Климатските промени влијаат и врз менталното здравје

08.06.2022 11:01
Климатските промени влијаат и врз менталното здравје


Климатските промени го загрозуваат менталното здравје на луѓето, поттикнувајќи стрес, анксиозност, депресија, тага и самоубиствено однесување. Глобалното затоплување и екстремните климатски услови ги зголемуваат социјалните и економските фактори на ризик за развој на психолошки проблеми, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) во рамки на Конференцијата на ОН за климата што се одржа во Стокхолм на почетокот на јуни.

СЗО нагласува дека штетните ефекти на климатските промени врз менталното здравје различно влијаат на луѓето од различен социо-економски статус, пол и возраст. Во овој извештај, Светската здравствена организација се потпира и се надоврзува на извештајот на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC) објавен во февруари. Во таа студија, позната и како „Атлас на човечкото страдање“, се наведува дека климатските промени го делат човештвото на они кои (засега) имаат ресурси да преживеат нестабилно производство на храна, опасна топлина и зголемување на нивото на морето, и оние кои ги немаат тие ресурси.

Да потсетиме, во Стокхолм годинава се одбележуваат пет години од почетокот на борбата на меѓународната заедница против климатските промени. За жал, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, по повод објавувањето на „Атласот на човековото страдање“ констатираше дека тоа е показател за неуспехот на оваа борба, а слично може да се каже и за се’ почестите студии за обемот на штетата по животната средина предизвикана од екстрактивната и капиталистичка економија, и тешкотиите и препреките за санирање на таквите последици.

СЗО обрнува внимание на фактот дека недоволно се работи на санирање на психолошките последици од климатските промени. Така, националните планови за здравство и борба против климатските промени содржат стратегии за поддршка на менталното здравје во само девет од 95 земји опфатени со прегледот на СЗО од 2021 година. Според официјалните податоци, околу милијарда луѓе ширум светот имаат психолошки тегоби, кои се очекува дека ќе се влошуваат со влошувањето на условите на климатската криза, а од оние кои живеат во земји со ниски и средни примања, три четвртини од погодените немаат пристап до соодветна здравствена нега.

Затоа, СЗО апелира до земјите-членки на ОН да ѝ дадат значење на тежината на ситуацијата и во стратегиите за борба против климатските промени да вклучат планови за поддршка на менталното здравје. Светската здравствена организација се залага за интегрирање на истражувањата за климатските промени со програмите за ментално здравје, поврзување на програмите за заштита на менталното здравје со програмите на активности за борба против климатската криза, почитување на меѓународните обврски во оваа област, развивање стратегии за помош фокусирани на зајакнување на заедниците, и особено поголемо инвестирање во менталното здравје и психосоцијалната поддршка.