1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Најмалку 500 луѓе се убиени во градот Харков откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, соопшти регионалната служба за итни случаи. Вториот по големина град во Украина, лоциран во североисточниот дел на земјата, со недели е подложен на немилосрдно бомбардирање од руските сили. Харков е постојано гранатиран од руските сили. Иако не успеаја да ја преземат контролата над градот, бомбардирањето предизвика катастрофални штети.
Украина покажа навистина единствено ниво на компетентност и посветеност во својот вооружен отпор кон војната иницирана од Русија на 24 февруари. Голема заслуга има претседателот Зеленски. И голем дел од светот – вклучително особено партнерите во НАТО – беа решителни во материјалната поддршка за способноста на Украина да продолжи да се спротивставува и успешно да уништи извонреден дел од руските воени сили. Моќните економски санкции исто така играат клучна улога, ставајќи значаен економски притисок врз Русија за нејзината континуирана агресија и грозоморните акти на насилство во Украина.
Јасно е дека долгорочните интереси на Русија веќе беа многу тешко оштетени од оваа војна. Ќе има поголема европска енергетска независност, со што ќе се намали главниот извор на руски извоз; постои значително зајакната посветеност меѓу членките на НАТО за колективна одбрана – како и можноста за пристапување на Финска и Шведска во организацијата; економските односи што беа прекинати со западните компании ќе биде тешко или невозможно да се обноват; а Русија е засрамена од речиси светската осуда за нејзината ѕверска и агресивна војна. Производствениот сектор на Русија покажа дека не е способен да ги произведе високо-технолошките компоненти потребни за својата воена машинерија; а сепак западните санкции веројатно ќе го отежнат увозот на овие компоненти во годините што доаѓаат. Русија денес е во многу полоша положба отколку на 23 февруари.
А сепак е тешко да се предвиди како ќе заврши оваа војна. Навистина има само еден задоволителен крај: повлекување на руските воени сили од целата украинска територија, крај на поморската блокада на пристаништата на Украина и трајно прекинување на воздушните, ракетните и артилериските напади врз цели во Украина. Исто така, би било соодветно одредено ниво на репарации за воената штета на градовите во Украина. Русија не треба на кој било начин да биде наградена за нејзината агресија; и Украина не треба да биде принудена да `и предаде територија на Русија за да обезбеди обелување на образот за руските лидери.
Сепак, незамисливо е Владимир Путин некогаш доброволно да одлучи едноставно да се откаже од војната без некаква воена придобивка што може да се опише како победа.
Се чини јасна вистина дека Путин е во голема мера имун од притисокот и последиците како резултат на оваа војна. Тој очигледно не се грижи за огромните жртви што ги претрпеа неговите сопствени сили служејќи како „топовско месо“. Тој е спремен да ги прифати загубите од тенкови, артилериски парчиња, ракети, беспилотни летала и друг воен материјал како едноставно цена за остварување важни „национални“ цели. И руската територија и население беа во голема мера имуни од последиците од војната. Русија не трпи напади врз сопствените градови, села, воени бази, аеродроми или (со многу мал исклучок) складишта за гориво. Русија е во позиција да му ги донесе на украинскиот народ катастрофалните страдања од војната преку артилерија со долг дострел, проектили и воздушни напади на начин кој е без никаков можен одговор од страна на украинските сили. Значи, логиката на реципроцитет и одвраќање не наоѓа основа во овој конфликт: ужасните акции на Русија против Киев, Харков, Мариупол и другите градови немаат реципрочна цена за Русија. Војната не постои за повеќето руски граѓани, и затоа руските граѓани не се грижат многу за војната.
Ова е најосновниот аргумент: силите што ја отежнуваат одржливоста на скапата војна во институционализирана демократија целосно недостасуваат во современиот руски политички и економски систем. Русија е диктатура, а Владимир Путин е нејзиниот бескомпромисен диктатор. (Тимоти Снајдер дава објаснување за начините на кои современа Русија е фашистичка држава) Фундаменталните одлуки за војната остануваат само на Путин – всушност, неодамнешните извештаи сугерираат дека Путин дури се обидува и да управува со тактички одлуки на средно ниво. Нема ефективни институционални ограничувања за одлучувањето на Путин. Се чини дека тој има сигурна контрола врз војската и безбедносните служби, а речиси и да нема докази за отворено несогласување или противење со воените или политичките елити за постапките на Путин. Се чини дека не е веројатно дека високите генерали имаат моќ да го принудат Путин да го промени курсот; и политичките институции на Руската Федерација очигледно го оставаат Путин целосно неограничен. Како што Хитлер ги тероризираше и доминираше над високите команданти на Вермахтот, така и Путин се чини дека има целосна и еднострана моќ над своите генерали.
