„Патлачето“ и „Старчето“ (извадоци од романите)

06.06.2022 09:38
„Патлачето“ и „Старчето“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

 

„Старчето“, Ѓорѓи Прчков, (Графо Пром)

Утрото Старчето се разбуди нешто подоцна. Се облече, како и претходниот ден торбата и бастунчето си ги зеде, со кучката Зорана крај него тргна да шета, ама бидејќи храна имаше со кучката се најадоа. Овој пат право кон банката тргнаа. Се зачуди кога ниту еден човек не виде. „Бимбериќатврсан, луѓе нема. Пензијата на раат ќе си ја земам!“ – си велеше Старчето.

Кога се подготвуваше да влезе ете ти го Кирачо далеку зад него и човекот од обезбедувањето, Кирачо му пристапи и му рече:

-Овој пат во недозволено те фатив!

-Кирач, каде ме фати? – му рече Старчето и ташаците од едната на другата страна си ги помести. Тогаш неговите пријатели се насобраа и со кркотење од минатиот ден продолжија.

-Те фатив, те фатив, овој пат нема да ми се извлечеш!

- За што ме фати бре човече, ајде кажи ми да те разберам!?

- Зар не знаеш дека е џандарски час и никој од дома не смее да излегува, да ти кажам колку да знаеш, џандарскиот час ќе трае осумдесет и пет часа, ехе- хееј!

Старчето се замисли, почна да пресметува, пресметката му излезе точна, на Кирачо, ама да слушне и човекот – обезбедувачот, зад него што беше, Старчето зачуден лут му рече:

- Абре човече, не кревајте чалами, вие да не сте улави, за Велигден најдовте дома да седиме, ама вие смислено го направивте, таму горе има атеисти, антихристи во Бога што не веруваат и ние в црква да не одиме, во Божјиот Храм да не одиме, голема, голема пакост ни правите, злочин психички ни правите душата, срцето ни ги ништите. Вие не се грижите за нашето здравје, ама целта ви е психички да нѐ убивате, по лекари да тргнеме да се бараме, лекари да нѐ лекуваат, ама тие да нѐ лекуваат психички да нѐ излекуваат се немоќни!- уљандисан до врвна мерка му велеше Старчето.

- Човеку џандарскиот час е почнат, ти со оние твоите што се кркорат од смеење досега требаше дома да бидете, ти со оваа кучката да си играте, таа мандија е, никого не напаѓа, небаре излегла зајак стравува!

- Аха, ти ќе ми одредуваш каде да бидам, вчера нѐ попречивте со тој со жолтото елече пензијата да не си ја земеме, вие сакате и за Велигден без пари да останиме, всушност осумдесет и пет часа да гладуваме, па јас ќе умрам, ти го знаеш тоа, дека на никој за мене грижа не му е знам, сега бегај од мене, остави нѐ, пари да си земеме и за најголемиот наш, ама само наш не и ваш празник празнична храна да си купиме, а за кучката што ми рече дека мандија е многу ја навреди, се накостреши и малку коланот да го олабавам ќе видиш што е!

- Не, не ќе може, џандарски час е, ќе ве притворам, на кучката што ја нареков мандија бисерот да не ѝ се срона! – му подвикна од далечина човекот од безбедноста.

- Што мелиш ти небаре си излегол празна воденица! – му ревна Старчето.

- Кучката сака да ми ја начне! – му велеше Кирачо.

- Па нели е мандија?

- Кој ќе знае што е, јас само така му реков да му ја омаловажам!

- Ти мене за празникот ќе ме притвориш, ти велам дека си тебекелија ти не ми веруваш, тоа па тоа ми го велиш, ашикере пакост сакаш да ми направиш, од верата да ме тргнеш!

- Ајде, ајде сега пред нас ама на оддалеченост од метар и половина, со мизурата мерката ќе ти ја земам!




„Патлачето“, Ѓорѓи Прчков, „Графо Пром“


Петрушо и Горица во фолсвагенот возејќи бавно до шумата стигнаа. Понатаму да одат, низ шумата за фолсвагенот немаше простор. Петрушо на чистинка го паркира, излегоа и со поглед низ шумата прошетаа. Кога не видоа никој низ шумата се рашетаа, им беше убаво зашто воздухот беше чист до вдишување лесен, ладовинката ги смируваше.

Едно време Петрушо слушна како некој со секира по дабово дрво удира. Застана и се заслуша од која страна му доаѓа звукот, зашто во шумата лесно можеше да се излаже, звукот погрешно да го оцени и на спротивна страна по ехото да тргне. Петрушо знаеше каква е шумата. Откако правилно дрвокрадецот го одреди со Горица во таа насока тргнаа. Тогаш во нивна близина падна едно право, мазно високо дабово дрво, мило да ти биде да го гледаш, ама жал како е сечено и на земјата спругнато да ти дојде уште поголема жал кога дрвосечачите на парчиња по отприлика едно метро го трупеа, таа мерка им одговараше да ги натоварат и во градот да ги транспортираат.

Петрушо зовре, во утробата му дојде лошо. Без да размислува кон дрвосечачот отиде. Кoга ги виде повеќемина со секирите како по дабовите дрвја удираат им спривика да престанат.

Горица се исплаши да не го нападнат и да почнат немилосрдно да го маваат.

Тогаш Петрушо со остар, строг глас, натопорени боксови им спривика:

-Веднаш шумата да ја напуштите, броевите на камионите ви ги запишав и кај властите, одговорни по шумарство што се пријавени ќе бидите за бесправно уништување на шумата!

Тогаш мустаклијата удри во грозно смеење, на Петрушо му велеше, всушност им велеше на неговите пријатели:

-Гледајте, овојпат ни дојде син му на Камбуро, еднаш нѐ надитри, ама овојпат покрај дрва што ќе собереме и со младо и убаво женче ќе се омрсиме, шумата таков луксуз ни дозволува! – рече и кон Горица тргна да оди. Петрушо патот му го препречи, во снагата се стегна, мускулите му изрипаа, боксовите, му се стегнаа, забите му чкртнаа, за битка беше подготвен, само не сакаше прв да нападне, чекаше нападнат да биде тогаш да дејствува.

Мустаклијата ги испружи двете раце да го турне и кај Горица да оди, ама Петрушо бидејќи од професорот по физичко воспитание за оваа работа беше подучен, настрана се тргна, со едната рака за рамото го повлече и мустаклијата понесен од инерцијата на земјата бапна, ама со главата алоса еден камен и таму да мирува, од дрва сечење, товарење, да се одмори остана.

Горица исплашена со дланките си го имаше опфатено лицето, очите покриени ѝ беа, ама не сосема, помеѓу прстите гледаше за Петрушо трепереше да не види како го тепаат.

Петрушо по останатите дрвокрадци грлато спривика, грлато им грмна:

- Веднаш да ве нема, во спротивно крај овој мустаклија „ќе заспиете!“

Тогаш Петрушо на сопствената мисла му спривика:

- Каде си да ми помогнеш, барем совет да ми дадеш, тоа ми го вети, ама сега никаде те нема!

- Тука сум, само ти толку бргу човекот го акна, всушност самиот акна и во камен удри, ти за тоа не си виновен, другите кога го видоа како ни мрда, ни прета, од страв орман фатија. Петруш сѐ многу бргу се случи, а јас како што сум излегла твоја мисла, како мисла ми треба време да размислам, а време да трепнам немав, ти многу бргу работата ја заврши!