Шмит или Хабермас

03.06.2022 01:16
Шмит или Хабермас

Што се случи помеѓу 1999 и 2022 година за Јирген Хабермас темелно да ги промени своите ставови? Едноставниот одговор би гласел: се случи Путин. Малку посложен одговор би бил: Путин во Украина. Целосниот одговор би значел - Путин, со атомска бомба во џебот, во Украина. Читателот, мој врсник, сигурно се сеќава на познатиот текст на Хабермас за „специјалната операција“ на НАТО против Србија од 1999 година. Хабермас го наслови текстот парафразирајќи го ноторниот „Хуманост и бестијалност“ на Карл Шмит. Повикувајќи го Шмит уште во насловот, Хабермас го состави текстот како полемика со него. А целата таа интелектуална конструкција ја прави за да го оправда бомбардирањето на Србија. Ако заради некое чудо и не се сеќава на тој текст, читателот сигурно не заборавил, а тука редовно нè потсетуваат на тоа, дека НАТО во 1999 година ја бомбардираше Србија без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации, за да ги заштити Албанците на Косово од прогон и уништување.

Оваа 2022 година Хабермас пишува нов текст и повикува на внимателност. Западот не смее непосредно да се вмеша во војната во Украина. Покрај тоа, Западот мора да се однесува така што ќе остави простор Путин да излезе од војната непоразен. Во новиот текст нема ни трага од Шмит, можеби и затоа што тој е напишан во сосема шмитовски дих, па немало причина за експлицитна референца. Ќе се вратиме на ова. Значи новиот текст на Хабермас има наслов „Западна дилема“, а самата дилема ја претстави вака: Западот може да избира помеѓу две зла - пораз на Украина и ескалација на конфликтот во Трета светска војна. Поразот на Украина не само што би бил „политичко-морален скандал“ - необичен избор на зборови, нималку хабермасовски, сосема таблоиден - „туку тоа би било во спротивност со интересите на западот“. Покрај тоа, „рускиот рулет ќе (би) продолжи(л) во Грузија, Молдавија и којзнае каде сè не“. Од друга страна, пак, ја имаме руската нуклеарна закана.

Што е доволна причина да се бара компромис кој „на двете страни им дава чесна отстапка“, така што ниедна нема да биде „принудена да прифати пораз“. Хабермас во 2022 година. А во 1999-та?

Е, тоа е сосема друга приказна. Во 1999 година Хабермас пишува дека дојде време конечно да се стави точка на сфаќањето на Шмит дека „на меѓународното ловиште независните национални држави би требало... по можност да се движат непречено, почитувајќи ги сопствените интереси и своето место, затоа што безбедноста и опстанокот на колективот, од аспект на оние кои му припаѓаат се вредности за кои не може да се преговара, и затоа што од перспектива на посматрач, императивите на целисходното самопотврдување сè уште најдобро можат да ги уредат односите помеѓу колективните актери“. Точката се состои од реализацијата на политиката на човековите права. Во име на заштита на човековите права, веруваше Хабермас во 1999 година, не само што може да се наруши суверенитетот на државите, како во случајот со тогашна Југославија и нејзините загрозени жители - косовските Албанци, туку и „меѓународното ловиште“ мора да се преуреди во космополитски заштитена зона на човековите права.

Помеѓу „универзалноста на просветителството“ и „самоволието на политичката сила, која неминовно има порив за колективно самопотврдување на едно партикуларно колективно битие“, не само што Хабермас без колебање го избира првото, туку на страната на „универзалноста на просветителството“ подговено го поставува и тогашното НАТО. НАТО ја бомбардираше Србија за да ги заштити косовските Албанци од разорното насилство кое над нив го спроведува токму нивната држава.

Покрај тоа што го оправдува НАТО, Хабермас со истите аргументи сосема изрично го оправдува и првото воено ангажирање на Германија по Втората светска војна.

Во 2022 година не остана ништо од борбената одлучност на Хабермас. Дали тоа значи дека на Украинците не им се загрозени човековите права и не им се заканува смртна опасност како претходно на Албанците на Косово? Дали Путин во Украина не демонстрира „самоволие на политичка сила, кое неминовно има порив за колективно самопотврдување на едно партикуларно колективно битите“, а на штета на друго колективно битие (кога сме веќе кај колективите)? Секако дека не. Хабермас гледа сè како што треба: и дека Путин е злосторник и дека на Украинците им се заканува уништување, но за разлика од 1999 година, денес повикува на внимателност. Тој ја поздравува одлуката на Западот да не се вклучи непосредно во војната, зашто со тоа се избегнува ескалација на конфликтот во Трета светска војна. Што ни зборува тоа за Хабермас од 1999 година?

