Отворено писмо до Владата: Младите во ризик да останат без единствената институција директно надлежна за нив

01.06.2022 17:27
Отворено писмо до Владата: Младите во ризик да останат без единствената институција директно надлежна за нив

Националниот младински совет на Македонија се обраќа до Владата на Република Северна Македонија со отворено писмо изразувајќи длабока загриженост, незадовоство и разочараност во врска со најавената реорганизација на органите на државната управа.

Со предложената реорганизација, Агенцијата за млади и спорт од досегашниот статус на самостоен орган ќе премине на пониско ниво како орган во состав на Министерство за односи меѓу заедниците, со помалку ингеренции и самостојност во работењето, како и со многу стеснет делокруг на работа, занемарувајќи ги во целост различните потреби на младите. Ваквата реорганизација на органите на државната управа доведува до исклучително деградирање на институциите надлежни за млади, како и потценување на младинските прашања, што дополнително укажува на самата положба на младите во државата, каде наместо истите да бидат приоритет на владините политики, младите се занемарени и се ставаат во заден план.

Националниот младински совет на Македонија смета дека ваквата реорганизација на државната управа е штетна за младите. Воедно како претставничко тело на младите длабоко веруваме дека се потребни реформи во јавната администрација и од таа причина бараме Агенцијата за млади и спорт да прерасне во Министерство за млади и спорт, по примерот на мнозинството држави во Европа. Република Северна Македонија е една од ретките држави во Европа, која ваквиот важен сектор млади го има ставено на ниво на Агенција, наместо на ниво на Министерство за млади.

Националниот младински совет на Македонија стои на располагање за остварување на заедничка средба со Владата, со цел изнаоѓање на решенија кои соодветно ќе ги адресираат проблемите на младите и ќе одговорат на потребите на истите. Дополнително, Националниот младински совет на Македонија ги става на располагање своето искуство и капацитети за постигнување на соодветно законско решение за трансформација на Агенцијата за млади и спорт во ресорно министерство, доколку за тоа постои искрена волја од извршната и законодавната власт.

* * *

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) е претставничко тело на младинските организации во Северна Македонија. НМСМ обединува 51 организација-членка, со цел промоција и застапување за младите и правата на младите во Северна Македонија. НМСМ ги претставува интересите и потребите на младите луѓе како врска со сите чинители и со цел да обезбеди вклучување и активно учество на младите во процесот на донесување одлуки на секое ниво.

ОкоБоли главаВицФото