1008 hPa
54 %
11 °C
Скопје - Саб, 14.03.2026 19:59
Не како во дувло со видело плашливо
во кое се обневидува загледан во себе.
Чардаците се излегување во свет.
Излегување од вкочанетиот 'рбет,
од смолата на сопствениот глас,
од соспите што ти дошле до гуша.
Излегување со кожата како за тапан,
со јоргованот од постелите девствени,
со шепотот галовен од првите гнезда.
Ќе се стори куќата со покрив и одаи
но душава пуста не се затвора
во четири пусти зидови.
Излези на чардак - спотни го меракот.
Тапанов ништо да не ти го замолчи.
Меракот со мерак се мери и расте.
Чардакот изнурнува од куќата,
од маглите очни и гнездата раскрилени
како златна гемија на душата.
Гемија што патува и допира,
што остава трага од бран и ехо,
гемија што плови од речта соседова.
Излези на чардак ширум отворен
да си му стопан на времето
што на софра право ти седнува.