Народот против Амбер Херд

06.06.2022 17:46
Народот против Амбер Херд

Судскиот процес меѓу Џони Деп и Амбер Херд привлече поголемо медиумско внимание и предизвика поголема интеракција на социјалните мрежи во Америка отколку борбата за правото на абортус. Иако верувам дека мотивот за важноста на овој случај за американската јавност е далеку од прашањето за женските човекови права, всушност тој е подеднакво важен за тоа прашање, особено за разбирање на социјалната стигма со која и понатаму се соочуваат жртвите на насилство.

Секако, не бев наивна да верувам дека само неколку години по #MeToo движењето секоја жена ќе може отворено да проговори за насилството што го претрпела, ниту дека сите насилници ќе бидат осудени. Она во што сепак верував, е дека жените кои ќе зборуваат за тоа нема да мора да минат низ социјален линч.

Меѓутоа, случајот со Деп и Херд изгледа како да се одвива во паралелна реалност, далеку од влијанието на феминистичките движења кои ги охрабруваа жените да зборуваат без страв за насилството и ми го покажува целиот опфат на сопствената наивност.

Штотуку завршениот судски процес меѓу Деп и Херд започна во 2019 година кога Деп ја тужеше за наводно наштетување на неговата кариера со еден прилог објавен во „Вашингтон пост“ во кој Херд навела дека е јавна личност која е симбол на семејното насилство. Иако таа не го споменува неговото име во прилогот, тој тврдеше дека е јасно дека таа оцена се однесува на него.

Имено, Деп и Херд беа во брак во текот на 2015/16 година. Таа поднела барање за развод поради физичко, психичко и сексуално злоставување кое Деп обично го правел под дејство на дрога и алкохол. Четири дена по поднесувањето на тужбата ѝ била овозможена заштита во вид на забрана за приближување од страна на Деп. Неколку месеци подоцна склучиле договор за развод, а таа го повлекла барањето за заштита од семејно насилство.

Во 2018 година Деп го тужеше британскиот таблоид „Сан“ за текст во кој го нарекуваат личност што си ја тепа сопругата (wife beater). Неговата тужба беше одбиена откако судот утврди 12 случаи на физичко насилство на Деп врз Херд и дека таа се плашела за сопствениот живот. Барањето на Деп за преиспитување на пресудата на повисок степен е одбиено со образложение дека првостепената постапка била правилно спроведена.

Во текот на ова судење по тужбата на Деп за надоместок на штета, беа изнесени бројни докази за неговата злоупотреба на алкохол и дрога. Прикажани беа и пораки кои ги пратил на пријател во кои пишува дека сака да ја убие и запали Херд, а потоа да го силува нејзиното мртво тело. Призна дека ја удрил со глава, за што тврди дека било ненамерно.

На една снимка од нивен разговор, Херд признава дека го удрила Деп. Таа признала и дека не ги донирала за хуманитарни цели сите пари што ѝ биле доделени во бракоразводната парница, како што првично ветила. Нивната брачна советничка ја опиша нивната релација како „меѓусебно злоставување“ и сведочеше дека Херд ѝ рекла дека почнала „да го возвраќа нападот“ кога Деп станал физички насилен. Она што најмногу ја забавуваше јавноста и изгледа послужи како доказ за нејзината некредибилност е тврдењето на Деп дека извршила нужда во неговиот кревет, што таа го негираше.

Пошироката јавност и поединечни медиуми целиот случај го следеа како своевидно реално шоу, отворено застанувајќи на страната на Џони Деп. Социјалните мрежи се преполни со мемиња и објави во кои се исмејуваат зборовите и гестовите на Амбер Херд на судењето, посочувајќи дека делува неубедливо, односно дека лаже. Петицијата за отстранување на Херд од актерската екипа на филмот „Аквамен“ ја потпишаа речиси четири и пол милиони луѓе. Во истражување на јавното мислење во САД, 69% од испитаниците во категоријата до 30 години сметаат дека Деп треба повторно да биде ангажиран на снимање филмови, додека само 25% го мислат истото за Амбер.

Изјавите во поддршка за Херд од јавните личности се скромни и ретки, додека поранешните партнерки на Деп тврдат дека не искусиле ништо слично и дека тој им бил поддршка. Пенелопе Круз, со која Деп го сними филмот „Пиратите од Карибите“, објаснува дека на снимањето тој секогаш бил внимателен, што дополнително ја уверува јавноста во злонамерноста на обвинувањата на Херд. Но, прашањето е, како точно ова влијае на вистинитоста на она што го говори Херд? Мислам дека не влијае никако. Сигурно сте читале за насилници за кои другите велат дека се прекрасни колеги и соседи. Не е невообичаено насилниците да бидат шармантни, внимателни и популарни во општеството.

Но, она од што пред се’ поаѓам во разбирањето на овој случај се фактите за семејното насилство кои судот веќе ги утврди во случајот Деп против таблоидот „Д Сан“ и кои се неспорни во овој случај: злоупотреба на алкохол и дрога, физичко насилство, заканувачки пораки. Потоа, го земам предвид огромниот диспаритет во моќта што го имаат Деп и Херд. Покрај сите привилегии кои традиционално му припаѓаат на Деп како маж, постои значителна разлика во годините, актерската кариера односно популарноста, економскиот статус, моќта во јавниот простор и на крајот и во физичката сила. Иако ваквата разлика во моќта сама по себе не е доказ за насилство, секако носи таков ризик, т.е. ризик од (зло)употреба на моќта.

Лавината омраза што беше покрената на социјалните мрежи и насочена кон Херд никогаш не би била возможна без ангажманот на моќта на Џони Деп, без правната и медиумската машинерија која е во состојба да манипулира со сите докази и факти. Фактите за семејното насилство кои се изложени и докажани во овие процеси како да стануваат неважни, а единственото нешто што останува во свеста на луѓето е како Деп ја окарактеризирал Херд. Иако таа била онаа што барала развод и заштита од насилство, доволно е Деп да го постави прашањето „Ако се плашела за својот живот, зошто не си заминала?“ и целата вина да ја насочи кон неа.

Она што натаму го земам предвид е социјалниот контекст во кој секоја трета жена е изложена на физичко и/или сексуално насилство во текот на својот живот, најчесто во партнерскиот однос, односно 730 милиони жени во светот. Апсолутно сум свесна дека меѓу тие милиони жени има и такви кои на многумина им изгледаат несимпатично, кои правеле непромислени потези и се однесувале неразумно, пријавувале насилство, а потоа ги повлекле тужбите. Сето тоа, сепак, не значи дека се злонамерни или дека лажеле за насилството.

Имено, жртвите на семејно насилство можат да реагираат на насилството на различни начини, во зависност од низа општествени околности, психолошки капацитети и претходни искуства. Насилството на Херд врз Деп исто така мора да се согледа и во контекстот во кој се случува, со оглед дека жените најчесто вршат насилство како одговор на насилството на кое се изложени, на што укажуваат и експертите. Жените прибегнуваат кон насилство тогаш кога се обидуваат да се заштитат себе, да спречат понатамошна ескалација на насилството и да „воспостават рамнотежа на моќта“, што се вклопува во доказите изложени во случајов. Исто така, жените ретко, ако воопшто, успеваат да воспостават целосна контрола врз партнерот и да предизвикаат страв за сопствената безбедност и живот, што судот го утврди кај Херд, а што не гледаме дека постоело на страната на Деп.

За време на мојата работа на обезбедување правна поддршка на жртвите на семејно насилство, ми остана во сеќавање случајот на една жена која според стандардите на општеството можеше да се смета за „совршена жртва“. Беше исклучително религиозна, тивка, скромна, целосно посветена на децата и на сопругот од кого трпеше сериозно психичко и физичко насилство. Сосема исцрпена од сите лични капацитети, таа се реши да поднесе пријава дури откако ја доби поддршката од локалниот парохиски свештеник. Во однос на добивањето поддршка од институциите, случајот никогаш не беше полесен. Претставниците на институциите ѝ дадоа итна и целосна поддршка. Како и не би ѝ дале, кога едноставно немаше што да ѝ се замери?

Меѓутоа, сè одеше многу потешко со оние жени кои не се вклопуваа во очекуваната слика. Со оние кои беа гласни, кои се жалеа, кои не секогаш постапуваа како како што беа советувани, кои се обидуваа да се бранат. Сите тие исто така трпеа насилство и ја кажуваа вистината. Проблемот беше што премногу отскокнуваа од општествените норми за тоа како жртвата треба да се однесува, како што отскокнува и Амбер Херд.

До крајот на пишувањето на овој текст, медиумите објавија дека 7 поротници (5 мажи и 2 жени) одлучиле дека Деп и Херд се и двајцата одговорни за клеветење на другиот, со тоа што Деп доби значително поголема отштета и беше прогласен за победник. По пресудата Деп меѓу другото рече дека се надева оти ќе се вратиме на принципот на презумпција на невиност во судот и во медиумите.

Тој е во право, бидејќи тој принцип за жените жртви на насилство е секогаш релативизиран и зависи од моќникот што стои наспроти неа и од начинот на кој јавноста ја перципира. Но, јасно е дека распакувањето на патријархалните општествени обрасци кои ги поддржуваат моќниците и се обидуваат да ги замолчат и обвинат жртвите оди бавно и тешко. Се сеќавате ли на инспиративниот и потресен говор на Опра Винфри „A new day is on the horizon“ (Нов ден е на хоризонтот) во кој најавува ново време во кое секоја жена што преживеала сексуално злоставување ќе може отворено, без страв да проговори? Со тешко срце морам да заклучам дека ми се чини дека тој ден е далеку за „несовршените жртви“ како Амбер Херд. Далеку е и за неа и за сите други жени.

Авторката е правничка и активистка за човекови права.

Извор: Pescanik