Прво, дека во 1999 година Хабермас веруваше во воената интервенција на НАТО не само зашто таа можеше да се оправда со заштита на човековите права на косовските Албанци, туку и затоа што таа интервенција не можеше да ескалира во Трета светска војна зашто Србија немаше - за среќа - атомска бомба.

Второ, дека верата на Хабермас во политиката на човековите права и изградената космополитска заедница изградена на таква основа, по примерот на уставната демократија, е одржлива само додека некој не посегне по атомска бомба против така замислениот свет.

Третото произлегува од првото и второто - кога идеите на Хабермас од 1999 година се гледаат во 2022 година, тие се покажуваат како безвредни. Исмеан во 1999 година, Шмит триумфално се враќа во 2022 година како многу поверодостоен толкувач на светот од самиот Хабермас. А како таков го гледа и го враќа токму Хабермас.

Секако, Хабермас нема да каже дека тој се променил изминативе две и пол децении. Расколот во сопственото размислување ќе го претстави како колективен раскол, како генерациски јаз помеѓу оние во германското општество кои ја преживеаја Втората светска војна и подоцнежните тамошни генерации без такво формативно воено искуство. За така да ги претстави нештата од рака навистина му одат и фактите.

Истиот ден кога неговиот текст го објавува Süddeutsche Zeitung, на 28 април феминистичкиот магазин Emma во јавноста пушта петиција против одлуката на германската влада да го зголеми буџетот за војската и да упати сериозна воена помош за Украина. Нивниот аргумент гласи дека на тој начин се продолжува војната и дека крвта на жртвите во неа ќе падне и на германските раце. Речиси два месеци пред оваа петиција, со исти ставови јавно излезе и одличниот колумнист Јакоб Аугштајн. Неколку дена подоцна, на 4 мај Die Zeit објавува една друга петиција: во неа се критикува наивниот пацифизам на прогласот на Emma и од германската влада се бара уште поголема (воена) поддршка за Украина. Да повторам, Хабермас ќе го протолкува овој политички конфликт како генерациски. И уште ќе каже дека младите потписници на втората петиција се покажуваат како идеалисти во однос на постарите потписници на првата. Тој тоа и ќе го илустрира: помладите бараат Путин да се изведе пред суд заради воени злосторства. Но, искусниот Хабермас им објаснува дека тоа не е можно, зашто Путин може да го сопре тоа во Советот за безбедност.

На тоа Хабермас ќе ја додаде и особено интересната приказна за зрелите нации или - како што ги нарече - постнациите (на пример германската) и нациите во создавање (на пример украинската) кои заради несовпаѓањето со фазите во кои се нашле едноставно не разбираат најдобро. Значи, ова е особено интересно зашто токму Хабермас пишуваше за Германија како нација која мора повторно да се изгради по Втората светска војна, а потоа објасни дека и три децении по обединувањето пред германската нација се наоѓа работа за формирање единствена заедница со сеопфатен колективен идентитет (заради разликите во сфаќањето на улогата на Германија во Втората светска вона помеѓу жителите на поранешна Западна [БРД] и поранешна Источна Германија [ДДР]). Како и да е, на сето тоа ќе ја надоврзе и приказната за западните Европејци кои споделуваат „постхеројски менталитет“ и се помалку храбри од Украинците мотивирани да направат сопствена нација.

Како Хабермас од 1999 година би одговорил на овој свој аргумент од 2022 година? Веројатно нешто слично со она што - помалку неочекувано - го напиша Славој Жижек. Хабермас се повикуваше на Жижек, ете соодветна врска, кога пишуваше во 1999 година. Но го заборави во 2022 година. Што е, всушност, штета. Зашто Жижек би го потсетил на „универзалноста на просветителството“, што е доволно за да се покаже дека ставовите на Хабермас од 2022 година се неодржливи, барем во рамки на неговиот светоглед, ако сè уште важат оние од 1999. А ако не важат, тогаш дилемата од насловот едноставно е неодржлива, зашто ќе се покаже дека отсекогаш бил само Шмит, макар и под името Хабермас. Што би било трагично спознание, не само за Хабермас.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Barbara Gibson

Извор: https://pescanik.net/

ОкоБоли главаВицФото