Дождот (2)

 
Дојде капкана
да го шмукне морево...
Види, види, ај!


Дожд во олук пее
(фатен ѕвер во капан) а
вели: Пантареј!


На сува рида
во пламен пиштат змии.
А дождот чека.


Бунари празни!
Изворишта секнале!
На облак заспав.


Земјата, без дожд,
од ровка стана камен
по божја глава.


Предолга суша.
Дури и жедта гасне.
Злобата расте.


Среде сушава
бестрашно се кренало
цвеќето Надеж.


По долга суша
тивко врне. Молкнете
во тој свечен чин.

Роси росица
да ми растат косица
како лозница.
(Според народна)

Елегантен дожд.
Цапна во прашината
и - се повлече.


Пропрска дождот...
Плитка му била целта.
Палавраџија!


Сонцето свети
низ дожд срмајлија...
Мечка се жени.


Врне како плач.
Немоќен Господ плаче
над зли судбини.


Ни дожд упорен
не ќе го симне срамот
од души гнасни.


Те затече дожд
сред поле, а ти веќе
престар и папсан.


Секој се враќа.
И дождот, но обновен,
а ние - ломни.

Извор за текстот: Цане Андреевски - Дождот (Матица, 2007)
Слики: Hasui Kawase (1883–1957)

ОкоБоли главаВицФото