1022 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 05:59
Ролинг Стоунс со настапот во Мадрид ја почнаа турнејата со природен наслов Sixty, со која слават шест децении постоење. На турнејата ќе одржат 13 концерти во 13 европски градови - Минхен, Ливерпул, Амстердам, Берн, Милано, Лондон (два концерти), Брисел, Виена, Лион, Париз, Гелзенкирхен, а завршницата ќе биде во Стокхолм на 31 јули.
Минатата турнеја почна во 2017 година, но концертите во Северна Америка беа одложени заради пандемијата со коронавирусот. Турнејата продолжи кон крајот на минатата година и Стоунси ја завршија со милион продадени влезници.
Ова ќе биде прва турнеја на бендот без Чарли Вотс кој почина во август минатата година во осумдесеттата година. Мик Џегер (78), Кит Ричардс (78) и Рони Вуд (75), на концертот одржан на стадионот на фудбалскиот клуб Атлетико Мадрид пред повеќе од 50 000 гледачи уште еднаш емотивно се простија од својот легендарен тапанар. „Ова е наша прва европска турнеја без Чарли, многу ни недостасува“, рече Џегер на шпански, пред да ја отпее песната „Sad, sad, sad“; беа прикажани и видео снимки со Вотс. Концертот во Мадрид го отворија со Street fighting man.
Иронија и екстаза
„Не постои група, во речиси педесетгодишното траење на рокенролот, која подобро го наслика патот од малите клубови до стадионите, ги ширеше видиците и границите на оваа музика, која поубедливо ја испиша историјата за успесите и падовите, среќата и трагедијата“, пишуваше Момчило Рајин во „Време“ 2002 година во текстот „Иронија и екстаза“ - по повод 40 години постоење на „камењата“.
Од јули 1962 година кога почнаа да настапуваат, снимаат и издаваат плочи, Ролинг Стоунс на секои два до три месеци испорачуваа доза емоции, бунт и енергија која беше јасна и приемчива. Во споредба со останатите, Стоунси претставуваа група на избор. Битлси брзо станаа не само национална туку и светска атракција - веселите, интелигентни, духовити бушави момчиња од Ливерпул набрзо беа доживеани како пожелни момчиња на кои секоја мајка безгрижно би го доверила своето девојче. Стоунси беа нешто друго. Речиси сосема спротивно. Водени од вештите раце на своите менаџери Брајан Епштајн и Ендрју Олдем, овие две групи почнаа да проектираат слика како да се наоѓаат на спротивни страни од улицата. Додека Битлси мораа кисело да се смешкаат во своите испеглани оделца, Стоунси се чувствуваа комотно и релаксирано во своите цветни кошули и фармерки. Додека Битлси пееја за љубов и разбирање, Стоунси врескаа за омразата и незадоволството. Битлси беа идеална група од средната класа или тоа требаше да станат - Стоунси упорно го разбиваа тој мит.
Ако во средината на шеесеттите изгледаше дека сите ги сакаат Битлси, можеше да се стекне впечаток дека сите ги мразат Стоунси. Жолтиот печат кој исто така се формираше во тоа време и стекна широка популарност, секојдневно ги полнеше страниците со новости за скандали. А во тој контекст Стоунси се покажаа како златен рудник. Колку јавноста беше поостра кон нив, толку младите повеќе ги обожаваа.
На почетокот, следејќи примери од другата страна на Атлантикот, првенствено со црна кожа, повеќе од кој било друг, со цел светот да ја запознае блуз и ритам и блуз музиката, а потоа ширејќи ги интересите, придонесоа за популаризација на кантри музиката. Она што вечно ги врза за ритамот и блузот беше директноста, природноста, сексуалната експресивност на оваа музика.
Токму посветеноста на иронијата и екстазата Стоунси ги направи најубедливи модернисти. Способноста да се зборува за невозможното и да се натера цел стадион на игра ги направи уникатни. Тие никогаш не беа сериозни како Дилан, никогаш посветени како Ленон, туку имаа вечен отклон често симплифицирајќи ги темите до улично ниво. За улицата беа богови кои успеале, за џет сетот беа уличари со купишта пари. И едните и другите ги разбираа и почитуваа на свој начин.
Џегер и Ричардс постојано го трасираа својот пат секогаш наоѓајќи нова и свежа варијација на позната тема. Повремените излети во диско територијата повеќе беа моменти на опуштање, трендовска кокетерија, отколку сериозен пресврт. Возбудливоста на музиката секогаш би ја надминала проекцијата, без разлика дали се работи за - незадоволен, дрзок бунтовник, панаѓурски лудак или мачо сексист“.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.vreme.com/