Така, процесите што доведоа до промена на правецот на одлуките за војна и мир во други земји – на пример, претседателот Линдон Џонсон во 1968 година, чие спроведување на војната во Виетнам доведе до масовни политички протести и зголемена опозиција меѓу законодавците во неговата сопствена партија и кој беше симнат како претседател од овие сили – тие процеси на јавно мислење и независни центри на политичка моќ не постојат во Русија. Откако ги уништи институциите и организациите на граѓанското општество, Путин не е спречен во неговото одлучување. Руското јавно мислење нема да стави крај на војната; независните медиуми нема да ја завршат војната; независните моќни политички фигури нема да ја завршат војната; и сега е очигледно дека олигарсите нема да ја завршат војната.
Значи, се враќаме на Путин: што би можело да го мотивира или поттикне Путин да донесе одлука за завршување на војната и повлекување? Тој очигледно го вложи својот престиж, углед и слика за себе (хипер-мажествен воин со голи гради) за да биде успешен во оваа војна. Тој е решен да биде сфатен како успешна историска личност што ја менува улогата на својата земја во светските случувања. Тој јасно го одбива понижувањето што би следело од поразот. Така, никакви размислувања за „трошоци и придобивки од продолжувањето на војната“ нема да влијаат врз него. Наместо тоа, неговите одлуки се поврзани со неговите сопствени интереси, имот и слика за себе. Се чини дека психологијата на Путин е слична на Хитлер кога станува збор за донесување одлуки за војна и мир.
Но, дали постои стратегија „Кум“ на располагање? Има ли некоја група моќни личности во Русија, зад сцената, која би можела да даде понуда што Путин не може да ја одбие? Ако е така, тогаш можеби би можеле да замислиме промена на насоката. Еве како тоа би можело да се одвива во мини-серијата на Нетфликс: „Имаме избор за тебе, Владимир. Можеш да се повлечеш од функцијата претседател и да го задржиш своето богатство (во западното значење, можеби поднесуваш оставка за да поминеш повеќе време со семејството) или ќе те отповикаме, ќе те гониме за многуте дела на корупција што си ги направил и ќе ти го одземе богатството. Може дури и да одиш во затвор. Значи, еве го изборот: излези сега и земи го златниот падобран или одбиј и изгуби сè“. Ова може да го наречеме стратегија „Маркос“.
Проблемот со ова сценарио е очигледен. Потребна е коалиција на поединци кои се колективно помоќни од Путин и кои можат веродостојно да се заканат дека ќе го сменат. И во моментов, тоа се чини сосема невозможно.
Друго сценарио е поизводливо, но крајно помалку прифатливо: руските сили успеваат да окупираат и обезбедат поголем дел од источна и јужна Украина; украинската влада одлучува дека мора да се стави крај на континуираното страдање на нејзините граѓани и затоа прифаќа територијални отстапки; а Путин најавува историска победа. Самодовербата на Путин е спасена; многу илјади руски војници се убиени или осакатени, а многу илјади цивили и војници во Украина се убиени; огромни штети беа нанесени на Украина за време на неколкумесечни жестоки борби; а Украина губи дел од својата суверена територија. Не е многу добар исход, од која било гледна точка освен онаа на Путин.
Дали постои трето можно сценарио – недвосмислена воена победа за Украина? Со оглед на нерамнотежата на населението и националното богатство меѓу двете земји, тешко е да се разбере како Украина може да продолжи да води војна на неодредено време, до степен до кој Русија е принудена еднострано да се повлече. Сепак, постои преседан во наглото излегување на Советскиот Сојуз од Авганистан. (Аналогијата не е сосема соодветна, имајќи предвид дека СССР тогаш беше предводен од Михаил Сергеевич Горбачов, личност сосема различна од Владимир Путин.) Сегашниот размер на уништување на руските воени сили е неодржлив за Русите; така што не е сосема незамисливо Русија да ги предаде своите позиции на проруските „милиции“, да прогласи победа и да ги повлече своите редовни воени сили.
Превод: Томислав Захов
Автор: Даниел Литл
Извор: Understanding Society