Украинската надреалистка чии методи ги презеде Полок

31.05.2022 15:02
Украинската надреалистка чии методи ги презеде Полок

Ова е митот: генијалецот Џексон Полок, пијан, го проценува недопреното платно испружено на земја. Потоа фрла, прска и капе боја насекаде врз него, создавајќи енергичен нов уметнички јазик - методот капка по капка. Магазинот „Лајф“ напиша : „Дали е тој најголемиот жив сликар во САД?“
Вистинската приказна? Првата „искапена“ слика на Полок, „Full Fathom Five“, е завршена во 1947 година. Четири години порано една украинска домаќинка без формална уметничка обука го запрепасти уметничкиот свет со своите слики целосно изработени со методот капка по капка и со своите примитивистички надреални соновни пејзажи. Се викаше Џенет Собел, а нејзината уметничка кариера траеше само три години од 1943 до 1946 година. Додека таа исчезнуваше, Полок се издигна, добивајќи заслуга за техниката чиј основач беше Собел.

Собел е родена како Џени Олечовски во 1893 година во Екатеринослав, индустриски град во источна Украина. Во пресрет на руско-јапонската војна во 1905 година, Евреите беа обвинети за горчливиот пораз на Русија. Таткото на Собел бил убиен во погромот што следел. Нејзината мајка со остатокот од семејството побегнала од Источна Европа. Пристигнале на островот Елис во 1908 година, каде што службеник им го сменил семејното презиме во Вилсон. Џени решила да се преименува во Џенет.


Разочарување, 1943 

Две години подоцна, на 16-годишна возраст, се омажила за Макс Собел, кој бил школувал за гравер во Украина. Во следните три децении, додека Макс се борел да основа бизнис со накит за костими, таа одгледала пет деца во руско-еврејската енклава Брајтон Бич. За време на депресијата биле толку сиромашни, што таа правела лепчиња од компири што нејзините најстари деца ги продавале на тротоарот.


Про и контра, 1941

Собел започнала да експериментира со уметност во 1937 година, откако нејзиниот 19-годишен син Сол почнал да слика. Земајќи ги неговите слободни четки и бои, почнала да слика на фрлени пликови, картонски кутии и на маргините на страниците на списанијата, цртајќи на нив соновни, лебдечки лица што се појавуваат од заплеткани лисја и цвеќиња кои потсетуваат на украинската народна уметност.


Џенет Собел, 1945 година.

Импресиониран, Сол станал најголемиот промотор на мајка си. Тој се обратил на истакнатиот надреалист Андре Бретон и на руско-еврејскиот уметник Марк Шагал. Му пишувал на влијателниот галерист Сидни Џејнис, кој бил познат по тоа што се залагал за „примитивната“ и „аутсајдерската“ уметност. Пет години откако почнала да слика, Собел привлекувала големо внимание. Таа ја продала својата прва слика во 1942 година и ги претставика своите дела на изложба во уметничкиот клуб во Чикаго. Ова брзо било проследено со изложба во музејот во Бруклин.


Без наслов, 1941


Уметници на претстава, 1943


Млечен Пат, 1945

До 1944 година, уметноста на Собел еволуирала од фолклорна во фигуративно-апстрактна. Тогаш почнала да прави смели, целосно апстрактни слики. Работејќи со платното прострено на земја, ги запленила алатките околу нејзината куќа и импровизирала нови начини за нанесување боја врз платното. Користела правосмукалка за дување на бојата во криви линии. Додавала песок од плажа за да создаде текстура. Собел дури и позајмила од алатките за правење накит на нејзиниот сопруг - стаклената пипета станала средство за капнување на сјајна боја во деликатни пајачести обрасци. „Јас сум надреалист“, изјавила таа, „го сликам она што го чувствувам“.


Без наслов, 1946

Во 1944 година, Собел била дел од уметничко шоу во галеријата „Норлист“. Овој нов простор го водела уметницата Еленор Ласт и нејзиното момче Џими Ернст, кој бил син на познатиот надреалист Макс Ернст, тогаш оженет со Пеги Гугенхајм. Веројатно вака Собел завршила во The Women, легендарната женска уметничка изложба на Гугенхајм од 1945 година.

Следната година, Гугенхајм ја издвоила Собел за самостојна изложба. Каталогот на изложбата содржел есеј од кураторката Сидни Џенис, која ја фалела Собел за нејзините „самостојно измислени методи за нанесување пигменти“. Џенис предвидела: „Џенет Собел веројатно на крајот ќе биде позната како најважната надреалистичка сликарка во земјава“.


Без наслов, 1946 


Грмушка во оган, 1944

Но, еднакво брзо како што се појавила во светот на уметноста, таа наеднаш исчезнала.

Во 1946 година, нејзиниот сопруг одлучил да го пресели семејството во Плејнсфилд, Њу Џерси за да биде поблиску до фабриката во која работел. Не можејќи да вози, Собел била отсечена од уметниците и галериите во Њујорк. Следната година, го загубила својот најважен покровител кога Пеги Гугенхајм ја затворила галеријата и се преселила во Европа. Покрај тоа, Собел развила мистериозна алергија на некоја состојка во бојата.

Нејзината внука, Ешли Шапиро, огорчено изјавила: „Баба ми... беше згмечена од начинот на кој мажите размислуваа за жените и начинот на кој таа размислуваше за своите должности како жена... Луѓето мислеа дека е алергична на боја... Таа беше алергична на провинцијата.“


Мајка и дете


Хирошима, 1948.Без наслов, 1948

Собел продолжила да создава уметност, но по 1946 година, нејзините дела никогаш не биле изложени во друга галерија до крајот на нејзиниот живот. Таа на крајот го презела бизнисот со накит на сопругот и била во голема мера заборавена од светот на уметноста.

Во 1955 година, пријател на Џексон Полок, истакнатиот уметнички критичар Клемент Гринберг, признал во својот влијателен есеј „Сликање од американски тип“:

„Во далечната 1944… тој [Џексон Полок] забележа една или две занимливи слики претставени кај Пеги Гугенхајм од примитивната сликарка Џенет Собел (која била, и сè уште е, домаќинка која живее во Бруклин). Полок (и јас самиот) се восхитувавме на овие слики прилично скришно... Подоцна Полок призна дека сликите му оставиле впечаток.“

Споменувањето на влијанието на Собел врз Полок требало да го обнови нејзиното име, но комплиментот е толку нејасен и индиректен што таа останала фуснота. Сепак, во 1968 година, кога Музејот на модерна уметност ја поставуваше ретроспективата на Џексон Полок, тие ѝ оддадоа почит на иновативноста на Собел со тоа што ја донесоа една од нејзините најдобри слики со техниката капка по капка, „Млечниот пат“, и едно ненасловено дело што беше уште еден извонреден пример за нејзината техника. Собел починала подоцна истата година, никогаш не успевајќи да ги види сликите изложени во Музејот на модерна уметност во 1970 година.


Џенет Собел, 1945 година.

Оттогаш, Собел полека враќа дел од својата поранешна истакнатост. Многу публикации сега ја признаваат како пионерка во техниката капка по капка. Стотиците слики што ги оставила зад себе сега се вклучени во значајни изложби, најнеодамна во „Жена во апстракција“, патувачка изложба од 2021 година. Како извонредно надарена уметница чие дело ги опфаќа народните традиции, надреализмот и апстрактниот експресионизам, Собел заслужува пошироко признание за револуционизирање на уметноста на 20 век во својата метеоритска кариера скратена од патријархатот на нејзиното време.

 Извор: https://www.messynessychic.com/