Културните војни на кинеската младина

01.06.2022 00:48
Културните војни на кинеската младина

Иако тезите за новиот мултиполарен свет во кој нема да постои еден хегемон циркулираат во стручните кругови со години, ако не и со децении, оваа теза во мејнстрим медиумскиот простор ја подметна дури војната во Украина. Притоа, како темелен пресврт и промена во геополитичката конструкција на светот не се земаат толку војната во Украина и руската геополитичка позиција, туку неверојатниот раст на кинеската економија последниве два до три века. Во тој контекст особено е интересно да се набљудуваат аргументите на американските безбедносни коментатори кои сè повеќе ги нервира војната во Украина. И тоа не заради текот на војната, туку токму заради улогата на САД во оваа војна. Според некогашниот вработен во Пентагон, а денес безбедносен аналитичар Елбриџ Колби, САД испраќаат премногу воена помош во Украина запоставувајќи го развојот на сопствената војска и воената помош на стратешки важните партнери во азиско-пацифичкиот регион. Притоа, токму економскиот раст на Кина и доаѓањето до позицијата втор светски хегемон, односно спречување на тоа сценарио, се зема како примарна американска стратешка цел. Тезата е дека тоа ривалство ќе се прекрши токму во однос на прашањето за Тајван. Да се сетиме, многу време пред Украина да стане главна меѓународна вест, западните медиуми инсистираа дека кинеското освојување на Тајван е прашање на време и дека тоа е мисија која најпосле би требало да го потврди кинескиот раст и надмоќта во 21 век.

И навистина може да се каже дека војната во Украина го насочи вниманието на САД кон Европа што секако не беше на агендата на сегашната американска администрација. Иако САД сè уште се длабоко инволвирани во војната во Украина, пред сè со својата воена помош за украинските сили, азиско-пацифичкиот регион требаше повторно да го донесе во жижата на на медиумскиот и безбедносниот интерес што се случи неодамна при посетата на претседателот Бајден во тој дел од светот, односно во Јапонија, но и Индија која, историски гледано, се држеше настрана во вакви ситуации, иако има и долга историја на гранични недоразбирања со Кина. Во таа прилика Бајден изјави дека САД се подготвени воено да се инволвираат во евентуален конфликт помеѓу Кина и Тајван што претставува дополнително заострување на односите помеѓу двете најмоќни светски сили.

И додека официјалните кинески реакции секогаш остануваат во рамки на криптично и лаконско дипломатско општење во манири на маовски афоризми, интересно е да се разгледа однесувањето на тамошното население на очигледното заострување на односите помеѓу Кина и Западот, односно САД и регионалните партнери. Блумберг неодамна пренесе интересни резултати од истражувањата кои покажаа дека младите Кинези, односно онаа генерација која се роди во времето кога Кина веќе беше на патот на рапидниот раст и развој до деведесеттите и раните двеилјадити години, сè повеќе ги изнесуваат своите антизападни и национални ставови преку специфични потрошувачки навики и избори. Имено, станува збор за генерација која троши изразено, нема навика да вложува во недвижности ниту да штеди, зашто нема искуства од прекарните времиња, а за разлика од своите врсници на Западот, ни тие, ни нивните родители не ги почувствуваа многу ефектите од економската криза во 2008 година. Меѓутоа, во последно време, заради сè поголемото заострување на односите со Западот, а особено откако западните влади и компании почнаа да предупредуваат за ујгурското прашање, младите Кинези почнаа да ги менуваат своите потрошувачки навики и сè помалку да купуваат европски и американски брендови. Сликовит пример беше одлуката на скандинавската модна куќа H&M повеќе да не соработува со регионот Синѓанг каде е најголема репресијата на кинеските власти против тамошното муслиманско малцинство. Станува збор за крајно моралистичка бизнис политика која влегува во сетот на таканаречената корпоративна општествена одговорност на деловните одлуки и стратегии кои вообичаено се поврзуваат со еколошките, но сега гледаме дека се поврзуваат и со политичките прашања. Секако, дометот на таквите стратегии е лимитиран и има исклучиво маркетиншка цел. И додека H&M со својот бизнис морализам поврзан со Синѓанг можеби придоби некои woke Den Z Американци и Европејци, младите Кинези на тоа реагираа со некупување европски и американски брендови.

Новите шопинг навики на кинеските зумери ги погодија модните брендови како Најк, Адидас, Зара но и куќите од високата мода како Диор и Ив Сен Лоран. Секако, причините за овие промени во купувачките навики на младите Кинези не треба да се бараат исклучиво во геополитичките односи, туку и во растот, развојот и маркетиншките кампањи на кинеските компании. И додека некогаш кинескиот спортски бенд Ли-Нинг беше Најк за сиромашните Кинези, денес со своите производи и дизајнот е подеднакво приемчив за младите Кинези како познатиот американски бренд. Истовремено, помладите Кинези во својата меморија го немаат времето кога беа светска периферија и кога западните брендови беа своевиден статусен симбол и, барем симболично, во меморијата го немаат и бегството од таквата осиромашена периферија. Исто така, кинескиот маркетиншки пазар е малку поинаков од западниот делумно заради технолошките разлики, односно затвореноста на Кина за американските платформи и социјалните мрежи, делумно заради различната култура и неверојатниот раст на средната класа и нивната куповна моќ последниве неколку години. Овој пример од културалните студии за кинеската потрошувачка култура ни покажува дека кинеската модернизација - глобален настан на нашата генерација - не е истовремено и американизација и културен империјализам со ликот на Пајо Паторот како што го деконструираа Ариел Дорфман и Арман Мателар уште во далечните седумдесетти. И тоа сигурно нервира многумина.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Gary Varvel

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото