5 куси куси раскази

20.01.2011 13:34
Delvo.jpg

Незабележлива опасност

Зад станичните складови проаѓа автобус. Низ сувата улица ќе помине труба прав, ќе го допре плочникот, ќе ја снема. Ќе се укаже потоа малку подалеку, децата трчаат и ускокнуваат во таа мала вртелешка на ветрот, таа ќе им избега, ќе исчезне, ќе отскита понатаму. Децата трчаат по неа и викаат. Жената што поминува мрмори, не обрнувајќи се никому: „Луди деца. А тоа е најопасно. Најопасно”.

He објаснувајќи понатаму, како да кажала премногу од забранетото, таа заминува. Чудната ветрена вртушка се јавува пак на крајот од улицата, како мамка.


Игри во приквечерина

Во самрак децата си играат криенки во улицата. Мириса на прав, на малку скиснати корупки од лубеница, на штотуку полеана земја.

Кој во тој миг мисли на маалското сениште?

Ламбите се наполу скриени под темните сенила од лисја, гласовите на возрасните повеќе не се слушаат, низ воздухот летаат крупни, тешки инсекти. Криенки, кој сака криенки?

Маалското сениште како да лунѕа некаде наоколу.

Нема криења по гаражи, по шупи, нема влегување по куќи. Само до крајот на улицата, нема понатаму.

Наспроти приказните за маалското сениште, сепак сите се завлекуваат по најтемните места.

Клечења зад разраснатите грмушки, треперења зад соборениот ѕид, молчења полни очекување помеѓу гнилите тараби и бунарот. Запрен здив, допир на нечија навлажнета кожа, ококорени очи што се обидуваат да наѕрат нешто во мракот.

Маалското сениште е сигурно некаде тука блиску. Кој тоа потшушнува во соседниот двор?

Болното дете на адвокатот, кое не го пуштаат надвор, го прилепува своето бледо чело оросено од пот врз прозорецот. Само тоа го гледа маалското сениште како ги демне децата од своето засолниште под натстрешникот на полуурнатата шупа, но нема сили да го довикне тоа некому.


Пронаоѓачка дарба

Еден ден дедо ми реши во нашата шупа да направи подморница. Се занимаваше долго со комплицираните пресметки, потоа почна да набавува потребен материјал. Блескаа пониклуваните цевки, пискаше пламенчето од апаратот за заварување, големите метални делови налегнуваа, зацврстени со дебели винтови, на своето место. Се укажа, конечно, валчестиот облик, сличен на ајкула, мазен од големата количина црна маст за чевли со која беше премачкан. Се вселија внатре, потоа, и светкавите инструменти со своите таблички, стрелки, рачки, прекинувачи и живини столбови. Се разбира, откако беше завршена, подморницата требаше да биде нурната в море, за да се испитаат нејзините можности. Но, бидејќи Скопје се наоѓа доста далеку од морето, тоа не можеше да биде реализирано. И подморницата остана во шупата, под власта на жрѓата и правта, посетувана од скитниците и љубопитните деца што и ги развлекуваа деловите. На крајот, остатокот беше продаден на еден собирач на ветошини. Така, се чини, пропаднале - тука, кај нас - многубројни корисни пронајдоци во текот на изминатите векови.

Наука

При последната ерупција на вулканот Стромболи, во 1938 година, дедо ми науми да направи еден научен експеримент. Co строга научна доследност, тој направи систем од мали посатки што ја собираа правта падната од небо, онаа што е измешана со дождот, а и онаа, другата. Секој ден тој ја мереше, со мошне прецизна терезија позајмена од соседот аптекар, содржината на тие чиничиња. На тој начин требаше да се установи брзината на пристигнувањето на вулканската пепел, правците на движењата на воздушните струи, и уште многу нешта. Но, среде одвивањето на овој значаен потфат, јас скришум ставив во една посатка прав од толчена леблебија, во другата цимет земен од една кутија во кујната, во третата - дрвени струганици. На тој начин резултатите на овој темелно подготвуван експеримент добија, како што се изрази дедо ми, „една исцело нова димензија”.

Липов чај

Bo тие први повоени години липите од Булеварот цутеа раскошно, обвиткувајќи го сиот кварт со густиот, сладок мирис на своите отежнати круни. Во тивките јунски ноќи по него не минуваше никој; како целиот тој крај од градот да тонеше во некаква мирислива замелушеност на напуштена парфимерија.

Но тоа само така се чинеше: во мракот на портите, во подотворените врати од навидум заспаните згради, во сенките на ниските балкони нешто како да се подготвуваше. Во полутемнината се наѕираа лица, се поместуваа сенки, попуштаа последните стеги на претпазливоста. И одеднаш: јуриш! Од сите страни, од мирните градини, од дотогаш празните скали, од сплетот на пустите улички јурнуваа кон расцутените дрвја незаситните собирачи на билните лекарства. Во кошници, во торби, во зембиљи, во распарани здолништа, во преслеки за перници и во раширени креветски чаршафи се истураа грстови липов цвет. Оние најнестрпливите ги кинеа цветовите заедно со лисјата; оние најбезобѕирните кршеа дури цели гранки и ги тегнеа, како плод на насилнички грабеж, кон влезовите на куќите. Сето тоа се правеше без збор, задишано, во плашливо брзање; се слушаше само тој шум на раце што се мушнуваат во лиснатиот густеж со алчност и со настрвеност.

Но оддалеку, од почетокот на Булеварот, веќе се слушаше одекот на поткованите копита. Доаѓаше, во кас, патролата на милицијата задолжена за чување на заедничките природни богатства. „Кој тоа таму ги бере народните липи!” И командирот на патролата ја вадеше сабјата од ножницата, наредувајќи да се мине во галоп!

Крадците на липовиот цвет се распрснуваа како јато врапци. Влечкајќи го својот плен, истурајќи, попат, ракатки и купови од златните крунички, ноќните берачи на липите исчезнуваа зад оградите и тремовите, се спасуваа во паника, губејќи, во трчаница, по некоја влечка или налана. Слезени од коњите, милиционерите, со строги лица кои изразуваа гнасење пред еден ваков неодговорен чин, ги собираа фрлените балиња со лековитите цветови, за да ги однесат, по поднесената пријава против непознатите сторители, во болниците во кои се опоравуваа ранетите борци и во домовите за деца без родители.

Потоа, зиме, во студените ноќи полни крцкот на замрзнат снег, кодошите душкаа околу сниските куќарки и, според мирисот, ги пријавуваа оние граѓани кои пиеја липов чај.

Слики: Пол Делво

Прекрасен избор. Личат на

Прекрасен избор. Личат на интимна дефиниција за носталгија: хиперболизирани и интензивни слики за младоста во градот. Исти како сликите од нашите спомени - чувани и развивани до претерување, до границата на неможното :-)

А, од кое печатено издание е изборот?

Од книгата „Седмата страна на

Од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор. Една од книгите кои за мене ја одбележаа книжевно сиромашната 2010 во Македонија (под ова не подразбирам дека немало доволно нови кнги, туку дека немало доволно добри книги. А Урошевиќ е еден од ретките македонски автори кои речиси и да немаат лоша книга во своето долгогодишно творештво.)Поздрав.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото