Дневник од Нишка бања

06.06.2022 09:18
Дневник од Нишка бања

Пет фрагменти од меланхоличниот дневник од доцните години на нашиот најважен писател.


РАНЕТА ПТИЦА

Сигурно сте виделе некогаш како паѓа на земи птица ранета во крилото. Малку несмасно, таа сепак по стар навик успева да ce спушти на нозете. Прави неколку чекори и нагонот незадржно ја тера пак да летне. Како самата да сака да ce увери дека не ѝ ce случило ништо необично. Но само со едно крило не ce лета. Таа ce обидува сепак уште еднаш или двапати, дури не сети колку тешко ранетото крило ја влече кон земјата. Тогаш брзо бара најблиско засолниште: грмушка, трнче, стрнка. Таму се притајува без глас и шум.

Ранет човек офка, вика, моли за помош. Ранета птица молчи што може подлабоко. Околу сите ce нејзини непријатели: секој пес, секоја мачка, секое човечко суштество. Да ја земеш тогаш в раце, би сетил колку очајнички брзо и силно бие нејзиното мало срце. Притаена сосем таа се чуди колку било недостижно небото, повремено ги склопува очите како за сон и ја наклонува главичката кон здравото крило. Тогаш сеќава допир со некаква далечна студенина вон од животот.

ЗВУЧНА АЗБУКА

Седам на сонце на клупа во паркот пред хотелот. И големите дрвја пуштаат веќе лисја. A под нив тревата е сета накитена со жолти и бели главчиња на млечката и паричињата. Целиот тој светол пролетен простор е оживен од неконтролираната a сепак хармонична песна на различни птици.

Ce вслушувам, но ретко можам да препознам на која птица ѝ припаѓа некој глас. Сo жалење сфаќам дека малку ги познавам птиците, иако ги слушам, често со вистинска возбуда, веќе толку години. Цел живот сум се трудел да учам букви, дури и кога под нив се одамна замолкнати гласовите што тие ги откривале, a оваа секогаш жива звучна азбука не сум ја научил и само ја насетувам нејзината длабока порака. A ceгa веќе е доцна за нова наука.

11.IV.1988.

ВИНО

Добро запаметив кога во Загреб ми рекоа дека во мојата диета може да ce вклучи и една чаша бело вино. Но при тој оброк треба да ce откажам од лебот.

Откако сум овде, јас секоја вечер се откажувам од лебот. Кафеаната во хотелот е пријатна, со поглед кон паркот и од другата страна, кон полето. Me успокојува самото тоа што седам на кафеанска маса. Си нарачувам кафе без шеќер, кисела вода и една чаша бело вино. Пијам полека, ги гледам луѓето што постојано влегуваат и излегуваат, слушам одломки од нивните разговори.

Виното го оставам за на крајот. Прво, така да речам, само го лизнувам, да го сетам со сиот јазик неговиот вкус. Me радува што е трпко и кисело. Me радува неговиот златест блесок. Најпосле со една голтка ја допивам чашата до дното, како да не е моето пиење ограничено, како да можам да пијам дури душа сака, дури не сетам топла влага не само во грлото, ами и во жилите. Тогаш сфаќам дека овој момент е многу важен за мене, дека уште само тој сега ме сврзува со нишка среќа за животот.

15.IV.1988.

ПОУКА

Забележувам дека поентата на некои хасидски анегдоти не ја разбирам веднаш, ами подоцна или дури подоцна ми ce нуди случај за примена на нивната поука.

Еден човек стенкал под тежок товар. My пристапил цадикот Шмелке и нешто долго му шепотел во увото. Човекот кинисал, a со него и некои хасиди. Kora влегол во дворот на наемателот, го фрлил товарот на земи и рекол дека нема веќе да носи. Настанала расправија. Човекот излегол и хасидите со ужас забележале на него мртовечка кошула. Toj бил мртовец, но cè уште продолжувал да ја врши својата тешка работа, cè дури цадикот не му ја објаснил неговата ситуација.

Нена, собарицата, ми кажа пред некој ден дека во соседната соба дошле нови – маж и жена. „Чудно – рече таа – тој е толку стар, a таа млада“. Кога случајно сношти ги сретнав во ходникот, јас ce зачудив уште повеќе. Човекот е навистина не само стар, ами просто дооден, a жената млада и здрава.

Тогаш ми дојде мислата дека човек не умира одеднаш, ами на делови. Така во овој човек е, веќе мртов љубовникот, но тој треба да ја носи својата судбина. Најпосле, жената не е обичен товар, да го пласнеш на земи.

Тогаш ce сетив на Берта. Неа ја презел од првиот маж нејзиниот сегашен сопруг, a тогаш уште голем донжуан. Меѓутоа, минало време и тој е веќе сосем клапнат, брадичето му ce ставува со носот, a Берта уште привлечна. Таа му се обраќа пак со „љубави“, но на кого, прашам? Горки ce овие редови, но уште погорко е тоа што го помислувам.

20.IV.1988.

ПРИЛИВИ И ОДЛИВИ HA HOЌTA

Големиот прозорец по ширината на целата соба ce открива сосема спрема полето долу и спрема ниските ридови на хоризонтот. Дење тешко можам да определам каде оди низ полето патот за Софија. Но штом ќе ce стемни, линијата на патот лесно ce повлекува: неа ја одбележуваат фаровите од возилата.

И пред легнувањето го следам тоа движење. Дали воопшто некогаш секнува тој поток? Штом ќе легнам, се активира слухот. Cera, по стар навик, ги прибирам пред cè звуците на кои сум свикнат уште од детството: птици црцорат во ноќта, лавнува пес и друг му одговара, се јавува понекогаш и петел. Така некое време и заспивам.

Длабоко по полноќ сум станал и еве одам полека до прозорецот. Светла мижуркаат пред хотелот, по улиците, негде-годе и низ полето. Меѓутоа патот е загубен во темницата, нема веќе фарови да го откриваат. Нема движење. He ce слушаат ни гласови. Штама. Дури птиците ce спотаиле. Уште е рано да ја огласуваат зората. Сега ѕвезда со ѕвезда зборува, како што вели Лермонтов. Оние што не можат да ce предадат на молитва нека не го пропуштаат овој миг на успокојување.

25.IV.1988.


Фотографии: Jonathan Levitt

Извор за текстот: Дневник од Нишка бања (Разгледи, 1988)

 

Слични содржини

Книжевност / Култура
Книжевност
Книжевност / Живот
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Книжевност
Книжевност / Теорија
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото